Клуб на планинарски спортови „Македон“ - Скопје


  

ПРАВИЛНИК
За изведување на планинарски акции, назначување на планинарски водачи
како и права и одговорности на водачите и учесниците во акциите

  1. Планинарски водачи за планинарски акции се назначуваат на состаноците на клубот;
  2. За сите водачи да се изготви образец во кој би биле наведени општи генералии (име и презиме, адреса и број на телефон) како и кратка планинарска биографија;
  3. За водачи да се избираат искусни планинари кои веќе биле на планинарската тура за која се назначени;
  4. Примарна задача на водачот е да се грижи за безбедноста на сите учесници во планинарската акција;
  5. Самиот водач својата акција да ја најави однапред во определено време според тежината на акцијата, со детален опис на преложената тура – превоз, сместување, конфигурација и услови на теренот по кој ќе се движат, степен на тежина, предвидено време за одење, снабденост со вода за пиење,  вид на гардероба, храна и слично;
  6. Доколку треба да се ангажира приватен превоз и во зависност од условите во кои ќе биде ноќевањето а се работи со резервација и најава, од страна на учесниците потребно е да се уплати аванс во висина од 50 % од пријавената цена;
  7. Прелиминарен список на учесници во турата се прави веднаш по објавувањето на акцијата а конечен список се формира по редоследот на пријавувањето како и дали членот има платено членарина или не;
  8. Водачот и сите учесници на планинарската акција се должни да се придржуваат до веќе направениот план за акцијата доколку новонастанатите услови не наметнат нивна промена. Водачот донесува конечна одлука за менувањето на планот за планинарската акција имајќи ги во предвид новонастанатите услови, а доколку има било какви промени водачот е должен за тоа да ги извести сите заинтересирани учесници во турата;
  9. Водачот има право да отстрани некој од пријавените учесници во планинарската акција на самиот старт на акцијата доколку смета дека истиот не ги исполнува потребните услови кои се однесуваат на психофизичката подготвеност или опременост, како и лица кои на претходни тури правеле проблеми со кои ја нарушувале безбедноста на групата;
  10. Доколку се оди на непознат терен, пожелно (задолжителено) да се користат технички помагала како што се ГПС – уреди, компас, карта и слично;
  11. За групи поголеми од 10 лица водачот може да избере уште еден член кој ќе му помага во акцијата и би се движел на крај од колоната. Во ваков случај задолжително е користење на радио станици и мобилни телефони; истото важи доколку во групата поголема од 10 члена има членови со појака физичка подготвеност;
  12. Доколку некој од учесниците одбие да ги почитува одлуките на водачот, сам ја носи одговорноста за својата безбедност, а случајот ќе се разгледува на наредниот состанок на друштвото и по потреба ќе се превземат соодветни санкции;
  13. Учесниците во акцијата имаат право да поднесуваат приговор на состаноците на клубот за однесувањето на водачот за време на одржаната планинарска акција. Приговорите од овој тип задолжително ќе бидат разгледани;
  14. По завршување на акцијата водачот треба да достави извештај во писмена форма до Секретарот на Клубот во кој ќе бидат внесени податоците за учесниците во акцијата (име и презиме) услови во кои била изведена турата, карактеристики и маркери на теренот кои би биле полезни за следните организирани тури на тој реон, измени во зацртаната динамика и слично; 
  15. Водачот одредува лице кое ќе ја опише изведената тура од свој агол кој текст ќе биде предаден заедно со фотографиите направени на турата на лицето кои го уредува сајтот на клубот.


Претседател на ПК Македон
Душко Петрушевски

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе