Трансверзала МАКЕДОН

14.07.2013
Во деновите 07 - 12.07.2013 година беа изведени следните активности:

1. Делницата „Раскрсница Куртовица“ - Раскрсница „Г.Б.Дупка“ маркирана со светлоплава/жолта боја, долга околу 4,3км. На 1,9 км од раскрсницата Куртовица се поминува поток чиј извор се наоѓа на стотина метри над патеката. Во поголемиот дел од трасата на делницата паралелно на растојание од неколку метри има 2-3 одделни патеки, маркацијата не е постојано по најдобрата од нив.
Со маркирањето на оваа делница овозможено е искачување по уредена патека на Солунска глава од план. дом во С. Папрадиште, и преку Даутица (раскрсница Куртовица), овој правец е подолг за околу 200 метри од правецот преку план. дом Чеплес, но заради подобрата конфигурација на теренот и подобрата уреденост, временски искачувањето преку Даутица е најверојатно нешто побрзо. Останува да се провери во практика.

2. Раскрсница „Николова чешма“ - Манастир Св. Ѓорѓи над с. Ореше маркирана со црвена/жолта боја, со должина од околу 2,5км. Патеката е само делумно чистена. Кога се тргнува од манастирот нагоре, првата ливада се поминува дијагонално, а втората во права линија преку папратот. Почетоците на манастирот се претпоставува дека се во во периодот кога се населувани селата Папрадиште и Ореше. Моментално се градат нови конаци.

3. Раскрсница 1 - Жел. станица Ореше, со должина од околу 1км. За да се избегне движењето по жел. пруга, трасирана е нова патека, искористени се стари патишта во пределот под самата пруга. Маркацијата е црвено/бела боја. Раскрсница 1 се наоѓа на стариот пат кој се наоѓа над регионалниот пат, на патеката по која досега беше трасирана патеката асфалтниот мост после мостот па до пругата (пред тунелот). Кога се оди од асфалтниот пат прво се сече регионалниот пат а потоа се излегува на Раскрсница 1, тогаш ако се тргне во десно по патеката со ознака две бели и една црвена линија движењето е во правец на план. дом во с. Стровија, а во лево се оди кон жел. станица на с. Ореше.

4. Раскрсница 1 - патека кон план. дом Стровија, со должина од околу 3,2км. На почетокот од Раскрсница 1 за да се избегнат евентуални грешки (додека да се постави патоказ) маркацијата е составена од две бели и една црвена црта, потоа по влезот во шумата над регионалниот пат продолжува со црвено/бела маркација. Овој дел од патеката по влезот во шумата се движи постојано по срт. Маркацијата е стигната до висина од околу 1350 мнв. На стотина метри над последната маркација од десната страна на сртот (дваесетина метри внатре во шумата) се наоѓа поток/извор. 

5. Комплетирана е патеката „Раскрсница Куртовица - врв Даутица“. Светлоплава/бела маркација. Покрај патеката има една чешма и два потока кои по досегашните информации најверојатно досега никогаш не секнале. 

ВАЖНО: Условите за движење по патеките се стандардни за високи планини. Маркациите се летни, овозможуваат лесно снаоѓање и во летна магла, сепак потребно е внимателно следење на истите, како и внимателно движење во влажни услови заради поголема опасност од лизнување, внимателност во однос на стадата овци односно овчарските кучиња, има повеќе бачила, генерално овците се изнесуваат од бачилата околу 9ч па најдобро време за движење е пред тоа (патеките поминуваат во непосредна близина само на едно бачило - на самата раскрсница Куртовица но тоа моментално не се користи). 

Моментално шемата на обележани планинарски патеки во реонот на план. дом во с. Папрадиште изгледа вака: 

24.06.2013
Денес е направено годишното одржување на Информативната табла во Драчево при што дополнително се прицврстени парчињата лесонит што ја покриваат долната страна на стреата, истовремено со силиконски лепак се затворени некои отвори, дрвените делови се измачкани со фирнајс, а металните со црвена боја.

Благодарност до шефот на стовариштето на „Македонски шуми“ во Драчево за одобрението за изведување на одржувањето.

15.06.2013
Во деновите 07 - 08.06.2013 година беше организирана од ЕГ „Грин Пауер“ промотивна акција на активностите за уредување на нови патеки. Во склоп на настанот со ДуХ го искачивме Бел камен и на враќање ја измаркиравме патеката од Раскрсницата - спојна точка на гребенот на Бел камен, долината на Крапска река и гребенот на Клепало, до Раскрсницата на Куртовица. Со ова вкупната должина на уредени патеки (без патокази) на Даутица пролетва изнесува над 17км.

Во договор со Бошко Талевски од ПД „Китка“ тие ќе ги уредат следните патеки на Даутица, и тоа:
План. дом Стровија - Раскрсница Орешки ливади - Орешка чука - Жел. станица Ореше (оваа делница ќе влезе во основната патека на трансверзалата „Македон“);
Раскрсница (спојна точка на гребенот на Бел камен, долината на Крапска река и гребенот на Клепало) - Раскрсница Орешки ливади; Раскрсница (спојна точка на гребенот на Бел камен, долината на Крапска река и гребенот на Клепало) - Врв Бел камен;
Раскрсница (спојна точка на гребенот на Бел камен, долината на Крапска река и гребенот на Клепало) - долина на Крапска река - с. Крапа;
Раскрсница (спојна точка на гребенот на Бел камен, долината на Крапска река и гребенот на Клепало) - гребен на Клепало - манастир „Преображение Христово“ кај с. Зрзе; и тоа почнувајќи од следниот викенд.


Уредени патеки на Даутица оваа пролет


Со црвена боја се означени патеките кои ќе ги уреди ПД „Китка“ - Скопје

04.06.2013
Во деновите 29.05. - 02.06.2013 година извршено е досредување на трасата и финално маркирање со црвена и бела боја на последните 3км од делницата жел. станица Ореше - с. Папрадиште. Иако веќе може да се користи, официјално ќе биде „пуштена во употреба“ викендов кога ЕГ „Грин Пауер“ од Велес организира нејзина промоција.

Освен ова, во функција на промоцијата се работеше и на друга делница/патека на трансверзалата. Трасиран, исчистен и обележан со црвена/светлоплава боја е дел од делницата с. Папрадиште - Куртовица - срт над Мочур - врв Старецот - с. Стровија, со должина од околу 4,6 км, до околу 1690 мнв кај едно бачило (место познато со име Аргачот) во месноста Куртовица. 

Од пред бачилото почнува друга траса/патека маркирана со светлоплава/бела боја до јужната кота (2175 мнв) на Плавник (се уште немаме прецизна информација за нејзино посебно име), со должина од околу 3,4 км. Но оваа траса за искачување на јужната кота не е докрај завршена/средена (како треба) така да се уште не се препорачува нејзина употреба. Кога ќе биде досредена ќе има дополнително известување. 

Заради немање финансиски можности се уште нема услови за изработка и поставување на патоказни табли покрај патеките посебно на раскрсниците, затоа препорачуваме внимателно користење на маркациите.

Благодарност до општина Чашка која донираше одредено количество материјали за маркирање, и тоа боја, разредувач, четки и ракавици. Се надеваме на понатамошни донации кои ќе овозможат продолжуввање на реализацијата на програмата „Трансверзала Македон“. 

Со светло плава боја е означена трасата кон с. Стровија, а со зелена потенцијалната траса на патека кон Горна бабина дупка (спојување со главната траса на трансверзалата) коишто треба да се измаркираат во иднина. Во долниот дел на фотографијата е прикажан вертикален пресек/елевацијата на патеката кон јужната кота на Плавник од Раскрсницата на Куртовица


Благо заобленото врвче во средината е јужната кота (2175 мнв)

23.05.2013
Заедно со членови на „Грин Пауер“ и планинари од Велес, трасирана е нова патека за последните 3 км од делницата жел. станица Ореше - с. Папрадиште. Овој дел од патеката почнува веднаш по завршувањето на кратенката која почнува десетина метри после раскрсницата кадешто се дели асфалтниот пат за с. Нежилово, кратенката завршува на асфалтниот пат кадешто има ознаки со боја на асфалтот, тука само се преминува патот дијагонално. Половина од патеката е ново трасирана, а за вториот дел искористена е стара селска патека во одлична состојба. Моментално е маркирана само со црвена боја. Извршниот одбор на „Македон“ одобри маркирање со официјалната црвено/бела маркација на трансверзалата така да во најскоро време ќе се измаркира соодветно. 

Инаку добивме информација од жителите на с. Папрадиште дека летово чешмата ќе биде преѕидана со камен и тоа со поранешниот изглед без сегашната долна платформа од бетон, ќе се среди со цевки и атмосферската канализација околу неа и овој простор на сретсело ќе добие дефинитивен репрезентативен изглед.

09.05.2013
Заедно со членови на „Грин Пауер“ од Велес, жители на с. Папрадиште и инг. Игнов Горан од општина Чашка, уреден е просторот околу Информативната табла, монтирани се две клупи, направени се скали од камен поврзани со бетон, поплочена е патека со камен, расчистен е теренот, посеана е трева и засадени зимзелени садници. 

15.08.2012
Проектот е успешно завршен. 

Истото го потврди Швајцарската агенција за развој и соработка.

Моментално во соработка со Железничкиот планинарски клуб „Работнички-Китка“, се работи на практично продолжување на основната патека со уште една делница, од железничката станица Ореше до планинарскиот дом во с. Стровија.

Sky Bet by bettingy.com

За нас

Logo Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје функционира уште од 2008 година. Целта на клубот е омасовување посебно со млади членови, и создавање на комплетно планинарски образовани членови. Структурата на членови е различна, од искусни алпинисти и планинари до млади членови со мало искуство. Наш најистакнат член е... Повеќе