Повторна средба со моќниот Бориславец: Боговињско езеро и Бориславец, 19.07.2015

Мојата средба со Бориславец минатата година беше во благо очајни услови, а самиот тој беше навистина негостопримлив. Поучен од тоа искуство овој пат кон него пристапив со стравопочит и посебна внимателност. Сепак се работи за врв над врвовите. Најмоќниот!

Разликата со минатата година беше тоа што овој пат на посета решив да му однесам и група. За повеќе планинари да го почувствуваат овој моќен големец меѓу врвовите. Турата ја окарактеризирав како тешка. Што не може да се каже за било која од другите искачувања кој ги организиравме оваа сезона. Но сепак турата имаше две верзии: едната е за оние кој сакаат да се релаксираат на Боговињското езеро, дефинирана под терминот ливадарење, а другата за оние кој сакаат малку понапорно искуство и средба со големиот Бориславец.

За оваа тура имаше навистина голем интерес, па повеќе од стотина планинари и ливадари се упатуваме кон селото Боговиње, а од таму и кон Ново Село. Преку селото излеговме на макадамот, кон браната т.е. малата хидро електрана и право низ краткиот шумски предел. Патот не води директно покрај Боговиљска река, која истекува од самото езеро. Прекрасна долина која на моменти затвора низ шума, на моменти отвора низ цветни ливади, кратки водопади и клисури. Не премногу долга ниту пак тешка рута, оставајќи го главното само за избраните.

За два до три часа стигнуваше развлечената група и се сместуваше покрај езерото. Оние најспремните по некоја логика на работите стигнаа први и веќе беа нестрпливи да тргнат нагоре. Сепак мораше да ги почекаме и тие на опашката, за да формираме група која би се упатила нагоре. Постојано предупредував дека се работи за тешка тура. Не за да ги обесхрабрам, туку напротив, за да не се разочараат доколку не стигнат до овој моќен џин.

Додека на езерото почнаа да се местат шатори, чадори, да се облекуваат костими за капење, па дури и да се влегува во езерото за разладување, нестрпливата група пополека се прибираше и беше спремна да се впушти нагоре по стрмната падина која почнува директно над езерото. Тргнав крајно претпазливо со онаа доза страхопочит која ми се врежа минатата средба. Пред две недели исто така тргнав да ја испитам рутата преку Боговињско езеро, одоколу во долината под Трпезница и Џинибег, под Рудока кон Црното езеро, па се искачив на карпестиот врв (кој ли знае како се вика, а сигурно е повисок од 2500 метри?!) кој се излева од Бориславец. И тогаш тој се сокри дури од мојот поглед; се обви со густа магла која се собра околу врвот, па го потенцираше својот карактер на недостапност. Зошто ли е толку таинствен, се прашував, што ли крие?

Пополека и претпазливо тргнав нагоре. Се обидував да го усогласам темпото со здивот. Чекор по чекор, бавно ја влечев групата нагоре. Секој искажан збор кој ќе ви го одземе здивот, секое камче кое ќе ви го измести чекорот, ви го нарушува темпото, за кое ви требаат дополнителни триесетина секунди некако повторно да го усогласите и урамнотежите. Тивко, рамномерно, дури со дишење на нос, крајно претпазливо се приближувавме кон сипарот по кој е малку поедноставно да се движите, како по скали, за разлика од длабоката трева, која мора да с разгазува. Беше жешко, дишењето на нос помалку го сушеше грлото, но сепак сите чекавме барем малку ветерче или некое залутано облаче. Веќе рековме дека турата е тешка.

Пополека се приближивме до работ од каде се отвора уште еден дел од планината кон врвот. Крајот на падината изгледа прилично близу, а мислите дека таму е и врвот. Искачувате еден дел кој сметате дека е врвот, а тука ви се отвора уште еден дел кон врвот. Го искачувате и тој дел, па се појавува уште еден. Па уште еден! Бориславец е крајно недостапен и покрај големата стрмнина која треба да ја искачувате. Првиот дел од групата и стигна до првата висорамнина од каде по гребенот се оди кон последниот крајно стрмен дел за искачување до врвот.

Тука стигнавме за час време и почувствував дека Бориславец се насмевна. Дека беше по расположен од лани. Во разговорот со него рече дека е во ред и дека овој пат радо ќе не прими сите кој се имавме упатено кон него. Со сите негови 2675 метри надморска висина. Од тука беше веќе лесно. Забрзано низ гребенот, а потоа и низ последниот крајно стрмен дел, кој како камин се искачува кон врвот, стигнувавме еден по еден кон самата рамна површина на врвот. Радост. Со разлика од час време триесетина планинари и планинарки доаѓаа во средба со него. Моќниот Бориславец. Којзнае можеби е ова најголемата група која одеднаш му пристапила. Беше весел и тој, па долго време уживавме во разговор со него и погледот кон овој прекрасен дел на Шара. Од Антени, Карабунар, Бакрдан, Големиот и Малиот Турчин, па потоа Џинибег, Трапезница и Белото езеро помеѓу нив, па од тука следува Рудока, а долу под самиот Бориславец е и Црното езеро. И внимавајте ова е само еден дел, да речеме третина од самиот Шарски масив.

Кон југ, одоколу, почнавме пополека да се симнуваме надолу. Во средба со овчарите, овците и нивните волци, па низ долината да се упатиме директно кон езерото, а да ја избегнеме стрмнината по која искачувавме. - „Јел сте добри? Јел сте уморни? Јел сте се прошетали?“ – беше прашањето кое овчарот при поздравување ни го постави на секој посебно, а мене ме загледа и ми рече: „Ти си ми познат“. Така е се видовме пред само две недели.

По играта со кучињата, за кратко бевме и на езерото, каде другите наголемо уживаа во глацијалниот спа центар. Требаше да дадам знак за групата пополека да се спреми и да тргнеме назад кон Ново село. Но некако тој знак го одложував. Уште минута, па уште минута, ја одложував разделбата со овој екстравагантен дел од Шара. Но дојде и тој миг, па надолу по ливадата се спушташе развлечената група.

Бев среќен што ова лето Бориславец беше порасположен за средба. И ми беше уште подраго што средбата со него можев да ја споделам со уште триесет пријатели и пријателки по планина.

Тони Димитров

Тони

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе