Чеплес - Солунска Глава - Караџица - Водно

Петок 19.09.2008
Се започна во петокот попладне кога една мала група од 6 члена на КПС Македон се собравмe пред железничка станица Скопје. Се сместивме во купето и тргнавме кон Богомила (едно од поголемите Велешки села кое за жал од ден во ден се повеќе се запоставува и пропаѓа).
Возот тргна во 18:20 а во Богомила стигнавме во 20:30. Попатно се забавуваме во купето а една од двете наши дами Анета беше толку љубезна па на џепот од елечето ми го соши и амблемот на КПС Македон.
20.30х Кога стасавме во Богомила, веќе на договорено не чекаше такси (за да стсаме побрзо нели до следната дестинација а тоа беше селото Папрадиште, бидејки беше касно а сакавме побрзо да стасаме во домот Чеплес. Значи кога ќе се стигне во Богомила, постојат повеќе можности да се стигне до домот Чеплес кој е на 1450 мнв.
Првата е со такси до рибниот ресторан Нежилово па оттаму има две опции: пешки по маркирана шумска патека лево од ресторанот (2 часа до Чеплес стрмна и напорна) или пак пешки ама по широкиот пат со многу вртење и пешачење околу 4 часа до Чеплес (лесна за одење ама досадна до бескрај хаха)
Втората опција е пак со такси но до селото Папрадиште, а од таму таксито остава кај селската чешма па се тргнува веднаш лево од чешмата низ селото и се доаѓа до една раскрсница каде што има дрвени патокази кои означуваат две патеки. Едната е жсечаж стрмна и напорна, а другата (левата стаза) е онаа кружната што излегува на широк земјен пат и е полесна. Ние ја одбравме кружната полесната патека.

Од Папрадиште тргнавме во 21:00 а во домот Чеплес стигнавме во 23:30. Пред самиот дом и покрај тоа што одевме навечер со челни ламби сепак благодарение на Боби забележавме капини па низ тоа трњето буткавме раце да скинеме по некоја капина (а тие пустите убави ммммм ..........). Повторно благодарение на Боби кој беше единствен од групата кој што се разбира од печурки, собра чоекот неколку крупни примероци бели печурки (и пак заборавам како се викаа ама нема везе) па така вечерта прво се сместивме во соба а потоа Боби набрзина ги спреми печурките и ги каснавме. Фала Боби одлични беа. Така заврши првиот ден-ноќ околу 01,00 по полноќ.

Сабота 20.09.2008 – Втор ден
06:00ч - Почеток на маратонот. 18 луѓе, кој расонет кој уште зева, ама нема везе сите тгнавме во колона еден по еден водени напред од нашиот водач Благоја од ПД Бистра.
06:50ч - Стигнавме на Долна Бабина Дупка 1680 мнв. Тука што има едно изворче ммммм една слатка студена вода оф оф оф.......Одморивме 10 мин и продолживма натаму. Е од тука (до следната контролна точка кај што не чекаше нов одмор а таа е Горна Бабина Дупка) се врви низ една прекрасна шумска патека. А бе луѓе, да не трошам зборови и да не се расплинувам со опишување зашто ќе се забораам. Ептен е убав тој дел од Долна до Горна Бабина Дупка, затоа појдете и уверете се самите (моја препорака).
08:00ч - Стигнавме на Горна Бабина Дупка. Е тука веќе заврши шумата. Заврши моето уживање. Но добро. Се отвори едно огромно пространство пред нас. Од лево глеаш висорамнини составен дел на Солунско поле, а од десно глеаш едни провалии крвта да ти се смрзне од страв ако ѕирнеш надолу. Е тоа се познатите Нежилови стени. Кај нив стигнавме во 09,00. А долу под нив извира Бабуна, ама толку доле и толку длабоко што нема шанси да чуеш жуборење од реката. Напротив извира некоја магла па одвреме навреме те дезориентира кај си. А ладнооооо (бррррр) и сега се ежам коа ќе ми текне (дуваше некој ветер не многу јак ама влегува у коски, мајко моја). Е тој ветер богами не пратеше до крај на денот се до Караџица. Ама има време за Караџица.
09:50ч - СОЛУНСКА ГЛАВА (камен ладно, тоа оградата на војската целата испрскана од оној снег што го викаме од љутина). Не пречека еден војник, по 10-ина минути му текна и чај да донесе (таман толку ни требаше да се оладиме). Бидејќи навистина беше ладно со ветер и облачно, продолживме кон нашите следни цели.
11:40ч - Јурукова карпа. Тоа е местото каде што извира Кадина река (неа мислам дека сите ја знаете поради оној прекрасен мост на кој колку и да поминуваш никогаш не ти е доста, стално има некоја магија на тој мост). Рекава извира од под земја, се создава едно мало езерце и од него почнува да тече еден млаз тенок како кога печеш ракија и од тој млаз се создава онолкава река.
13:30ч - После неполни 2 часа одење нагоре надоле веќе и јас почнав да губам ориентација каде сум, се појави еден срт кој што ми беше познат зашто веѓе сум бил на него. Лево од него ако продолжиш по него ќе отидеш доле во с.Патишка река. А под самиот срт доста стрмно под него пак нови езерца. Е овие се викаат Салакови езера. Слична приказна, од овие две се создава на истиот начин како Кадина река, само што оваа се вика (нормално нели по езерава го добила името) Салакова река. Е овде конечно напраивме подолга пауза (15 мин) колку да стаиме нешто конкретно у уста (зашто она претходно што го јадев некоја енергетска храна само ти прави раздор у желудник и ти го отвара апетитот поише. Откако одморивме, јадевме, се пресоблековме и кој знае што уште сме правеле, тргнавме кон дом Караџица. Од тука натаму веќе следеше само спуштање надолу. Прво низ едни полиња кај што имаше многу овчари со своите овци ама и многу овчарски кучиња. Препорака: најмалку тројца у група иначе мислете му ја.
После полињата влеговме во шумата а малку потоа почнавме по Кадина река и така покрај неа се до Караџица.
18:00ч - Конечнооооо. Живеев за овој момент, да влезам во Караџица, да се сместам во една од собите, да остаам ранецот на еден од креветите и да се симнам долу и да уживам. Мојата драга претседателка Мила, која што за жал немаше доволно кондиција да ги сврти Јурукова карпа и Салакови езера, стигнала 2 часа пред нас во Караџица, бидејќи од Солунска глава заедно со Боби кој што како прав џентлмен ја придружуваше цело време, скратија па преку Бегово поле директ во Караџица. Е тие двајца веќе обезбедиле соби, па така веднаш се ослободив од ранецот, земав тенџерињата и почнав да спремам вечера (се што ми тежеше во ранецот стаив на маса. Набрзо пристигнаа и Анета и Макси (тие исто скратија преку Бегово поле а Анета баш ми фалеше за друштво). Но нема везе, се разјадовме тука долу во трпезаријата си се расприкажавме еее..... и замсли дури во 21:15 си легнавме. Во Скопје у 21:00 не сум легнал мислам од коа завршив основно а и тогаш прашање дали сум легнувал тоа време. Ама затоа другиот ден стануваш во 05:30 одморен наспан (додуша се будевме ние и у 01:30 и у 02:38 и појма неам кој кога се будел, некој заради пиење вода, друг заради посета на тоалет, трет зашто се наспал у меѓувреме па незнае што да прави и продужува да спие......)

Недела 22.09.2008
05:30ч - Будење. Набрзина се спремаш, диплиш постелнина, пакуваш ранец, се облакаш малку потопло зашто е многу рано и доста ладно за разлика од Скопје, го ставаш ранецот на грб и се симнуваш доле во трпезаријата. Тука не чекаше топол чај.
06:00ч - Поаѓаме од домот Караџица. Уште е полуразденето полутемно. Ладно, со ракавици и капи на глава, сите од групата тргнавме со намера да стасаме на врв на Водно.
06:30ч - Стигнавме во село Алдинци. Продолживме низ шумата стандардно.
07:15ч - Мостот на Кадина река. Оној мост што го спомнав и порано. Си стои тој, си поминуваат преку него луѓе, а под него тече Кадина река. Прекрасно.
08:25ч - Празни торба. Од мостот на Кадина, само што ќе се тргне по патеката што води кон месноста Преслап, се одвоивме лево по една стрмна патека недоволно разгазена, па преку некои пољанки, цело време стрмно и напорно, стигнавме на местото Празни Торба. Тоа е всушност на ридот наспроти село Алдинци, кое го гледавме на спротивниот рид низ кое поминавме пред 2 часа. Од тука започнува само спуштање надолу се до Марков манастир. Овде напраивме пауза скоро пола саат, доручек, наполнивме вода од изворот. Местово го добило името по тоа што водата од изворот е толку убава, па дури и да ти била празна торбата кога ќе дојдеш овде доволно ти било само вода да се напиеш. 09:25ч - село Цветово. Конечно таму некаде во далечина почнаа да се гледаат Марков манастир, долно Соње, Горно Соње и крстот на Водно. Од тука полека полека се надолу за два часа стигнавме во Марков манастир.
11:25ч - Марков манастир. Овде направивме подолга пауза (15-20 мин) бидејќи беше верскиот празник Мала Богородица, па некои влегоа во манастирот запалија свеќи, други се истегнавме во дворот симнавме ранците од грб, каснавме нешто и потоа пак се во ранец, па тој на грб и правец кон Водно.
Хехе, рано е за Водно дечки. Кога ќе се напушти селото Маркова сушица кај што е Марковиот манастир, започнува искачувањето на Водно ама од задната страна (онаа што од Скопје не ја гледаме). Прво се поминува низ едни полиња со Лозје. И бидејќи периодот беше баш за грозје, како поминувавме по патот покрај лозовите плантажи секој од нас загледуваше лево десно и само забегувавме лево десно да скинеме по некој заоставен грозд грозје. После два дена акање по планини нагоре надоле, по дожд и ветер, по калови и прашини, како добро доаѓа грозјето уааааууууу. Ама велат се што е слатко кратко трае. Па така и грозјево.
После лозјата полека почнува да се наближува прво долно Соње, па после половина час качување нагоре и горно Соње. Овие во горно Соње имаат и селска чешма, па можеш да се замиеш да се напиеш...........а бе пауза се праеше пак.
Е, коа ќе се напушти и горно Соње, веќе почнува да мириса на Скопје. Веќе се наближува крстот на Водно. Го гледаш прво некаде таму, па коа ќе му се доближиш поише ќе се изгуби, ама нема кај да бега. Во 14:00 конечно стигнавме.
14:00ч - Пл. дом врв на Водно. Како што е редот нели, водичот Благоја напред на чело, а позади него наредени сите ние во колона еден по еден пристигнавме на врв на Водно. Во домот прво не пречекаа со аплауз па потоа следеше ракиичка или (сок за такви као мене што непијат), па потоа дојде свежа салата од зелка и краставици и на крајот ПЛАНИНАРСКОТО ГРАВЧЕ СО ОГРОМНИ КОБАСИЦИ. Леле како убаво ми легна тоа гравот. Се сместивме на една маса ние од КПС Македон (Мила-претседателката наша, Боби, буразерот мој Миле и јас нели). Па коа се отпуштивме, па муабет, па дипломи за учесниците .......... не ни се стануваше.

Ај да се уозбилам во текстов и да резимираме:
Значи за 2 дена поминавме речиси 80 – 85 км. Тие што мислат дека е шала, е па не е. Сакам да им честитам на сите што го изгазија и ова 27 по ред издание на овој маратон. Посебно на мојата претседателка Мила, која беше единствена претставничка на поубавиот пол, и ги изгази ови 80 км без никаков проблем. Се на се,си поминав убаво тој викенд а се надевам и другите учесници. Ако ви се виде интересно ова наше шетање, пробајте го и вие ама претходно добро набилдајте се со кондиција планинарска зашто навистина ќе ви биде потребна (има доста успони и спуштања, низ различни конфигурации на терен и низ различни временски услови).

Киров Бојан

Киров Бојан

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе