Четири алпинисти

Овој викенд, 6, 7 и 8.12.2008 година, јас и Игор, и уште два гостина на нашето друштво, Емилија и Елена, го поминавме на Даутица.

Тргнувањето беше во петок. Поради големата гужва во градот, околу 16 часот бевме на автопатот кон Велес. Емилија беше одличен возач, надополнета од уште поодличен сувозач- Игор и неозбилна држава- Македонија.(...нафта немаш никаде, приватна пумпа тек во Велес..) Но зборот одлично, не џабе го употребив два пати во претходната реченица.

Пристигнавме во Богомила околу 18 часот. Веќе беше стемнето. Таму, пред кооперација чекаа дојдените со возот од Скопје. Но што чекаа? Превоз.

Нема да има организирано ноќно пешачење до домот Чеплес. По разговорот со тамо присутните и по цврстиот наш став, да не се делиме четворицата, ноќното качување од с.Папрадиште , го заменивме со ноќна вожња во отворен жолт камион. Супер е да се проба!!

Ние им се придруживме во Нежилово кај рибникот, каде што Камионот направи кратка пауза..“почекајте малце да земе нафта од Мичиген“.(види фото 18)

Вожњата беше убава, сите бевме забарикадирани, склопчени, гранки не фрчкаа од сите страни. Еден од присутните одлично искоментира: “Какви мазохисти сме, изложени на студ, ветер, траскање, гранкиве не камшикуваат, и плус плаќаме за тоа“ Имавме среќа што и не дуваше нешто ветер, па сите во добра состојба стигнавме.

Во домот се сместивме. Имаше кратко објаснување од организаторот, па сите на јадење. Со Игор морам да кажам дека одлично ги применувавме советите од Карас, од неговите предавања за исхрана на планина пред тури. Понатаму, одлично се покажа сето тоа. Вечерта рано си легнавме. Ја меѓу првите. Игор, единствен надвор, во шатор си ја сефтоса својата нова вреќа за спиење. Неговата насмевка следното утро направи да го скокнеме прашањето:Како беше спиењето?

Сите станавме, доручувавме и тргнавме по планираното, во 8 часот. 22 учесници. Локацијата беше Горна бабина дупка. Местото каде пред 10 години загинаа четворицата алпинисти на пат кон Солунска глава. Групата се движеше во колона, не со брзо темпо. Се направија неколку паузи. Времето беше пријатно. За целото време имаше облаци, не беше многу ладно се додека не искочивме на голото немаше ни ветар. Во далечина, кон Солунска глава имаше магла. Јас не успеав ни да ја видам, но затоа се запознав со Нежилови стени, кои изгледаат толку прекрасно и гламурозно. Човек само може да се восхитува на такво нешто. Полека излеговме од шумата. Ветерот веднаш почна. Сите се изнаоблековме. По кратко време стигнавме до местото. Горна бабина дупка. Тамо не пречека споменикот кој бил поставан ова лето. На него се положи цвеќе, запалија свеќи, имаше и три кратки говора и една песна која ја изрецитира авторот, а говореше за денот, 6.12.1998 кога и се случила несреќата. Околу сите бевме со насолзени очи, кој ги додржува, кој не успева. Подголтнува секој. Сите заборавивме на студот..Како ли да завршам...

... Од таму според претходно планираното, се поделивме во две групи. Едната, поголемата продолжи кон Солунска глава, а другата назад кон домот. Јас, поради психичката неподготвеност и (уште нешто по ваш избор) се вратив со 7 члената група. Надолу по патот видовме траги во снег од дива свиња, но свињата не ја видовме. Надолу беше убава пријатна прошетка до домот. Но не им беше така и на другите што продолжија до врвот. Ние нешто предвидувавме, дека има голем ветар и плус облак се спушти, дури ни стените не се гледаа. После тие кажуваа. Патот бил подзамрзнат и дувал многу силен ветер. Толку силен што прво се склопчувале доле и собирале сила, па станувале и правеле неколку чекори, после пак чучнувале и се така. За да не би ја довел целата група во опасност, водачот Цобе, на околу 20 метра од врвот дал наредба да се вратат сите. Ветерот и замрзнатиот снег си го направиле своето. Сите се вратија до 15:30, а ние ги пречекавме со честитки за постигнатиот успех.

Следуваше убавата супа и гравчето со колбаси. Сите се најадовме. Околу 18 часот беа проектирани два документарни филма за четворицата алпинисти. После прикажувањето следеше молк. Ја немаше постојаната бркотница на гласови. Толку многу луѓе во трпезаријата и никој немаше што да каже. Молкот доволно збореше.

Истата вечер, после 20 ч. играа нашите ракометарки натпревар против Србија на Европското првенство кое се одржува кај нас. Беше од голема важност а ние бевме полни со спортски дух од денот и навивавме сите. Преубава атмосфера се направи и сите се согласија дека ја даваме највисоката “поддршка“ од 1450м. Така денот се заврши со многу победи, а последна од низата беше песната. Недела 8.12, покасно будење, доручек и разделба. Прекрасен сончев ден, но со повеќе ветер од претходниот. Патот надоле кон Нежилово. Тргнавме по кратенката, во 11 и 20,убаво патче кое на крај оди покрај река. Кај колата бевме во 1 и 10ч. Го разгледавме и рибникот. Таму во дворот имаше срничка.

Јас: Јуху,ффјјјјјјј,мммцццццц,нннццц,нааааа. Од позади ми се доближи еден човек: Па што не ја викнеш по име? Па како се вика? -Петрана. КРАЈ.

Се одповика на името, беше доста питома, си шеташе по дворот и дозволуваше да ја галиме. Моите сопатници си земаа пастрмки за дома, па така да можете да бирате и да им се стаите на вечера. Тргнавме до Богомила, таму пиевме кафе и назад за Скопје.

Искра Геразова

Искра, Емилија

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе