Есен на Китка

Есен во планина.. па има ли нешто поубаво отколку поглед на боите на шумите во планина, кога само есента може да ги искомбинира од илјадници нијанси, од жолта, па до таму некаде пурпурна. Па ако уште кон ова се доврзе и добро друштво, погодено време за качување...таман. Е, така беше и во сабота, 08.11.2008 година, или во превод, Митровден. Денот како таков, ел за оние кои се викаат Митре, Миле, Митко и слично, но нашата група од девет члена и покрај хендикепот да немаме таков со нас, си помина супер.
На зборно место, нова железничка станица, точно во 7:30 часот се собравме еден дел од договорените, така да со две возила од пред Драчево тргнавме кон с. Горно Количани. Во првата кола, Yugo- land cruiser (каде се не оди тоа чудо!) некако се сместија Мила, Искра, Тања, Боби и водачот Дуле. Како пратња во Lada Ливада една мала семејна врска: малата Лана, мајка и Ема, вујкото Џамбо, тетката Анета и комшијата Макси. Не знам зошто, но викаат комшијата имал битна улога во секое семејство со мало дете. Да нема забуна, во овој случај малото дете е црна женка лабрадор- Лана, атракција на ова искачување, стара само два месеци.

Кон Горно Количани одевме неодамна, по едно друго патешествие беше откриен од два наши члена и како подобра опција од асфалтот од Драчево, иако е сеуште само добро тампониран земјен пат, вцртан во нашите карти како опција за тој правец. Во Горно Количани стигнавме околу 8:30 часот кога и го отпочнавме качувањето. Како што веќе реков, времето за пешачење беше одлично, или што би рекле од УХМР, местимично делимично, со повремени интервали...
Самата патека цело време се движи отпрвин низ ниска а подоцна и низ висока мешана листопадна шума. Одењето низ шума во овој дел од годината е доживување само по себе. Човек би можел да оди бос по стазата која беше покриена со црвено- виолетови лисја. Во текот на целото искачување и симинање поминавме покрај 5-6 извори со чиста вода, некои дури имаа и кади, така да оние кои држат до хигиена не треба да се секираат за тоа. Додуше тушевите беа извадени...Значи вода има.

Но не е само водата тоа што го има на патот кон Китка. Прво налетавме на една пољанка со шипки (шипки бе, оние црвени топчиња што се ставаат во вода и се прави чај и мармалад, иако на теглите пишува Подравка?!). Малку погоре, веќе на патот кон врвот на Китка прав куриозитет, на наша среќа. КАПИНИ ЧОВЕЧЕ. Да, капини во ноември, да не ти се верува. Е тука подзастанавме малку подолго, греота така да пропаднат па и помогнавме на мајката природа околу “чистењето“ на плодовите.
Како група се движевме во колона, од време навреме подзастанувавме да се дивиме на погледот кон Јакупица и Голешница. Водачот си ја заврши својата работа професионално, така да екипата позади беше задоволна и без поплаки. На врвот Китка кој е на 1588м.н.в. бевме точно на пладне. Мала закуска, малку повеќе салати, по некоја ракиичка, имаше дури и падобранци. Тука имаше и еден натпревар со времето, односно трка со тајмерот на фотоапаратот на Искра. Во таа нерамномерна трка да се стигне од апаратот од завземање поза пред објективот резултатот беше 3:1 во корист на апаратот. Блазесе и на Лана, таа таму убаво си отспа една тура. Ова за неа е прво планинарско искуство.

По околу еден час на врвот по друга патека, спротивно од онаа по која се качувавме, тргнавме надоле кон планинарскиот дом “Китка“. Преку една падина од сега веќе црвен папрат, па повторно низ шума излеговме право пред домот. Прекрасна ливада, убава околина, три поголеми и три помали “викендици“, но сепак вкусот во грли ти станува горчлив со поглед на остатоците на некогашниот, можеби најубав, дом за планинари. Откако пред повеќе од 7-8 години изгоре, од него останаа само голи камени ѕидови во чија внатрешност за кратко време ќе има повеќе дрва отколку во блиската шума. Жално! Се распрашавме кај домарот на викендиците и тој ни рече дека ноќевње во истите чини 100 денари. Евтино.

По краток одмор, во 14:30 тргнавме назад кон стартно- целниот паркинг во Количани. Полека, во две групи, како што бевме распоредени во возилата и се симнавме по истата стаза по која и дојдовме до шумскиот пат. Во Г. Количани бевме во 17:00 часот по едно убаво и прекрасно пешачење. Се на се, сите задоволни, живи и здрави се вративме во своите домови, спремни веќе наредната сабота да се испробаме на ОРА “Соње 2008“, каде се надевам сите ќе покажеме колку сме вични во користење на лопати, гребла, копачи и голи раце. Секоја рака, мезе и ракија се добредојдени.
Поздрав...Макси

П.С. Би сакал да им се заблагодарам на сите учесници на ова качување за трпеливоста и разбирањето кое го имаа кон оние кои од било која причина на можеа малку побрзо да се движат но кои сепак ова релативно долго пешачење јуначки го изодеа.

Макси

Макси, Искра

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе