Планинарска забава на Бегово поле

Пак одиме на Бегово. Втора година – добро е , ако издржиме може и традиционална ќе ја направиме. Па, дај Боже и другите да го научат тоа Бегово Поле каде е, и Солунска Глава – толку почитувана од планинарите, особено од оние што ги доживеале сите годишни времиња во еден ден качувајќи го врвот. Да, таква е таа Солунска Глава – горда, силна, непредвидлива, 2540м висока; колку пати сум се качила на врвот, уште толку пати сум се вратила на пола пат од него – што од густа магла, или снежни виулици, или громови среде лето … Признавам, со достојно стравопочитување ја гледам.

И ја сакам. Веројатно ќе ми се смеат, нели, глупаво е планина да сакаш; може да сакаш љубовник, може дете да сакаш мајчински, или миленичето што ти лае по дома, ама планина! Ммм да, еднаш кога ке почнеш со планинарење, не можеш да се отргнеш од планините. И, не постои повеќе термин како “немам време”, или “ обврските”, едноставно го ставаш ранецот на грб и одиш. Шуми, ливади, реки, поточиња, карпи, и што е најважно - простор – широк, слободен, до кај што ти допира погледот – а тебе ти доаѓа да полеташ од убавини …

Се залетав јас. А требаше за забавата да пишам збор-два.

Да. Значи, Бегово Поле – тоа е едно огромно поле што се наоѓа под гореспоменатата Солунска Глава, на нешто повеќе од 2000м надморска височина. Тука понира реката Бабуна (за да излезе од другата страна на планината од една пештера како прекрасен водопад); тука има бачило со некои стотина овци (овчарот беше толку љубезен годинава што не послужи и со тазе сиренце); има и еден стар, камен, полусрушен планинарски дом што чува спомени од некои минати планинарски времиња и чека да биде обновен … И има мрмоти – ако постоиш некое време мирно и тивко на полето ќе ги забележиш како излегуваат од дупките во земјата и трчаат наоколу. Личат многу на верверицки. И кога прашав во што е разликата, ми кажаа дека овие имаат само помала опашка, и, за разлика од верверичката што оди нагоре – по дрвјата, овие одат надолу- во земјата. Ете, научив нешто ново …

Инаку, во “организацијата” сум. Онаа група од 30-тина души – членови на планинарскиот клуб “Македон” што се зафати да организира журка на 2000 мнв, да ги донесе луѓето со војнички камиони до планинарскиот дом “Караџица” каде што се спиеше, да однесе музика и пиење на Бегово, да ги изводи и младите надежни журкаџии-планинари по планината од “Караџица” до Бегово Поле и да ги врати дома живи и здрави после 3-дневно журкање на отворено. Одлична забава. Имав впечаток дека сите заедно сме во организација и дека сите сакаат да учествуваат во се.

Гостите ги прифатија “планинарските манири” уште од самиот почеток И толку добро се прилагодија на тоталната нецивилизација, а сепак ја испочитуваа природата и нашите црни кеси за отпадоци … И, искрено, кога ги видов девојките така “средени” за журка во фустанчиња, се уплашив дека ја промашиле забавата и дека на пола пат ќе сакаат да се вратат дома. А тие се качија без проблем. И продолжија да се забавуваат горе како да стигнале до Бегово со такси, а не после тричасовно пешачење по планина. Е да, кога попладнето се вративме во домот веќе ни се собраа 6 часа пешачење и 5 часа журкање на чист воздух, а тоа буди апетит неверојатно.

Нашата драга армија не чекаше во домот со казан војничко гравче. Не можам да се сетам кога друг пат сум изела толкава количина грав. Имав уште толку сила да се симнам до логорскиот оган и да фатам позиција на клупите околу него за да го сварам гравот и да се подготвам за дежурство. Да, нашата претседателка Мила, морам да кажам дека се однесуваше како генерал (дали беше под влијание на војската што не обезбедуваше, или и е тоа во крвта, не знам, ама не тераше да држиме дежурства на смени од по 2 часа. И баш мене ми се падна да дежурам на најинтересното – од полноќ до два сабајле. Баш кога Шеќерниот свиреше на гитара кај огнот и таман сите се распејаа.

Седнав на “дежурното” место кај војничките камиони и шаторите, до огнот на војската, и почнав да “вардам” заедно со Мартин. Кога, ете го тој почна да вади компири од жарот, слатки, запечени, со кашкавалче, прсти да излижеш. Го извадив виното од ранец (виното е составен дел на стандардната планинарска опрема, покрај стаповите, свирчето, компасот, плинското и ред други работи), и, како што обично се местат работите кога сакаш да си поминеш убаво, од некаде се нацрта и Бране со кавалот, Ана - славејчето, и, се стори забава на дежурното место. Што убаво си поминав. Дури се нафатив и да ја менувам следната смена зошто ионака ми се одспа и се распеавме …

Следното утро ги размрдавме журкаџиите уште малку, ги однесовме до карпата “Жаба” – го добила името по тоа што навистина наликува на жаба, и им ја покажавме Кадина река со вировите каде што се бањаме во лето. Кратка прошетка од 2 часа низ букова шума и ливади со мајчина душичка. Штета немаше печурки – обично ги има таму па правиме невидени гозби во домот. Па добро, ќе ги спремаме печурките во некоја друга пригода, кога ќе ја качуваме и Солунска Глава со новите планинари …

Го пишувам ова по денешниот состанок на нашиот клуб “Македон”. Денес од состанокот излегоа нови лица, со нови зелени планинарски книшки. Тоа е тоа. Тоа ти се вика успешна забава!

Филдишевска Емилија Благодарност за поддршката на акцијата од Министерството за одбрана на РМ. Благодарност до спонзорите Скенпоинт, Swedmilk Македонија, Вегера, Life радио, Буба Мара радио, радио Равел, Рудине, Делфин, Micei International, Портел. Благодарност и до Спасителната планинска служба на Црвениот крст на Скопје.

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе