Искачување на Вихрен, Пирин планина, 16-18.01.2015

Идејата за искачување на Мусала (2925 мнв), највисокиот врв на Балканот, среде јануари беше на пат за остварување, но покрај тоа што „цела Македонија“ реши да оди таму овој викенд, повеќе планинарски друштва од Македонија веќе го резервираа домот и немаше место за нас 4-рицата, и во 5 до 12 го променивме планот, ќе го качуваме Вихрен на Пирин, трет највисок врв на Балканот, втор во Бугарија. Кога размислив, идејата беше фантастична, долго време ми беше во план и бидејќи воопшто го немав качено си реков „Уште подобро!“.

Во план за одење бевме Петар, Димац, 2-јцата Дејановци и јас – Деско со една кола. Но во меѓувреме Алек и Един се договориле и тие да го качуваат Вихрен преку Џамџиев раб, малку алпинистички потфат, и така со нив во кола го земаа едниот Дејан, со што ние се растеретивме малку, да не се туткаме 5 души во една кола.

Договорот беше да тргнеме петок попладне околу 17 часот, за во Банско да стигнеме околу 22 часот, и да се сместиме во апартманите што ни ги најде Ќос. Така и бидна, со мало задоцнување од половина час поради работни обврски на Димац, тргнавме за Бугарија. Патот мина опуштено, со муабети „што како ќе биде“, малце зезанции итн. На граница за малку што не не вратија, поради фрки со пасошот на Петар, но се смилуваа цариниците да не ни ја упропастат турата и не пуштија да продолжиме кон Банско. Некаде околу 23 часот пристигнавме во Банско, на улица ни живо пиле, а ние се фрливме во трагање кај се наоѓаат тие апартмани на Ќос. Дејан се покажа како одличен навигатор и без ниедна утка многу брзо го најдовме местото.

Навидум запуштен објект во кој некогаш престојувале работници од некогашна фабрика која се наоѓала во близина, мислиш некое наркоманско дувло или бордел, но надворешниот изглед опасно лаже. Внатре одлично опремени соби со добри кревети, ормарчиња, емфапен прозори, одлично WC, да не речам дома немам такво, заедничка кујна со останатите, но тоа нас не ни беше многу битно, само сакавме услови да вечераме и да отспиеме за следното утро веќе да се упатиме кон планината.

Часовникот на Петар веќе почна да ѕвони во 5:15 часот наутро, а мојот 1 минута после неговиот. Петар можеби не беше ни свесен зошто му ѕвони часовникот, но јас веќе станав се измив, спакував ранец, и отидов да спремам појадок додека другите си ги вршеа утринските активности. Некаде околу 6:15 часот сите спакувани, најадени, напиени се натоваривме в кола и конечно се упативме кон планината. Банско мртво! Чат пат ќе сретнеш по улица некој да помине, или се враќа од град од претходната ноќ, или можеби оди на работа, трето нема.

Стигнавме на паркингот над Бандеришка пољана на 1650 метри, пред ски патеките, и оттука веќе не чекаше 1 час и 15-тина минути пат до домот Вихрен на 1972 метри. Денот веќе се будеше, а тоа утро само ние на планината, ски патеките празни, а подготвени за претстојниот ден. Временската прогноза беше „стакло“ за тој ден, чисто и сончево време. Од двете страни бевме опколени со високи ридови, прекрасна борова шума, снегот крцка под кондурите, погледите те опиваат, а допрва доаѓа целосната убавина од планината. По некое време домот почна да се појавува на видик, тоа претставуваше мало растеретување на ранците, кратка починка, освежување и упатување кон главната цел – врвот Вихрен.

Некаде околу 9 часот (8 по мак. време) го напуштивме домот и уште веднаш почнавме со пробивање на длабок снег, на почеток до колена, но подоцна и до половина, што навистина ни отежнуваше и ни влеваше доза страв „што ако горе е многу повеќе, и не успееме да се довлечкаме пред врвот“. По пат ни се придружи и еден бугарски пар, дечко и девојка, кои сакаа да го качат врвот. Со пробивањето на снег цело време бевме на смени, работевме како силна машина, како ратрак. Два и пол часа се мачевме со тешкиот снег, и пропаѓања во него, што ни одземаше доста енергија, а од друга страна му се инатиш, ќе го пробиеш и точка. По пат го сретнавме Дејан, кој се враќаше од врвот кон домот, а веќе го искачил со Алек и Един преку Џамџиев раб многу порано, но не се решил да се спушти оттаму. И тој малку со неговиот муабет не одврати од врвот кога спомна „горе има доста снег, многу се пропаѓа“, но душа јуначка не се предава, ако се пропаѓа, он веќе поминал, ќе одиме кај што одел, ќе видиме.

Дејан го оставивме зад нас, продолживме ние нагоре, тој надолу, за некое време веќе бевме стигнати на една чистинка пред искачувањето кон седлото пред врвот. Снегот тука веќе беше цврст, прилично стегнат, и веќе ни влеа надеж дека врвот ќе го достигнеме. Направивме мала пауза, ужинавме брзи шеќери, енергетски чаеви и сл. Спремни за стрмната угорница, која ја движевме изохипсно со мали качувања. Згрешивме можеби што не ставивме дерези подолу, но веќе тргнавме нагоре, снегот пролизгуваше, стигнавме до малку чист дел со камења и веќе поставивме дерези, и одењето ни беше ко песна. Парот од Бугарија при ова качување веќе не напушти, од недоволно опрема, бидејќи беше опасно за движење без дерези, ги поздравивме и почнаа да се симнуваат кон домот.

За кратко време излеговме на седлото пред врвот, каде што почна да дува доста силен ветер, можеби околу 70 км/ч. Погледите од ова место беа величенствени, од секоја страна се отвораа нови врвови, а падини и рамници во подножјето, а нашиот врв на сам старт да го качуваме. Ја качувавме последната стрмнина пред врвот која изгледаше доста долга, сите помалку уморни, се движевме нагоре со кратки паузи од 30-тина секунди, а ветрот и висината си го правеа своето. Петар во еден момент спомна „ене го врвот, се гледа стубот“, тие зборови малку не наполнија со енергија и константно без застанување се движевме до врвот. Како за прв пат искачувајќи го овој врв, ми ја пружија честа прв да стигнам на врвот. Беше точно 14:15 (13:15 по мак. време) часот, за точно 5:15 часа го искачивме Вихрен (2914 мнв) откако го напуштивме домот.

Кога зборував за погледи, додека не стигнеш на врв, никогаш нема да го доживееш врвниот поглед. На север се издигаше Рила планина со врвот Мусала, на запад поглед кон Македонија, најпрво Малешевијата и Осоговијата па во далечините да се здогледа и Шара како еден долг венец, на исток останати преубави блиски врвови од Пирин, и други планински венци, на југ во далечините рамниот Егеј до недоглед. Ова беше полнење на душата до максимум, поглед кој не се купува со пари. Величенствено! На крај сета таа борба со снегот, ветрот и угорниците се исплатеше, си велиш „за ова живеам“.

На врвот останавме околу половина час, се сликавме, ужинавме, се освеживме, се регенериравме, се наполнивме со свежа и нова енергија за надолу. Патот за надолу ни беше „обележан“, движејќи се со дерези и сигурни чекори се одеше ко песна. Стигнавме и до длабокиот снег кој го пробивавме, овој пат само се впуштавме во него, и некаде точно пред зајдисонце стигнавме во домот, каде не очекуваше топло гравче. Вечерта ни помина опуштено, лежерно, малку уморни, исцрпени, но сепак задоволни. Кроевме планови што да се прави следниот ден, дали ипак да се упатиме и кон Мусала, но сепак временските услови за следниот ден беа најавени за лоши, но и времетраењето на патот од Банско до Боровец не одвратија од таа идеја, но сепак ја оставаме за некој следен викенд ова зимо.

После доброто спиење, добро одморени, следниот ден, појадувавме, спремивме ранците и се спуштивме во Банско, каде направивме обиколка низ градот, некое кафенце и топло чоколадо во локалните кафулиња и го фативме патот за Македонија, за дома. На граница доста гужва, колони од возила кои се враќаат од Банско или Боровец, чекања по 1 час, но мина и тоа, стигнавме во Скопје, среќни и задоволни од одличната тура.

Вихрен се запиша во моето планинско портфолио, прв пат на овој врв, а зимско! А Пирин планина како доста убава планина која вреди да се посети повторно.

Деско

Деско, Димац

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе