Викенд на Солунска Глава (2.540 м.н.в.) 14-16.11.2014

Турата ја планиравме подолго време, но се нешто искрснуваше и се пролонгираше. Најпосле, на состанокот на Клубот решивме нашата идеја да ја реализираме овој викенд и воопшто не згрешивме-:). Следејќи го договорот, ние - шестмина (јас - Снеже, Цаци, Петар, Ханс, Марија и Виктор) одиме во петок со воз во 17:10 ч за Богомила, па такси до Папрадиште и ноќно пешачење до планинарскиот дом,Чеплес. А останатите (Оле, Љупчо - Кос, Анетка, Ема и Кире) доаѓаат во сабота рано со автомобили. И започнуваме на железничка со "ситуација".

Јас стигам последна (поради ужасниот сообраќаен метеж) и се соочувам со веста на останатите дека карти за воз нема, возот е преполн, за нас место нема  ! Веднаш бараме решение за промена на планот, да одиме и ние со коли, но, мојата решителност да биде воз по секоја цена се исплатеше и се укрцавме во преполниот воз како "слепи патници" во делот на вагонот предвиден за погабаритен багаж со уште неколку ко нас.

Патуваме кон Богомила ко во Втора светска војна за Треблинка, но, поради невообичаените услови (гужва, нестабилно стоење и немање воздух), со многу смеа на нашите откачени коментари на кои не останаа имуни ни останатите "слепи патници", не почувствувавме кога помина времето и веќе стасавме во Богомила. Веднаш тргнуваме кон Папрадиште, но уште една "ситуација". Една од колите такси "прокува" . Среќа, многу блиску пред Папрадиште. Ханс констатира дека тоа е малер поради неговиот крст на врат свртен наопаку, го исправа тоа, ставаме челни лампи и наместо по стандардниот пат ( тргаме од патеката лево нагоре) со песна по широк каллив пат (само за трактор) кон планарскиот дом Чеплес.

Се движевме 2:30 часа по наместа каллив и лизгав пат во црни темници, но, сепак, успеавме да го воочиме убавиот водопади веќе знаевме дека сме многу блиску до домот.

По "наредба" на претседателот, а тој мора да се слуша "по член 1 точка 7 од статутот на Македон -:)" вечерта ја поминавме без капка алкохол. Смрзнавме ноќта, очекувавме реметење на сонот од Ханс, поради неговата ранобудност, но, не изненади само со гласно типкање на смс порака во ниедно време по полнок. Без оглед на "бурната нок", утрото сите бевме спремни на време да тргнеме до врвот Солунска Глава од оваа страна-за мене прв пат ;). Ги почекавме Кос и Оле кои стасаа баш како што ветија (не се ни сомневавме во исполнителноста на ветеното на Кос) и тргнавме во 8:30ч. со означување на почетокот со петарда.

Одевме низ прекрасен шумски предел, со многу дрвја, послан со паднати милиони лисја во најразлични есенски бои и излеговме на чистинка, од која возвишено ги гледавме Нежилови Стени, обвиени во плашт од бели облаци. Цело време Ханс ни пееше и не бодреше со нашата т.н. химна "По пат одам, за пат прашам". Првата пауза ја направивме на Долна бабина дупка на чешмата посветена на херојот од НОБ, Мицо Козар, каде надополнивме резерви со вода и продолживме кон Горна бабина дупка и нагоре кон врв.

Овој дел од патот ни го одбележа одлепениот Ѓон на чевлите на Виктор, но снаодливоста на Ханс го решија и овој проблем.

Пред врв не пречека покривка од неколку сантиметри мек и влажен снег, но со мал напор и малку лизгање сите стасавме до 13 ч. Не пречека војникот дежурен на војниот објект, кој не овековечи за спомен од оваа прекрасна прошетка и заминавме.

Под врвот во еден завет направивме одмор, и полека се спуштивме во домот, каде што не чекаа веќе Анетка, Ема и Кире. Дружбата ја продолживме со супа, мезе, скара и добра песна.

Наредниот ден имавме план да ги посетиме изворите на Бабуна, но, поради ситниот дожд, многу влажното време и лизгавиот пат од лисја, тоа го оставивме за некој следен пат.

Домот го напуштивме во 10 ч. и се упативме пешки кон с.Папрадиште по стандардната шумска патека, која на неколку места беше пресечена од рекички кои ни зададоа малку напор за прескокнување, но, беше забавно. Заигравме и оро околу едно дрво, за среќа!

За крај, онака планинарски ја посетивме и кафаната во Богомила, а кој што пиеше е јавна тајна . Во возот пак гужва и пак на стоење, ама сега во ходник . Возот си го нарековме "Велкоме ту Мацедонија" поради Ханс и неговиот поздрав во Велес на железничка станица.

Нешто пред 17 ч. бевме во Скопје и ја заокруживме оваа прекрасна приказна, со констатација дека беше предобро и дека наскоро мора да се повтори. Прекрасно е чувството кога си опкружен со позитивни луѓе, убаво време и позитивна енергија.

Огромна благодарност за Цаци која беше носител и реализатор на се да излезе совршено!

Снежана Винтовска

Сите

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе