Зимско искачување на Олимп, 09-11.01.2015

Планината Олимп е прекрасна во секое годишно време, но ако ме прашате мене најубава е во зима. Можеби затоа што сум приврзаник кон престојот на планина во зимски услови. Токму затоа и ја предложив оваа клубска акција во месец јануари.

За Грција заминавме во петок (09.01) рано наутро, група од шест планинари: Дарко, Дејан, Нина, Бојан, Блаже и јас – Алек. Во Литохоро пристигнавме околу 9 часот по грчко време и се најдовме со осумчлената екипа од белградскиот клуб “Железничар“ со кои од претходно бевме договорени ова искачување да го реализираме заеднички. По куса подготовка на опремата, стартувавме од паркингот Горциа на околу 1000мнв и првата цел ни беше домот “Какалос“ на 2650 мнв. До таму води планинарска патека долга 10-тина km, на која снегот започнуваше над 1400мнв и беше цврст и погоден за движење. Ваквите услови ни го олеснуваа движењето со оглед на тоа што носевме навистина тешки ранци полни со храна и опрема. Во домот пристигнавме попладнето по околу пет до шест часа пешачење, се сместивме и ги договоривме деталите за наредното утро. Најдоцна до 22:30 часот сите беа заминати на спиење.

Утрото се разбудивме во 07:30 часот и додека ги чекавме домаќините да го подготват појадокот ние ја средувавме опремата за искачување. Планинарите од Србија одлучија да се поделат во три наврски, додека ние носевме едно 60 метарско јаже со намера да го фиксираме само доколку има потреба. Временската прогноза навестуваше силен ветар до 80km/h, што и се оствари. Од домот појдовме во 10 часот, движејќи се многу пониско од летната патека која траверсира под стената на врвот Стефани. Ова е вообичаен пристап во зимски услови. Кога излеговме на краткиот гребен што води кон кулоарите на Стефани и Митикас ветарот беше најсилен, за да веќе под самите кулоари истиот драстично се намали. Всушност ветрот дуваше од северен правец, а кулоарите се со експозиција исток-југоисток. Според очекувањата снегот во кулоарот на Митикас беше во добра состојба, единствено на моменти малку повеќе мек. Тоа значеше дека нема да има потреба од користење на јаже, па полека но сигурно напредувавме кон врвот. На Митикас 2918мнв се искачивме во 12:15 часот и се задржавме триесетина минути. За наша несреќа врвот беше во облак и не можевме да уживаме во прекрасниот поглед што се нуди од овде. На симнување донесовме одлука да го искористиме јажето, при што направивме два абзела по цела должина на јажето од 60 метри. Останатиот дел од кулоарот го спуштивме ненаврзани, продолжувајќи кон домот по истата патека по која што дојдовме. Во домот се вративме нешто пред 15 часот на заслужен топол чај подготвен од домаќините. За одбележување секако е искачувањето на Нина како веројатно прва девојка од Македонија која била на Митикас во зима, но и српскиот алпинистички ветеран Милисав кој со своите 72 години стана најстариот човек кој се искачил на Митикас во зима. Сите задоволни од искачувањето попладнето го минавме во трпезаријата на домот дискутирајќи на најразлични планинарски теми и искуства, а домаќинот Михалис ги сподели своите искуства од повеќето хималајски експедиции и искачувањата на северните стени на Ајгер и Матерхорн. Постигнувања за огромна почит.

Наредното утро беше сончево и речиси без ветар. Планот ни беше по појадокот да се спакуваме и да тргнеме надолу, не чекаше долго спуштање до возилата. Меѓутоа лично не можев да одолеам на прекрасните временски услови, па без ранец и било каква опрема (освен двете бајли и фотоапаратот) во 09:00 часот се упатив уште еднаш кон врвот Митикас, ветувајќи им на останатите дека ќе се вратам во домот најдоцна за два часа. Занесен од убавината на планината, тишината и мирот кој владееше наоколу, се движев во навистина силно темпо и бев самиот изненаден кога стигнав на врвот и го погледнав часовникот: 09:35 часот – па така можев горе малку да се опуштам и направив 10 минутна пауза за потпис во тетратката и фотографии. Надолу повторно малку побрзав и во домот се вратив во 10:13 часот. Останатите веќе беа подготвени и тргнуваа надолу, а јас останав уште малку пред домот за да се освежам со топол чај и да каснам нешто за доручек. По пат за надолу се збогувавме со пријателите од Србија, до некое следно дружење, и побрзавме кон автомобилите. Првата цел ни беше вкусното гиро во Литохоро, а од таму да го искористиме убавото време на плажа во Паралија и да се освеживме во морските води во среде јануари. Прекрасна авантура што секако ќе се памети.

Алек

Алек

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе