Зимско искачување на Митикас (Олимп) 22-23.03.2013

Уште кога за прв пат се искачив на Олимп, пред десетина години, бев воодушевен од стрмните карпести врвови и кулоари, кои се издигнуваат речиси до 3.000 метри во височина близу морскиот брег. Се прашував како сето тоа изгледа во зима, покриено со снег и мраз, без вообичаената гужва од планинари што ја има во остатокот од годината.

За искачувањето на Митикас се договоривме со Един од ПСК “Бистра” спонтано, неполн еден ден пред поаѓање и набрзина направивме список на потребна опрема. Сите информации за искачувањето ги собирав од интернет, бидејќи не познавав некој што веќе бил во зимски услови на Олимп. Временската прогноза беше релативно добра, но со многу силен ветар, сепак, тоа воопшто не ни пречеше во намерата.

Од Скопје појдовме во петок рано наутро во 4 часот, за веќе во 08:30 час. појдеме од паркингот Горциа во освојување на планината. Планот беше дента да стигнеме до платото на музите на околу 2.600 м.н.в. и таму да ноќеваме во бивак, затоа што немавме информација дали ќе работи домот ‘Ch.Kakalos’.

Се движевме релативно добро, со оглед на претешките ранци и првата поголема пауза ни беше во домот кај Petrostrouga на околу 2.000 м.н.в. каде се напивме по еден топол чај и помуабетивме со група французинки кои престојуваа овде. На ова место има планинарски дом кој е реновиран и е во одлична состојба, а локацијата е прекрасна со извонреден поглед кон морската површина. Ние немавме време за губење, па за кратко време, повторно бевме во движење. Штом ја напуштивме шумата, започна вистинската борба со ветерот, премногу силен, речиси доволно за да не оддува од планината. Патеката води по еден гребен, се до последната поголема стрмнина пред платото, каде што има поставено сајла поради безбедност. На платото на музите ја доживеавме кулминацијата во борбата со ветрот, веќе бевме изморени и секој нареден чекор беше се потежок.

Но, среќата ни се насмевна. Домот ‘Ch.Kakalos’ беше отворен, во спротивно, копањето бивак на таков ветер и после толкав пат ќе беше ужасно тешка работа. Се сместивме во домот и за време на вечерата муабетевме на различни теми, но најпрво околу искачувањето на Митикас и што не чека наредниот ден. Нашиот домаќин Мајк, не импресионираше со својата скромност и богатата планинарска биографија: девет хималајски експедиции, северните стени на Матерхорн, Ајгер и уште безброј други искачувања за нас достапни само на сон. Кога велам за нас, не мислам само на мене и на Един, туку на сите македонски планинари и алпинисти, заедно. Околу 21 часот заминавме на спиење со намера да станеме во 5 часот наредното утро и со надеж дека ветерот, барем двојно ќе го смали интензитетот...

Утрото ме разбуди Един, малку пред да ѕвони алармот од мобилниот телефон. Почнавме да се подготвуваме, но надвор се уште дуваше оркански ветер, што не ни даваше многу надеж. Сепак, по утринскиот чај и консултации со Мајк, се одлучивме да појдеме кон врвот во 6:30 часот. Планината беше сурова, не беше воопшто лесна борбата со ветрот се до подножјето на кулоарите на Митикас и Стефани, каде интензитетот значително се намали. Овде ги ставивме и шлемовите, затоа што одроните на карпи и камења се честа појава, внимателно продолжувајќи по изохипса до почетокот на кулоарот на Митикас. Таму направивме мала пауза да земеме здив и се упативме во финална офанзива низ стрмниот кулоар кон врвот. Тоа беа околу 200 метри висински, исклучително тешки, по терен со стрмнина константно над 60 степени и максимален нагиб до 68 степени, според пресметките на нашиот ГПС- уред, по делумно замрзнат снег. Се движевме брзо во еден здив, што подлабоко забивајќи ги дерезите и грабејќи напред со цепинот, сами во тој суров стрмен кулоар на 2.900 метри височина, без ниту една трага пред нас...

Околу 9 часот го освоивме Митикас, покривот на Олимп, 2.918 метри надморска височина. Возбудата беше голема, чувството прекрасно, со зборови и да не може да се опише. Една моја желба стара десетина години, конечно стана реалност, во зимски услови да го искачиме Митикас на Олимп. Горе минавме 20 - 30 минути, направивме неколку фотографии и се запишавме во книгата на врвот. Во истата таа книга во која на лето дневно се запишуваат над 100 планинари, сега на прсти можеа да се избројат оние што тоа го направиле во текот на зимата. Но, нашата авантура не заврши тука, не чекаше спуштањето и знаевме дека треба да бидеме особено внимателни. Ни требаше малку повеќе време надолу, а три пати абзелувавме по 40 метри, пред да се најдеме на почетокот на кулоарот.

Во домот се вративме пред 13 часот и останавме околу еден час. Малку храна, чај, разговор со некои од планинарите, кои дента пристигнале во домот и фотографија за спомен со нашиот домаќин Мајк. На паркингот Горциа се вративме во 17 часот, веднаш продолжувајќи кон Скопје, со само една попатна пауза за да наздравиме со студено пиво за прекрасната авантура на Олимп. Навистина вредеше!

Алек

Алек

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе