Рила, Мусала и Мајовица 9-12.10.2009

По повод 11 Октомври, денот на македонското народно востание против фашистите, се доби ден плус после викендот и една можност да се искористи овој период за една мала авантура во Р.Бугарија, на планината Рила, во поход по врвовите Мусала и Маљовица. Се организиравме во група од 16 души. Тргнувањето беше договорено во 23,30 часот од пред железничката станица во Скопје.

По 5 часовно возење, смеејќи се на непрекинатите шеги на Зоки, утрото стигнавме во Боровец. Набрзина ги спремивме ранците и најнеопходната опрема за качување. Беше мрак, за многумина од нас прво вакво искуство, на оваа планина, и пешачење во ноќни услови. Иако уморни и ненаспани тргнавме полека следејќи го начиот водач Дуле. Пешачејќи кон домот Мусала, уживавме во разденувањето и прекрасните глетки на планината, вискои борови шуми, прекрасни падини, пиејќи ладна вода од реката која ја следевме. Правејќи кратки паузи за одмор и да се собереме сите на број, накај 10,30 утрото пристигнавме во домот Мусала каде направивме пауза за одмор, јадење и уживање во прекрасниот планински предел. 

Оттука можевме да го видиме врвот Мусала. Времето беше прекрасно, сончево и топло, терајќи ги некои да планинарат по кратки маици и панталони. Продолживме и искачувајќи го карпестиот предел стигнавме до местото Ледното Езеро каде има заслон во вид на куќичка. Ослободувајќи се од дел од товарот и опремата што ја носевме го продолживме патот кон врвот. На врвот направивме неколку групни фотографии и поуживавме малку во прекрасната глетка од највисокиот врв на Балканот.

За симнувањето имаше две варијанти: да се вратиме по истиот пат по кој се качивме или да направиме отстапка и да се вратиме одејќи по сртот кој го заобиколуваше езерото и полека да се спуштиме до патот по кој се искачивме до домот. Во придружба на две планинарки и еден планинар од Бугарија, неколку души се одлучивме на овој предизвик незнаејќи што не чека. Продолживме следејќи ги водачите, качувајќи се по цврстите карпи, со алпинистички маневри и со мала доза на исплашеност стигнавме до врвот Мала Мусала. По направените фотографии со голема возбуденост продолживме по растреситите карпи да се движиме по сртот. На кратка пауза го свртив погледот кон езерото, кое поради големата висина на која се наоѓавме и стрмниот терен, изгледаше толку мало што тек сега свативме каде се наоѓаме, каков пат сме изминале и што не чека. Растресити карпи што секој момент може да се обрушат надоле, лизгави и стрмни терени што ако не внимаваш лесно можеш да предизвикаш опасност за себе и за другите беа дел од предизвиците што требаше да се совладаат. Во тесна група, следејќи го нашиот водач Дуле и слушајќи ги советите на искусните Мила, Елена и Дарко успеавме некако да се спуштиме доле до патеката која води до куќичката каде бевме сместени. Конечно на безбедно.

Тек сега осетив колку сум уморен. Никогаш досега не сум бил толку уморен. Во заслонот со Фросина кратко јадевме и веднаш легнавме да спиеме. Договорот беше во 4 наутро да станеме и во 5 да трнеме надоле, до местото каде што се истоваривме, за накај втората цел, врвот Маљовица. И за враќање надолу времето беше на наша страна, сончево и бистро небо. Уживавме во прекрасните глетки кои ги нуди оваа планина. Пред да стигнеме во местото Маљовица, застанавме во градчето Самоков, да се освежиме со потребни намирници, овошје и слично. Во Маљовица стигнавме сабајлето и набрзина се спремивме да тргнеме накај домот каде што требаше да преспиеме. Со забрзано темпо стигнавме во домот, се собравме сите и еден дел од групата реши да оди до врвот, а другиот дел порадни замореност од претходниот ден, решија да останат во домот и да уживаат во природата. Овој дом за разлика од тој пред врвот Мусала, е на пониска висина, и поатрактивен, поопремен и попривлечен за туристи. Така, кога пристигнавме имаше голем број на бугарски и странски туристи, планинари, кои дошле да го освојат врвот или да вежбаат на карпите кои беа перфектни за алпинизам. Во група од 11 души тргнавме накај врвот Маљовица. Долината преку која одевме беше прекрасна: карпи низ кои се гледаше течението на рекичката, зелени грмушки на сите страни. Времето овојпат иако сончево со повремени облаци. Продолживме со забрзано темпо да се искачуваме по карпите накај врвот, поминувајќи низ прекрасните езерца. Времето ни покажуваше малку нестабилност, мали облаци проследени со ветре, кое качувајќи се погоре доби поголем интензитет. На врвот стигнавме во точно определениот тајминг од водачот Дуле, (16:10) според кој требаше да се качиме на врвот и симнеме во домот при стемнувањето. Врвот прекрасен. Поглед од каде преку облаците се гледаше врвот Мусала, надоле Рилскиот манастир. 

По кратко задржување и стандардното фотографирање, поради силниот и студен ветер што не зафати, и приближувањето на маглата почнавме да се симнуваме. Во домот останатите покрај одморот веќе беа спремни за мала прослава по повод роденденот на Иска и Руди. Вечерта ја поминавме прекрасно, пеејќи и смеејќи се на вицевите на Зоки. Утредента сите бевме на нозе во 7:00 спремајќи се за надоле, кадешто требаше да не чека комбето за накај Софија. Времето беше облачно и врнежливо. Но тоа веќе не беше проблем, важно беше што претходните два дена ни се погоди времето при искачување на двата врва. Со релаксирано темпо, малку накиснати стигнавме до комбето во комплексот Маљовица и продолживме накај Софија. Кој на шопинг, кој по јадење, времето за тргнување накај Скопје дојде. Пристигнавме касно вечерта, малку уморни, но сите со задоволство на лицата од поминатата прекрасна авантура. 

Маневски Наум

Наум и Фросина и другите

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе