Од Руен не очекував ништо, а добив тоа што не очекував (5.07.2015)

Исум дете од Истокот, Руен 2.252 ми беше прв врв што го искачив во тој дел од Македонија. Западот што уште еднаш ми се потврди е поживописен, богат со шуми и води, но и тука има своја убавина. Осоговските планини се благи, но долги. Нема некои тешки успони за искачување, би рекла дека Водно е пострмно. Но, затоа падините се распослани како зелен тепих на кој не му се гледа крајот.

Прошарани со различни цвеќиња и билки, таму видов најмногу мајчина душица на метар квадратен. А, исто и моторни возила.

Искачувањето беше организирано од страна на ПСК „Руен“ и ТД Осогово од Ќустендил, па средбата на македонските и бугарските планинари беше закажана на врвот.Ние од Скопје појдовме со ПК „Македон“.

Додека се искачувавме по пат не престигнаа фиќо, лада нива, томас моторчиња, мотори за рели, џипови, па си помислив дека уште и со хеликоптер не се симнаа. Бидејќи средбата е традиционална, и така е секоја година, тие си се навикнати, но не и јас, од планината барам мир и тишина.

Но, како инаку кога стигнав на врвот висок 2.252 метри, ќе видев баба. И тоа и го кажав, дека е правата баба што сум ја сретнала на врв. Ми се изнасмеа со збровите дека и не е толку стара колку што јас си мислев. На врв исто така за првпат сретнав и толку многу возила кои се искачиле, многу повеќе отколку што нас не престигнаа по пат. Исто така имаше народна веселба, се печеше скара, се продаваше пиво, се сврте по некое оро.

Имаше присуство и на бугарски и македонски полицајци, па оттука на бугарската страна на врвот можеше да се помине со лична карта. На планина вообичаено не носам документ за идентификација.

Група ентузијасти на кои им беше малку искачувањето на овој врв, се одлучивме да се упатиме на вториот највисок врв на Осоговијата, Царев врв. Кога на хоризонтот ми го покажаа каде е, не се догледуваше.

Си реков во себе „нема шанси“, па се предомислив дека можеби има. За на крај да се одлучам да се обидам. Тоа всушност ја карактеризира борбата со сам себе кога си на планина. Кога си горе, таа ти дава неповторлива можност да се погледнеш во огледало и како никогаш до тогаш да се соочиш со многу дилеми, сомнежи, стравови, среќа за постигнатиот успех. Тоа го доживуваш кога по изминувањето на одредена километража, ќе се свртиш зад себе и сам на себе не си веруваш кај си бил.

Од Руен до Царев врв одевме неполни два часа и изминавме седум километри. Горе имаше два рунирани објекти кои иако блиску еден до друг, припаѓаа на две различни општини на Крива Паланка и на Делчево.

Искачувањето на вториот врв ги задоволи нашите планинарски апетити и стандарди. Не водеше искусен водич кој има планинарско искуство од 30 години и планината ја знае на прсти. Секоја година на 2 јануари, традиционално го искачува Царев врв, предел кој заради конфигурацијата на теренот е лавинско подрачје. Па така всушност ги преживеал и двете лавини кои го погодиле во рок од 15 минути.

Но, не преживеа и нас, кога заради обраснатоста на теренот го згреши патот при симнување, па тоа беше вистинско пробивање до долу. После 20 километри поминати, тој последен километар беше најтежок, и се потврди дека ноќта е најцрна пред разденување.

Се спуштивме пред рударското окно на рудникот Тораница, и за прв пат видов окно, а за првпат видов и рудари.

И така, многу работи видов и доживеав за првпат, па од искачувањето на врвот Руен, не очекував ништо, а добив тоа што не очекував. Вкупно изодевме повеќе од 20 километри.

Тони Димитров

Бојана, Тони

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе