Белица и дел кон Солунска Глава

Веќе подолго време ни се провлекуваше идеја за искачување на Солунска Глава но од некоја трета страна а не од веќе испробаните патеки од Чеплес или Караџица.

Право место ни се виде од с.Белица од страна на Македонски Брод во познатото Порече. Гледајќи ја местоположбата на селото поблиску е од Скопје но за жал од оваа страна се уште нема соодветен пат, така да ја одбравме онаа подолгата, единствена варијанта – Македонски Брод.

Припремите беа извршени „базно“ во Скопје, поаѓање со возот за Kичево во 16.30 часот а од тамо со обезбедено комбе од страна на колегите од Кичево и ПД „Два Камна“ до с.Белица. Една група од екипата до Кичево дојде со автобус. Во автобус се знае – 50 души за 50 седишта, а во возот ... 1000 души на 200 седишта. Ние имавме карти за стоење во вагон 1, партер лево, места број 1, 2, 3 и 4. Роко не би бил Роко доколку не ни приреди некоја прошетка во Кичево надвор од агендата. Жртвувајќи го почесното место како кум на роденден кај кумчето Марјан, не прошета по некои кафулиња и кафанчиња да се окрепиме по „долгиот“ пат. Кога се собравме на купче дојде комбето кое не однесе до Белица. 

Домчето во кое преспавме е на Пеони, кои ни го понудија како „базен камп број 1“. Убаво домче во бившо училиште нудеше добро сместување и убава топлина. 

Утрото во сабота по крати припреми и доручек тргнавме нагоре околу 07.00 часот. Времето не беше баш како претходниот ден, се погоди облачно но добро за пешачење. Така ни се чинеше отпочеток, но по едно два часа почна да врне дожд ситно но сигурно. Убавина. Дел од нас пред два викенда се движеа по оваа патека но само до некаде. Подоцна користејќи се со искуство и ГПС продолживме кон Солунско Поле и нагоре кон Солунска Глава. Патеката во првиот дел водеше низ шума од која по една јака стрмнина искочивме под Солунско Поле. Стрмата патека прекриена со висока трева и камења под неа како и дождот кој не престана да врне ни го отежнуваше движењето. 

На некојси 100-тина метри под Солунска Глава времето значително се влоши со јак ветар, дожд и магла, така да едногласно се согласивме да се вратиме назад. Недовршена акција, но времето ни го наметна тоа, поготово што се движевме по, за нас, непознат терен. Надоле уште бетер отколку нагоре, мокро и лизгаво, така да не ќаривме баш време во симнување. По неколку пируети, двојни аксели и наоѓање на изгубени „овци“ во Белица пристигнавме по околу 12 часа пешачење онака здраво искиснати и мокри и уморни, а и гладни. Благодарејќи на брзата интервенција од побрзите членови кои веќе запалија оган и ја загреаа собата, сето она што го изминавме беше брзо заборавено, поготово кога стокмивме софра и се опуштивме во опуштена атмосфера. Веќе информирани за возниот ред на Македонски железници имавме време да си дозволиме подолго спиење. Другарчето со комбето дојде во закажаното време така да имавме доволно време и да одмориме во Кичево. 

Дождот ни беше повторно придружник и во градот кога онака ненајавен не испрати се до возот. За среќа имавме резервни кабаници, облека и папучи во разни бои така да штетата беше минимална. Во возот овој пат имавме повеќе среќа така да сега имавме едно цело купе за седење и две места во депанданс, во друго купе. Па не не собираше сите во едно, ова се купиња од лукс класа со само 6 места за седење. Кога се симнавме во Скопје, од железничката станица пукна еден преееекрасен поглед кон Солунска Глава, која до тогаш толку чисто не сум ја видел. Ама кристал, што да кажам. Ако ако, таа си е тамо, а ние сме трпеливи, ќе и се качиме пак. 

На оваа тура трпеливи, промрзнати, уморени и искиснати, но не и со паднат морал беа Искра, Дуле, Дебарлиев, Мила, Анета, Аце, Дарко и Макси. 

Им благодариме на Спелеолошкото друштво Пеони за понуденото засолниште во нивниот топол дом, членовите на ПД „Два Камна“ од Кичево за туристичката прошетка во нивниот град и на возачот на комбето кој без збор не однесе и непланирано не врати во Кичево. 

Веќе коваме планови за повторно искачување и завршување во целост на оваа замисла. 

Макси

Макси

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе