Матерхорн 4477 мнв (јули, 2013)

Матерхорн – овој убавец на Алпите висок 4478 метри е сместен на границата помеѓу Италија и Швајцарија и без сомнение претставува еден од најпознатите врвови на планетата Земја. Врв што буди воздишки помеѓу планинарите и алпинистите, но и кај сите останати кои некогаш го виделе на фотографија.

А секој што барем еднаш се нашол во близината на Матерхорн ја почувствувал хипнотизирачката сила на оваа моќна планина која го држи вашиот  поглед заробен со часови во нејзините импозантни падини. Врвот за прв пат е искачен на 14 јули во далечната 1865 година од страна на седумчлена експедиција предводена од англичанецот Едвард Вимпер, при што дури четворица од нив загинале при симнувањето од планината. Оттогаш минале речиси еден и пол век, период во кој врвот бележи уште многу искачувања по различни насоки, меѓутоа и близу 1000 жртви. Матерхорн е желба на секој планинар, но врвот бара голема посветеност, напорни тренинзи и огромна психо-физичка подготовка, па така не е достапен секому.

Нашата приказна започнува на Матка во месец април, кога за прв пат стана збор заедно со Бојан претстојното лето да му се посветиме на Матерхорн.  Оттогаш па се до поаѓањето речиси целото слободно време го насочивме на индивидуални и заеднички тренинзи, а тоа мина многу брзо и дојде денот што со нетрпение го очекувавме...

15-ти јули, убав сончев ден, додека се возиме кон италијанското градче Червиниа сосема занесени во муабетите и музиката во позадина го здогледуваме за прв пат – Матерхорн. Следи момент на тишина, на воодушевување, на маѓепсаност од страна на овој алпски убавец. Се прашуваме дали ќе ни дозволи да ја имаме честа на стапнеме на врвот?

Се сместивме во камп во малото местенце Валтуранж и веќе следниот ден правиме еднодневна аклиматизација на Брајтхорн, врв висок 4165 метри до кој има лесен пристап и нуди прекрасен поглед, па често се користи за аклиматизациони искачувања во овој дел од Алпите.  При враќањето во Червиниа минуваме до канцеларијата на алпинистичките водичи да се информираме за времето и за рутата ‘Cresta Del Leone’по која го планираме нашето искачување на Матерхорн. За само неколку минути добиваме две крајно неповолни вести што целосно го разнишаа нашиот оптимизам – прво лоша временска прогноза и второ непроодна насока со многу снег и мраз по која никој не се искачил оваа сезона. Последниот обид два дена претходно завршил неуспешно и со човечка жртва. За време на деновите со лошо време седиме во кампот, правиме кратки трекинзи и размислуваме што понатаму. Факт е дека се наоѓаме во лошо време на погрешната страна од планината и ако сакаме воопшто да имаме шанса за освојување на врвот треба при првиот погоден момент да се префрлиме на швајцарска страна.

Сабота, 20 јули – Со првата жичарница се упатуваме до Плато Роса на италијанско-швајцарската граница, па од таму преку Теодуло преминот со тешки ранци преполни со храна и опрема пешачиме кон домот Хорнли сместен на швајцарскиот гребен на 3260 метри. За среќа наоѓаме место за спиење и остатокот од денот го минуваме во немо набљудување на врвот и по некој краток разговор со планинари и алпинисти од други краишта на светот. На спиење заминавме рано, додека сеуште беше ден, за да се одмориме добро за она што не очекува.

Будење во 3 часот наутро. Време за кратки финални подготовки, појадок набрзина и веќе е време да стартуваме. Нешто по 4 часот го напуштивме Хорнли и се упативме во исполнување на целта – искачување на врвот Матерхорн. Првиот дел од рутата кон врвот нема поголеми технички тежини, меѓутоа огромен проблем претставува ориентацијата во карпите и пронаоѓањето на вистинскиот пат. Тоа најдобро го почувствувавме уште пред јапонскиот кулоар каде залутавме премногу високо во десно, па сето тоа не чинеше непредвиден абзал и губење на многу драгоцено време пред да се вратиме на рутата кон врвот. Штом почна да се разденува веќе беше полесно, па освен кратки скршнувања воглавно лесно ја следевме насоката. Качувавме слободно ненаврзани се до бивакот Солвеј на 4003 мнв, што кога размисливме подобро не беше воопшто безбедна опција, сепак тоа ни овозможи побрзо да напредуваме нагоре кон врвот. А овде брзината значи навистина многу. Во Солвеј, мало дрвено засолниште среде огромната карпа, останавме 15-20 минути со цел да се освежиме и да собереме енергија. Потоа се наврзавме и продолживме понатаму, во овој дел рутата станува се поекспонирана и технички потешка, а телото и умот се позаморени како резултат на напорот и надморската височина. На околу 4100 мнв наидовме на една пречка која ни одзеде доста време и енергија, се работи за технички нешто посложено искачување, па траверс во лево под една превисна карпа, а самиот терен е крајно лизгав и покриен со мраз. Го минавме и тој детал и излеговме под ‘рамото’ на Матерхорн, место каде ги ставивме дерезите и ракавиците – бидејќи до тогаш качувавме со голи раце. На таа височина горе над нас се наѕираше врвот, додека лево и десно од нас беа импозатните стени на Матерхорн – источната и северната. Часовникот покажуваше дека веќе минало 10 часот, а тоа значеше дека сме бавни, дека е веќе доцна, дека мораме назад со оглед на временската прогноза која најавуваше драстично влошување на времето после пладне. Никој не би сакал да доживее невреме во среде стена на Матерхорн, на оваа височина, непредвиден бивак и непроспиена ноќ. Знаевме дека ако продолжиме кон врвот тоа може лесно да ни се случи, но враќањето назад едноставно не беше на дневен ред. Да се донесе таква одлука веројатно е уште потешко отколку да се продолжи кон врвот.

На околу 4250 мнв стигнавме до низата фиксни јажиња. Теренот е силно експониран со повеќе вертикални скокови од по 20-тина метри. Карпата е прекриена со слоеви на мраз и снег, а дебелите јажиња замрзнати, па сето тоа го прави искачувањето поделикатно и поопасно. Бојан го превзема ризикот и оди прв, целосно смирен, иако веќе ги користи последните атоми на сила. Јас качувам како втор со што имам дополнителна сигурност, но едвај собирам сила за да ја минам последната вертикална пречка. До врвот ни остануваат уште 100-тина висински метри по заснежена стрмна падина и ги минуваме со силно темпо. И самиот не бев свесен од каде се појави сета таа енергија – кога веќе ја здогледавме малата статуа на Св.Бернард сместена под самиот врв – тоа локален светец кој се смета за заштитник на планинарите. Си мислам, ќе  ни треба неговата заштита при симнувањето од планината.

На врвот сме! 4478 метри високиот Матерхорн е искачен, стоиме осамени таму на врвот на огромната пирамида, што сме ја гледале од деца на фотографии и на телевизија. Среќни сме, но немаме многу време за прославување, ова е само половина пат. Часовникот веќе покажува пладне, а облаците се побрзо го обиколуваат масивот. Започнавме со симнувањето кое ни оди бавно – неколку абзели на критичните точки, бавно премотување на јажето, збунетост, исцрпеност, дехидрација... само што ги минавме вертикалните скокови и се упативме кон ‘рамото’ нов проблем – удирајќи силно во стрмните карпи и лед ми се скрши едната дереза. Тоа дополнително не забави во наредните секции се до делот каде веќе немаше потреба од дерези. Облакот веќе не завеа, почна да провејува и замрзнат снег се посилно и посилно. Стана јасно дека единствената логична опција е ноќта да ја минеме во бивакот Солвеј на 4003 мнв, а до таму имавме уште кратко спуштање надолу и два абзела. Оваа мала дрвена куќичка со неколку легла не спаси од суровоста на планината и ни овозможи ноќта да ја минеме на топло и безбедно.

Следниот ден имавме солидно утро, но симнувањето надолу не беше воопшто лесно, сеуште бевме психо-физички преморени и се договоривме дека ќе внимаваме на секој детал. Не сакавме да ни се случи незгода на симнувањето кон Хорнли. Во домот се вративме во 11 часот и прво што направивме беше налевање со вода во огромни количини и конзумирање на вкусен топол оброк. Тоа не врати во живот и ни овозможи веднаш да продолжиме надолу кон жичарницата, па преку кратко пешачење до Плато Роса да се симнеме назад на италијанската страна од планината во нашиот камп. Таму не пречека Алваро – пријател алпинист од Италија кого го запознавме претходно во кампот, човек кој речиси 20 години чека да го освои Матерхорн од италијанска страна и среќата никако да му се насмевне. Пресреќен е за нашиот успех и заедно наздравуваме – со надеж дека и тој оваа година ќе успее во намерата.

Стариот лисец Алваро вели: ‘Cervino è Cervino’.  За Матерхорн човек може да слушне секакви приказни – но сите се само приказни додека не дојде овде и не застане под овој моќен џин. Нашата приказна на Матерхорн  заврши среќно и успешно, оваа заедничка борба со планината, но уште повеќе со самите себе, која ќе ја паметиме засекогаш. 

Александар Кирковски

Алек и Бојан

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе