Трпезница (2.585 мнв) - Чилипински Врв - Мала Враца (2.536 мнв)

Последните сончеви и топли денови за оваа година полека изминуваа, па бевме свесни дека кога ќе дојде и снегот на сите наши планини, искачувањето на некои врвови ќе биде многу тешко или можеби невозможно. Затоа, следејќи ја временската прогноза, заклучивме дека овој празничен викенд е вистинското време во целост да ја изведеме долго планираната акција, која ќе не однесе на врвовите Голема и Мала Враца на Шар Планина.

Акцијата предвидуваше една вечер да кампуваме, а тоа подразбираше носење на поголем и потежок ранец, исполнет со поголема количина на вода и храна, вреќа и многу други работи потребни за едно подолго патешествие, кое е долго околу 50 км.

Овој предизвик го прифативме 4- ца планинари и членови на ПК “Македон” - Петар,Боби, Диме и јас, Дуле - Шулц. Договорот беше да тргнеме од Скопје во саботата наутро. Па така, околу 6:00 ч. го напуштивме Скопје и се упативме кон с. Боговиње, а веднаш над него се наоѓа Ново Село, кое ќе биде наша појдовна и крајна точка за оваа акција.

Интересно е тоа што никој од нас претходно ги немаше посетено Враците и со нас немавме понесено никаков гпс запис за патеката и насока како да дојдеме до нив, туку имавме познавањето на дел од овој терен на Шар Планина, една мапа од планината и секако, желбата за една октомвриска авантура, кои беа нашите главни мотиватори да ја изведеме акцијава.

Откако пристигнавме во селото околу 7:00 ч. по кратки подготовки тргнавме по патот над селото во правец кон Боговинско Езеро. Околу нас насекаде шума со жолто-црвени бои, каде за околу 2 часа пешачење, пристигнавме до малата река, Смрека и преминот кој води кон Боговинско Езеро.

Продолживме по нејзиното течение по еден убав клисурест предел, со високи угорнини од двете страни, и по речиси 4 часа одење, веќе ни се разбистрија погледитекаде десно од нас се појави најпрво Мал Турчин (2.702мнв.) а веднаш над него и куполата на Титов Врв. Нашата насока беше кон запад, а во таа насока се издигнуваа Џинибег (2.610мнв.) и препознатливиот врв со својот изглед - Трпезница (2.599 м.н в.).

Се уште нѐ чекаше долг пат до нашата цел – врвот Мала Враца, а првата наша посериозна препрека беше Џинибег, кој го искачивме околу 11 ч. каде направивме неколку фотографии.

Полека се спуштивме од Џинибег и започнавме да се движиме кон Трпезница. Овде уживавме во погледите кон Белоезерски Врв, а особено надолу на јужната страна, кон прекрасните извори на реката Пена, на висчцина од околу 2. 400м.н.в, кои за жал немавме време да ги посетиме. Продолзивме да се движииме по изохипса, каде пред нас се појави Чилипински Врв (2.554мнв). За неполни 20 мин. веќе бевме на врвот.

Од врвот веќе се забележуваа во далечината Враците, на лево беше Бориславец и Родока, а веднаш на лево од нас, се отвори поглед кон убавото Боговинско Езеро.
Се спуштивме до едно големо седло и се упативме на десно, кон моќните врвови Враците.

Се движевме по мека трева, опколени со прекрасен предел, безброј безимени потоци и мали езерца, кои се полнат од подземните извори, кои во овој дел ги има во изобилство.

Движејќи се активно 10часа, некаде пред стемнување околу 17часот, се појави пред нас најпрво Голема Враца, а за кратко и Мала Враца, препознатлива по својот пирамидест врв.

Бидејќи веќе се стемнуваше, но и се спуштија темни облаци кои најавуваа дожд, не губевме многу време, па побрзавме со поставување на шаторите. Кампот го поставивме на седлото помеѓу двете Враци, на околу 2.200 мнв. На прв поглед не усспеавме да го лоцираме Горно Врачанско Езеро, иако знаевме дека треба да е во наша близина. Но, откако ги наместивме шаторите, направивме една прошетка наоколу, и веднаш го забележавме. Глетката беше преубава.

Веднаш ни заврна дожд, кој за среќе не беше силен и за кратко време престана. Имавме среќа, бидејќи ќе моравме да влеземе во нашите шатори и не ќе можевме да уживаме во прекрасната околина опкружени со моќните врвови. Вечерта беше свежа, а во еден период се спушти и магла. Но, и таа набрзина си отиде и веќе можевме да уживаме во кристалното небо, каде ѕвездите ни беа како на дланка, а веднаш пред нас се наоѓаше впечатливата Мала Враца, која личеше на џиновска пирамида.

Ноќта помина релативно мирно, а одвреме навреме дуваше и силен ветер.

Утрото се разбудивме со првите сончеви зраци, иако се наоѓавме на висина од над 2.000мнв. По кратка консултацјија и анализа на врвот Мала Враца, од каде и како би се искачувале - тргнавме во негово освојување. Неговта структура е доста каменита и доста стрмна.

Големата косина, надополнета со утринската роса, го правеше целиот терен лизгав и бараше од сите нас поголема концентрација и претпазливост при искачувањето. Внимававме да не налетаме на карпите кои можеа да не попречат, па дури и повредат. Но, сепак, успеавме да ја фатиме источната страна која беше огреана од Сонцето. Конституцијата на тој дел од врвот помеѓу карпите, изгледаше најлессен за совладување, и испадна дека сме во право.

За помалку од еден час, сите бевме горе. Глетката пленеше... Од едната страна, прекрасен поглед кон целиот масив на Кораб, на другата страна, сите врвови на Шара, се до Титов Врв, а наоколу, повторно безброј мали езерца.

Следеше фотографирање, малку ужина, восхитување од преубавата околина, сончање на октомвриското сонце и веќе требаше да се враќаме назад.

И повторно моравме да се договараме и правиме консултации за симнувањето, затоа што знаевме дека поради стрмнината и лизгавиот терен тоа ќе биде и потешко, отколку искачувањето нагоре. За симнувањето ни беше потребно повеќе време, а откако безбедно се симнавме, не чекаше на дланка, фантастичното Горно Врачанско Езеро.

Токму тоа, како и убавото сончево време, беа главната причина што останавме еден час тука, уживајќи со погледите сега свртени кон Голема Враца. Решивме дека тој врв нема денес да го искачуваме, туку тоа ќе ни биде мотив плус повторно да се вратиме во овој дел од Шар Планина.

Околу 11: 30 мин. кампот веќе беше собран и тргна нашиот пат кон дома, сега тој одеше во насока кон БоговинскоЕзеро, речиси по истата насока, но, овој пат, со свртување десно. После врвот Рудока, почнавме полека да се симнуваме кон езерото. Одевме по патот заедно некако со голем број извори и потоци, од кое се полни тоа езеро, а потоа, околу 13 часот се појави и долго очекуваното и најголемото езеро на Шар Планина на 1.936мнв. Тоа значеше само едно: време е за одмор и уживање, и фаќање по некоја фотографија.

Околу 14:30 часот веќе бевме во шумата под езерото или над Ново Село.

Во селото пристигнавме околу 16 часот, се отпоздравивме со локалните жители и за кратко веќе бевме во возилото на пат кон дома, опиени и исполнети со речиси дводневната октомвриска прошетка по Шар Планина и прекрасната Мала Враца.

Дуле – Шулц

Диме и Боби

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе