Планинарска забава „Беличица 2013“

Во деновите 22/23.06.2013 г. (сабота и недела), во организација на ПК „Македон“ од Скопје, се одржа планинарската забава во с. Беличица. С. Беличица се наоѓа на 10-тина километри од Маврови Анови во правец кон Дебар, на 4,5 километри од с. Трница. До него се стига по добар асфалтен пат и е на надморска височина од околу 1.400 мнв.

Селото брои околу 30-тина куќи, црквата Св.Ѓорѓија и објект на ОУ „Цветан Димов“. Бидејќи во селото веќе подолго време нема постојани жители, а со тоа ни мали деца кои би посетувале училиштето, постоеше опасност истото да падне под забот на времето.

Согледувајки ја убавината на овој дел од националниот парк Маврово, како и на малиот број погодни објекти наменети за планинари, по низа активности, ПК “Македон” го зема на користење овој објект, со намера во понатамошниот период да го приспособи во иден планинарски дом.

Како веќе искусни организатори на планинарски забави на поголема надморска височина, (да го наведам тука организираањето на забавата на Бегово Поле на 2.000 мнв), а се со цел привлекување млади, како и приближување на убавините сега на овој дел од Македонија до луѓето кои го немаат почувствувано организираното планинарење, организиравме планинарска забава во дворот на училиштето, односно домот. Самата забава немаше да ја има горе наведената поента, доколку не беше органинизирано и искачување на Езеришки Врв (2.015 мнв). и врвот Меденица (2.163 мнв).

Како на настан кој што за прв пат го организиравме во с. Беличица, за само пет дена се пријавија над 150 заинтересирани, што претставуваше пријатно изненадување за нас.

За што покомотно престојување на посетителите и учесниците, од наша страна беше организиран превоз до с. Трница, од каде со умерено пешачење до домот беше потребно околу 1.5 часа.

Сите присутни беа сместени во веќе поставени шатори, во кои секој имаше свој подметач и вреќа за спиење и доволно место за ранците.

Веднаш по разместувањето, групата од околу 120 члена се упати до врвот предвиден за првиот ден, а тоа е Езеришки Врв.

Движејќи се низ дабова шума, за околу 30-тина минути излеговме на цветната ливада од каде несебично секој можеше да ужива во поглед на масиот и врвот Кораб.

По мала пауза, групата се упати кон Сенечкото Езеро и Езериште под самиот врв. Кај езерото, повторно направивме мала пауза за да собереме сили за последниот гребен.

Времето ни беше наклонето, така што на самиот врв направивме подолга пауза со панорамски поглед кон: Јакупица, Мавровското Езеро, врвот Сандакташ, Стогово со Бабин Срт, делови од Крчин, Дешат и целиот масив на Кораб.

На уживањето ќе му немаше крај, ако не се појавеја црни облачиња, кои се формираа во еден поголем црн облак.

Во две поголеми групи се симнавме до домот, каде што веќе имаше подготвен чај за да не згрее малку од дождот.

Одморени и најадени, сите се собравме на платото позади домот на закажаната забава со диџеј Ана, која со одлична музика, темпирана, ама баш кога требаше ја загрее атмосферата.

Не помина многу време, а благодарејќи на добрата музика и доброто друштво, журката си го фати редот.

Мештаните од селото не почестија со нивното присусутво.

Во добро расположение со убавата и добро темпирана музика, без било каков проблем, забавата полека околу 2 ч. по полноќ почна да стивнува. На поголемиот дел од посетителите им требаше одмор за претстојното искачување на врвот Меденица, но и одмор потребен на сите учесници. Една помала група, во ноќни услови се искачи повторно до Езеришки врв, уживајќи во ведрото небо, прекриено со безброј звезди.

Вториот ден, група од 40-тина учесници, предводени од нашиот искусен водич - Дуле, се упатија кон врвот Меденица. Уживањето во убавините на планината го финализираа, кога група од 30 учесници во акцијата, од кои 22 дами, го искачија највисокиот врв на оваа планина – Меденица (2.163 мнв).

За оние кои што останаа во домот, имаше организиран час по јога од инструкторот Ана Георгиевска, на убаво утринско сонце, во мир и тишина, кибицирани од сеирџии - кафеџии од страна.

Како полабава прошетка за оние кои останаа, беше организира посета на црквата Св. Ѓорѓија во селото, како и прошетка до месноста викана Суви Дол. Прекрасно место каде никој од присутните не можеше да ги скрие впечатоците од зелениот дол, врамен од двете страни со густа борова шума.

Како и да е, денот, сепак има само 24 часа, а часовите одминуваа полека, но сигурно, така што, дојде време да се мисли за назад. Како што беше планирано, повторно пеш групата се симна до с. Трница, каде веќе беа пристигнати автобусите, кои ги вратија учесниците од овој настан во реалноста на градското секојдневие.

Бидејки секој планинар по вокација е и екологист, членови од ПК “Македон” ги „растурија“ камповите 1, 2 и 3, каде беа шаторите и оставајќи ја природата чиста како што е затекната, ослободена од било каков знак или остаток кој би сведочел дека тука престојувала група од 150 луѓе два дена. Сепак, таму повторно треба да се вратиме.

Се надеваме дека со своето присуство, не го реметевме мирот на мештаните и дека раздвиженоста во секое населено место со млад свет, кој не ја нарушува природата е само добредојдено.
Исто така, се надеваме дека сите учесници отидоа задоволни од тоа што ние, членовите на ПК “Македон”, како организатори, им го подготвивме и дека повторно следната година ќе се видиме. Како позитивен коментар од неколку од учесниците беше дека само едно не чинеше – а тоа е краткото време од само два дена на ова прекрасно место, што ни дава мотивација и обврска догодина целиот настан да биде макар за нијанса подобар. Секако, примаме секакви добронамерни сугестии и критики, доколку во некој аспект сме пропуштиле нешто или имало било каков проблем или пропуст во самата организација.

Искрено Ви благодариме на присуството на сите Вас кои бевте на овој настан, бидејќи со своето присуство во таков број само ни давате поттик да размислуваме за продолжување на овој наш проект и искрено се надеваме дека било кој од Вас ќе продолжи да се движи по планините, организирани во било кој планинарски клуб или како поединец, кој што ќе се грижи за природата и „навлекувајќи“ што поголем број нови членови во ова наше планинарско семејство.

П.С. За малку ќе заборавев да ги споменам натрапниците – комарците, кои иако не поканети, оваа година ги имаше рекордно многу. Дајте сугестија како да се осигураме идната година да не ни се тупнат повторно така неповикани.

Макси

Макси и Дуле

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе