Солунска Глава – Плавник - Нова Година 29.12.2012 – 01.01.2013

Членовите на ПК “Македон” организираа заедничка прослава за Нова Година во планинарскиот дом во с. Папрадиште. Според однапред договореното, на паркингот пред Железничката станица со комбе тргнавме: Душко, Боге, Петар, Ана Маткова, Снеже, Виктор од Кочани, Никола, и членовите на ПД “Два Камна” од Кичево: Гордана и Роко. По пристигнувањето во домот, веднаш започнавме со планирање на планинарските акции, кои беа предвидени за недела и понеделник.



Во неделата, во 06:15 час. Дуле, Виктор и Петар, тргнавме кон Солунска Глава. Утрото не беше ладно, се движевме умерено, снегот по пат го имаше многу малку. За околу два и пол часа пристигнавме до домот “Чеплес”. Не губејќи време, веднаш тргнавме нагоре. Над домот, веќе имаше доста снег и стануваше малку поладно. Некаде пред Долна Бабина Дупка, сретнавме траги од мечка, една од ретките што преживеала од ловџиите. Движењето веќе стануваше се потешко и потешко, снегот веќе го имаше во изболие. По кратка пауза на Горна Бабина Дупка и фотографирањето на убавите сртови што водат кон врвот, тргнавме нагоре. Движењето веќе беше побрзо, бидејќи снегот беше помал. Во 13 час. пристигнавме на Солунска Глава. Се појави и Сонцето и веднаш по краткиот одмор, почнавме да ги фотографираме преубавите пејсажи.

Веќе мораше да се тргне за назад, и околу 16 час. бевме во с. Папрадиште.

Во понеделник, на последниот ден од 2012 год. решивме да се упатиме во искачување на врвот  Плавник  (2.100 м.н.в.) на планината Јакупица. На чело со водичот Душко Христов, и останатите: Никола, Гордана, Виктор, Новко од Велес, тргнавме околу 07:30 час. движејќи се по маркираната патека која води до планинарскиот дом “Чеплес”, а  по околу 100 м. скршнувајќи лево, поминавме неколку  ниви за да излеземе на локалниот  пат. По овој пат се движат возила, кој исто така, води до планинарскиот дом “Чеплес”.

Одејќи нагоре можевме веќе да го забележиме врвот, кој блескаше со својата прекрасна  зимска убавина. На едно место од патот повторно скршнавме лево, за да се упатиме кон месноста т.н. Бачила, и движејќи се низ прекрасната букова шума, за половина час стигнавме до бачилата. Овде не пречека убава зимска идила, како и едно изворче од кое што наполнивме вода. Направивме кратка пауза за доручек, многу фотографии и откако се одморивме, продолживме кон нашата цел. Од овде престанува шумата, каде се движевме по неколку голи брда носејќи не до самиот врв, кој е навистина прекрасен. Поради убавото време кое беше сончево во целиот период од денот, можеше да се види и врвот Солунска Глава во нашата непосредна близина.

По краткиот одмор и неизбежните фотографии, дојде време полека да размислуваме за назад. Надоле се враќавме по истиот пат, каде сретнавме и една група од околу десетина млади планинари од Велес, кои тргнале  на пречек на Новата година во домoт “Чеплес”. Целата тура во просек траеше околу 8 до 9 часа, со нормално темпо и паузи.
А да, ќе заборавев дека по патот имавме и уште еден член, а тоа беше кучето Бруно, куче на локалните жители од селото, кое беше со нас цело време.

Откако убаво се одморивме, започнаа подготовките за Нова Година. Се дуваа балони, се чистеше домот, се местеа масите. Околу 17 час. пристигнаа и останатите наши членови: Мила, Зоки и Марија, кои беа задолжени за пастрамајлиите и пиењето. Подоцна, во домот пристигна и преостаната група, од околу 15 луѓе. Иако не се познававме со групата, бргу се вклопивме, сепак е ден за славење. Забавата ведна започна, се поставија вкусните јадења, започнаа ората и диско музиката. Прославата траеше до раните утрински часови.

Петар и Никола

Дуле, Виктор, Никола и Гоца

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе