Врв Руен (2.251 мнв) Осоговски планини 03.11. 2013

Недела, рано наутро 6:30 ч., по договор екипата на ПК “Македон” се среќава на вообичаеното зборно место на паркингот кај Поштата на железничката станица. Излез од густата скопска магла што неѐ затекна тоа утро ни е планината. Го освојуваме врвот Руен на Осоговските планини. Тргнуваме со две коли и тоа: Петар, Дејан, Емилија, Цаци, Кате, Александра и Адријана. Стартувамe околу седум часот наутро, а не чека пат од околу час и половина. Најпрво се упативме до граничниот премин “Деве Баир” каде оставаме лични податоци за евиденција и се пријавуваме дека тргнуваме кон врвот Руен, кој се наоѓа на самата граница кон соседна Р. Бугарија.

Од подножјето на планината пред влезот на рудникот “Тораница” продолжуваме пеш околу 9 часот. Одиме по асфалтираниот пат околу 1.5 км., со густа шума наоколу, па скршнуваме кон една кратенка и излегуваме повторно на патот. Шумата останува зад нас. Таму во височините не следи одлично време, суво и топло, за разлика од скопската магла. Фаќаме кратенка по острата стрмнина со ниска трева, секој со своето темпо. Неколку помали паузи од пет до десет минути и повторно искачуваме. Тивко ветре и бучава од рудникот „Тораница“, кој не престанува со работа дури ни во недела. Најпрво ја искачуваме височината, па потоа се движиме по сртот, кој отвора неверојатен поглед кон Царев врв.

Питома планина, ниска вегетација, благ наклон кој несомнено бара одреден напор да се искачи. Како што искачуваме се повисоко и ветрот станува се посилен, а членовите на групата, секој со своите сили, кој побавно кој побрзо се движиме по сртот.

Врвот кој ни доаѓа од левата страна се гледa дури откако ќе ја искачиме целата должина на сртот. И стигнуваме на врвот Руен, предност им се дава на новите пргави членови, барем така велат :). На врвот сме околу 12 часот, означен како “кота 91” од граничната бразда меѓу Македонија и Бугарија. Малку сликање додека ги почекаме сите членови на групата на купче. Се засолнуваме во куќарката на бугарска страна од границата, мал одмор, ред муабет, ред сликање, ред потписи во книгата оставена со таа намена.

И следува момент кога една група бугарски планинари не прашува дали сме ние Македонците, бидејќи полиција не чека точно на врвот и треба што побрзо да тргнеме кон македонска територија

Се среќаваме со двајцата униформирани „чичковци“ и полусериозно, полу на смешка ни покажуваат која е браздата која ги дели двете земји и која смееме да ја поминуваме само со нивна дозвола. Ни побараа документи, им кажавме дека оставивме наш список со имиња и адреси долу на граничниот премин „Деве Баир“. Како и да е, се поздравивме и си продолживме по патот надолу. „Тенки“ со резервите на вода побрзавме кон бачилото каде имало извори. Кога стигнавме таму, две изненадување. Уште една патрола на граничната полиција и затворена чешма. Фини луѓе, па ни понудија вода.

Ни остана уште половина час спуштање до возилата паркирани пред влезот на рудникот. Полека ја оставаме планината зад нас, до некое наредно искачување. Се одјавуваме од „Деве Баир“ и на патот накај дома скршнуваме кон Кратово на краток заслужен одмор. Само пофални зборови за целата екипа, особено за водичот, планинар и Човек Дејан, кој одлично ја познава планината, беспрекорно не водеше и спаси нечиј живот со шише вода.

Секоја чест Дејан!

Во Скопје пристигнуваме околу 20:30 ч. Едно патување, едно доживување.

Hip-hip Hurray (x3) за Македон ***

Адријана

Адријана и Цаци

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе