Папрадиште – Роденденска забава – Солунска Глава 24 - 25.11.2012

По предлог на Аце својот роденден да го прослави во Папрадиште, се собравме 12 планинари во 8:00 час. пред поштата кај Новата железничка станица.  Распоредени во 3 возила: Аце, Дуле, Јорг и Петар; Цаци, Лина, Оле и Дуле – Шулц и Ирена, Влатко, Боге и Љупчо. Од Патишка Река преку Солунска Глава за с. Папрадиште пешки тргнаа Алек и Дејан – БТ.

Тргнавме во 08:30 час. По кратко задржување во Велес и Богомила, пристигнавме во Папрадиште. Се сместивме во домот на Green Power од Велес. Околу 13:00 час. Дуле, Јорг, Боге, Јас (Љупчо) и двајца ловџии од Велес се упативме на Плавник.

Околу 17 час. Дуле, Јорг и Љупчо се искачивме на Плавник и веднаш се вративме во Папрадиште, каде веќе беа Дејан и Алек. Според нивното кажување, од с. Патишка Река во 06:30 час. тргнале од пред селската џамија. До првото бачило на околу 1.850 м.н.в. им биле потребни час и половина каде и направиле кратка пауза. Решиле да се упатат  во долината, помеѓу гребенот на Остри Врв и Караџица се до Убава, но движејќи се низ многу густата магла направиле неколку грешки,  што ги чинело некој километар плус. Кога се искачиле до врвот Убава, веќе излегле  над облаците и можеле да ја видат Солунска Глава. Од таму, со добро темпо на движење и без поголеми паузи на врвот стигнале во 12:15 час. Времето било топло, без ветар, каде останале околу половина час, користејќи го во уживање на сончевите зраци. Околу 16:00 час. веќе пристигнаа во Папрадиште, каде се приклучија на роденденската забава, која започна пред домот. Дружење, подготвување на скара, за подоцна, забавата да продолжи во домот, до доцна во ноќта. Ни се приклучија Мила и Анета и веќе собрани во голем број, можевме сите заедно да му го честитаме роденденот на Аце со роденденска торта.

Во неделата, во 05:30 час. Дуле, Јорг и Јас (Љупчо) тргнавме кон Солунска Глава, која ја искачивме за 4 часа. Околу 13 час. се вративме во Папрадиште, каде ги затекнавме нашите пријатели  како ги поставуваат двете клупи пред информативната табла во Папрадиште.

После заедничкиот вкусен ручек подготвен од страна на Алек, заминавме за Скопје.

И така успешно заврши оваа Роденденско – планинарско – работна акција на ПК “Македон”.

Љупчо Дебарлиев

Дуле и Алек

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе