Мурато, мај 2011

Од 7 до 9 мај 2011 г. група планинари од КПС „Македон“ (Алек, Петар, Александра, Боби, Катерина, Даре, Аце и Искра Д.) учествуваа на традиционалниот марш посветен на Димитар Илиевски – Мурато кој оваа година се одржа по 22-ри пат. 

 

Распоредени во две коли тргнавме за Битола на 7 мај околу 18 часот. 

Пред хотелот „Молика“ стигнавме околу 21 ч. Ги оставивме колите на паркингот пред хотелот и се упативме кон планинарскиот дом „Копанки“ (1552 м.н.в). Гласната музика од звучниците поставени на столбовите од жичарата не‘ придружуваше во текот на качувањето. Во домот веќе имаше околу дваесеттина планинари кои се сместиле пред нас. 

Утрото Алек се погрижи сите да се разбудиме навреме и во 7 часот да тргнеме – девојките по кружната патеката која минува околу Ловечката колиба, а момците преку Камењарот. Силното сонце ветуваше убав ден. Живописната патека низ боровата шума ја поминавме релативно опуштено, без многу брзање. Направивме две-три паузи кои ги искористивме за да се напиеме чај. Теренот над Ловечката колиба до врвот Пелистер беше под снег, но искачувањето воопшто не беше отежнато. На врвот Пелистер (2601 м.н.в.) стигнавме околу 12 часот. Таму веќе извесно време не‘ чекаа момците. Бидејќи требаше да продолжиме кон Големо Езеро (2218 м.н.в.), а почна да дува и ветар, набрзина се сликавме и почнавме да се спуштаме кон Мало Езеро (2180 м.н.в.). Глетката од врвот навистина е прекрасна: Преспанското Езеро и планински падини покриени со снег кој веќе почнал да се топи, па затоа малку пропаѓавме. 

На Големо Езеро стигнавме некаде околу 15-16 часот. Мокрите чевли и алишта, но и силниот ветар ги спречија повеќето од нас да се прошетаат околу езерото, но неколкумина храбри сепак излегоа и направија куса прошетка. 

Следниот ден станавме околу 7 часот, појадувавме и почнавме да се спуштаме по Ниже Поле. Претходниот ден група планинари од ПК „Кораб“ ни дадоа одлична идеја да го посетиме манастирот Трескавец па решивме целосно да го искористиме времето што го имавме на располагање. 

Во Прилеп бевме некаде околу 12-13 часот. Тргнавме од Варош. Овојпат беше навистина топло, но среќа што одвреме навреме се појавуваше ветре и облаци. Пределот од Варош до Трескавец е многу живописен, со карпи во различни форми. Кога стигнавме во манастирот, веќе беше прилично наоблачено и се појави ветар. Даре, Алек и Боби решија да се качат на Златоврв. Останатите останавме да се стоплиме во манастирот. 

За Скопје тргнавме околу 20 ч. По пат не‘ фати дожд. Дома стигнавме околу 22 часот. 

Се на се поминавме одличен планинарски викенд, исполнет со многу активности, убаво време и дружење. 

Катерина

Дуле

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе