Магијата на Кораб: Кораб и Корабски водопад, 11-12.07.2015

Во мај се уште има снег по патеката од Рибница кон Рибничка скала, во јуни беа поројни дождови и неколку недели се откажуваа турите кон овој дел, па остана само уште овој термин кога би можеле да го посетиме најмагичниот планински предел во Македонија и да ја осетиме нагијата на Корабскиот водопад додека сеуште има малку вода.

Беа закажани две верзии на турата. Една камп верзија, за оние кои сакаа да уживаат во овој предел малку подолго и една еднодневна верзија за оние кои само сакаа да го видат на кратко овој магичен предел. Што се однесува до мене тука треба да се престојува, да се почувствува енергијата на оваа долина, да се биде споен со неа барем една вечери и веќе години наназад тоа го практикувам, но сепак не секој може да си го дозволи тоа од неколку аспекти, па така овој пат беше осмислена и една еднодневна варијанта за помасовно посетување на долината на Длабока река и Корабскиот водопад.

Корабски водопад е тура која неизбежно се посетува секоја година. Доколку не го направите тоа, како нешто да ви фали. Како да не сте исполниле некој многу важен дел од вашата годишна планинска агенда. Конечно, доколку не го посетите најпрекрасниот и несвојствен дел од планинскиот пејзаж, сликата нема да биде комплетна.

Неколку автомобили се упатуваат во сабота попладне. Стигнуваат вечерта, поставуваат камп и се подготвуваат за уживање. А останатиот дел од групата, неколку комбиња се чекаме рано наутро во недела и тргнуваме кон Маврово. До долината и водопадот се пристигнува од селото Рибница. Барем ние пристапивме така иако се пристапува и од Нистрово, а и од Бибај. Сепак патеката од Рибница е добра, од скоро фино маркирана. По патот меѓу Маврово и Дебар се врти во десно, но не каде што се врти за пристапување кон караулата од каде се искачува до врвот Голем кораб, туку на следното вртење на местото каде Рибничка река се влива во реката Радика неколку километри подолу. Има знак кој е доволно видлив, па патот не може да се погреши. Свртевме токму таму, уште пет километри по земјениот пат и паркиравме на ширинката после мостот. Од тука по макадамот, низ бачилото и веднаш десно. Тука често се прави грешка и се продолжува по патот во лево па може да се застрани. Патеката по макадамот на почетокот е тесна, но е фино обележана. Газиме низ поточиња и барички. На почетокот на селото е првата чешма, а до крајот на дестинацијата има уште две чешми со прекрасна планинска вода. Групата е голема и се развлекува. Сонцето почнува силно да пече, но повремените дрвја, шумички, шумски јаготки и диви цреши не разладуваат и даваат сила. Поминуваме покрај брезите и излегуваме на првата ливада, потоа втората, по често маркираната патека. По следната ливада влегуваме во густата букова шума. По интензивно одење низ можеби најмистичната шума низ која сте оделе изнурнуваме над шумата веднаш под врвот Рибничка скала. Дел од групата истрчува пред нас, дел сме некаде на средина и дел зад нас. Попатно правиме мали паузи под сенка. За скоро сме и на оној таканаречен видиковец каде се отвора прекрасен поглед кон долината и водопадот.

Тука не чекаат оние кој се пред нас, а почнуваат да пристигнуваат и оние од зад нас, па почнува и сликањето и позирањето, затоа што стариот јапонски обичај вели дека ако не сликате исто како да не сте биле на местото. Тука можеше да се забележи дека вода на водопадот има доста малку. Па некој разочарани не сакаа да отидат кон долината и водопадот, како да само од водата во водопадот зависеше целата тура. Тие тргнаа кон врвот Рибничка скала, еден навистина спектакуларен врв кој продолжува во сртот наречен Кабаш, додека ние продолживме да се сретнеме со камперите и со самиот водопад, некаде кон крајот на долината. По кратко спуштање стигнуваме до чешмата, а веднаш под неа беше и кампот. Не пречекаа со студената вода од прекрасната чешма, па се сместивме долу во кампот да земеме душа. Дел од групата решија да се соочат со водопадот, а дел останавме да се сончаме и да уживаме во погледот кон долината. Оние кои отидоа до водопадот и се качија малку и нагоре, потврдија дека вода има, малку но сепак ја има. Мало рекиче се слива од горе, но или се спојува со карпата во тенок млаз или ветерот го разнесува во водена прашина, па од нашата перспектива или од подалеку тоа тешко може да се забележи. Така што доколку сакаме да бидеме прецизни, вода на водопадот имаше, но не секој можеше или имаше прилика да ја види. За жал таа вода не можеше да стигне до долу, па и Длабока река веќе не беше река, туку суво корито.

Навистина краток ни се виде престојот и средбата со длабока река. Кога се работи за вака голема група сепак бавно се пристапува по овој долг, но сепак не толку напорен пат до долината. А колку време и да имате, тука секогаш ќе ви биде малку. По којзнае кој пат ќе потенцирам дека се работи за навистина единствена конституција на планински предел во Македонија. Единствени врвови има од вашата лева страна, а сртот Кабаш е спектакуларен облик кој не може да се види на друго место. Опасниот срт под кој поминувате предизвикува чувство на почит. Особено по мојата минатогодишна средба со него, а и со останатите врвови долж тој гребен, тоа чувство се потврди. Доколку треба да изберам еден врв кој е најопасен, напорен и сериозно тежок од планинарска перспектива тоа е Бориславец. Се прашувате зошто не Кабаш? Бидејќи врвот Кабаш не спаѓа во таа категорија! Карпестата конституција и остриот врв на кој можете да стоите само вие и никој друг го прави неповторлив! Недостапноста и опасниот пристап невозможен да биде качен од било кого. Истото, а можеби и уште понедостапни се и останатите врвови кои следуваат се до Мал Кораб. Следуваат Мал Кораб и Солима, моќни меѓници испречени пред самиот Голем Кораб, кралот на сите врвови! Целата долина е исто така ретка, целата во карпи, со водопади кој течат од Кобилино поле, тука се изворите на Радика и уште многу маѓепства.

Но, мораше да се вратиме во реалноста и да тргнеме назад. За жал на сите тука присутни. Шаторите беа спакувани, сендвичите изедени. Видовме што видовме, барем парче од овој чудесен рај, па по доста мали згоди и незгоди, кој почна од утрото, откажани комбиња, доцнење, откажани колена, повреди, сепак се упативме кон Рибница. Коментарите беа единствени: тука мора да се дојде повторно! Зошто да не. Веќе рековме дека доколку не го посетите најпрекрасниот дел од планинскиот пејзаж во Македонија, билансот на крајот на годината ќе биде нецелосен и ќе ви фали најубавиот дел од планинската слика. Па гледајте следната година пропуштете ја таа несекојдневна шанса.

Тони Димитров

Шулц, Тони, Деско, Војо

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе