Галичица – огледана во две езера

Деновите од 24 до 26 јули беа планирани за планинарење, алпинизам и бањање во охридското езеро. На голема штета на ентузијастите за качување по карпи алпинизмот отпадна поради не обезбедување на инструктор по алпинизам, но нивната голема желба за учење на нови работи допринесе за редовно одржување на часови по алпинизам во неделите по тој викенд. Но да се задржам на овој викенд.

Дел од членовите на Македон ( Сали и Искра) а со нив и Ана, Иван и Мима викендот го започнаа малку порано. Во четвртокот. Јас пристигнав во петокот во Охрид и со последниот автобус за св. Наум во 18.30 h (е затоа охриѓани не можат да развиваат туризам) пристигнав на местото Чоклино едно 2 km пред Трпејца. Таму се сретнав со останатите авантуристи и почнавме да ја бараме локацијата за поставување на шаторите. Место со фантастичен поглед. Се сместивме, почнавме со припреми за вечерата, а потоа со Сали излеговме на патот Охрид - Св. Наум за да ги пречекаме останатите. По 20 минути дојдоа Дејан, Дарко, Дуле, Тања и ...Со Дуле потоа останавме да ги причекаме и Дебарлиев и Зоран. И така јас си останав едно два саати на патот . По враќањето во кампот се договоривме: тргнуваме за Магаро во 3 часот наутро и околу 1 часот сите си исполегнавме. Само што склопивме очи и се веќе дошло време за будење. Нервоза на сите страни. Среќа брзо помина. Тргнавме малку покасно од договореното, околу 3.30.

Уште беше мрак и локалното население мирно си спиеше. По патот до Трпејца се запознавме со локалниот литературен пишан збор. И така смеејќи се стигнавме до локалните гробишта каде похрабрите (Сали, Дебарлиев, Зоран и јас) си наполнивме вода. Вода ко вода, со сите нејзини познати карактеристики. Без вкус, зелена, со нешто растворливо во нејзе. Ама тоа го приметивме мноогу покасно. Е па нејсе, нагоре само таа си ја имав и регуларно си ја испив. Цели 3 литри. И фала му на Бога ништо не ни се случи, ни мене ни на останатите. По малата пауза за да се раздени, Дуле, нашиот водач, тргна по вистинскиот пат. Преку камењарот во Зли дол. Самото име звучи непријатно. Тесно кањонче со карпи од страните и многу камења. И стрмно. Па едно 450. По некое време излеговме на хумусно тло кое изгледаше многу подобро од претходниот терен, но за враќање се покажа за доста непријатно. Пред се лизгаво. И да, исто толку стрмно. По стрмниот дел конечно шумичка и тоа во хоризонтала. Но набрзо и на тој дел му дојде крајот. Околу 8.30 за прв пат излеговме од шумичката и се сретнавме со топлото сонце. И потоа следуваше за мене барем најстрмниот дел. Одиш одиш, никаде нема крај. И така и така заостанував зад другите (Сали, Тања, Дуле, Дебарлиев, Дарко, Дејан и Зоран) па скршнав малку в лево. И што ќе видам. Поглед за кој сум читала во учебниците по географија за основно образование. Двете езера , Охридското и Преспанското. И параглајдери го шараа небото. Уживанција. А кога се качив на сртот ме чекаше излупена краставица за освежување. Ти благодарам Сали.

И така собрани сите осум членови продолживме до врвот. И тука точно пред врвот ги видовме првите маркации. Нема што, вредни биле охриѓани. Oколу 11 часот го освоивме врвот и по направената фотосесија тргавме назад. Нашиот водач за враќање реши да ги следи маркациите. Направивме еден круг до местото каде прв пат се сретнавме со сонцето. И не згрешивме. Кај не беше толку стрмно, туку се најадовме и малинки. Ммммм, и сега додека пишувам го чувствувам вкусот на малинките. Кога дојдовме блиску до шумичката ја направивме паузата за јадење. А и психичките подготовки за Зли дол. Потоа, полека, со мали паузи го совладавме и Зли дол и во 18. 30 се вративме во капот. Веднаш влеговме во езерото да се разладиме. Потоа следуваа кулинарските способности на отворено и во импровизираната кујна. А да, делот од групата што остана ни имаше приготвено салата. И так заврши и овој ден. Некој планинареше некој се бањаше, а Искра и едреше. 

Утредента со Сали и Дебарлиев станавме околу 5 часот и по раскревањето на нашите шатори отидовме на литургија во Калишта. Интересно доживување. Па мала прошетка низ Струга, доручек покрај Дрим и враќање назад во кампот. Во кампот веќе беше развиено ново пријателство со двајца исчукани (без навреда молам) охриѓани. Било интересно нема што. Малку сонце, плажа, вода и дојде крајот и на оваа авантура. Прекрасен викенд поминат со прекрасни луѓе. А и Галичица е прекрасна. 

Марија

Тања

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе