Акција Водно – Матка

17.05.2009

Во неделата на 17.05.2009 се направи акција на Водно за прошетка на лица со оштетен вид. Времето беше одлично за ден во природа, малку сонце, малку облаци и малку спарно, ама супер беше.

Јас тргнав со Александра и Бојан по патеката од кај црквата Св. Јован во Капиштец до Средно Водно и таму, во 9 часот се чекавме со останатите од друштвото и гостите. Прво, патеката до Средно Водно беше нова за мене и ептен ме бендиса. Тивка, без гужви по пат (сретнавме четворица велосипедисти и уште неколку луѓе кои итаа накај Средно или се враќаа). На Средно се најдовме со другите и тргнавме нагоре по асфалтниот пат. Атмосферата беше ептен релаксирана и одлична(посебно за некој што не мрднал долго време :). Бидејќи имаше доволен број водичи за луѓето со оштетен вид, Александра предложи да одиме на Матка. За брзо време се собра група и после малата пауза, каде што Макси покажа како се фрла фризби, групата составена од Миле, Бојан, Искра, Дејан, Марија, Александра и јас, тргна накај детското одморалиште и од таму фативме пат за на Матка. Патеката беше супер, широка, под сенка, пријатна за одење.

Имаше места каде што не погали сонцето, имаше шума, гол терен, имаше лединки и мајчина душичка што ширеше мирис на кој Искра не можеше да одолее . Исто и темпото беше супер за мене, бидејќи ова ми беше прв пат до Матка по оваа патека, а одамна сакав да ја изодам и бев многу среќна и едвај чекав да се појави кањонот и глетката што ја нуди. По неколку паузи и оставени убави лединки за логорување, се наближивме до точката каде што Бојан даде совет да се стегнат патиките и да се припремат колената за слегување кон кањонот.

Тука почна малку погуста шума од лоши иглолисни грмушки што не држеа на штрек. За брзо почна да се насетува кањонот и да се отвораат се поубави пејзажи. Е овде се појави желбата од еден добар апарат. Се гледаа врвовите околу кањонот и таму долу некаде се забележува некоја зелена боја што не одговара на дрвјата бидејќи се движи. Се гледаше крајот на нашето патување од скоро 5 часа. Јас од време на време си се свртував назад да видам од кај идеме и колку сме изодиле и на моменти тоа се гледаше многу, ама беше прекрасно да се свртиш и да можеш да си ја нацрташ патеката што си ја изодил од место каде што се гледаат сите околни врвови. Првичната идеја да се симнеме кај Шишевски манастир не се оствари оти патеката беше тешко проодна (така кажаа нашите добри водачи Миле и Бојан). Наместо тоа, излеговме подолу, кај кајакарската патека, но пред да се симнеме до долу, се наситивме со глетка од птичја перспектива на еден видиковец каде што паднаа неколку убави слики.

Од таму се гледаше Треска како се излива и колку многу вода има. Следеа уште дваесетина минути слегување до реката, тука најмногу си ја тестиравме силата во колената . Е веќе кога дојдовме на рамен терен, се упативме до езерото, фала на сите што не дружеа мене и Александра до таму, оти ние одаамна го немавме видено. Така се заврши прекрасната дневна прошетка до Матка, што кај мене разбуди уште поголема желба за природа и мир. Остана уште да се вратиме во Скопје, што кај една другарка јави уште поголемо чудење дали ќе се враќаме пак кон Водно од тоа дека стигнавме по тој пат, ама доста беше . Се упативме до Шишево за да фатиме 12ка приватна, па го видовме целото село, макар што за некои не ги исполнуваше желбите, за пиво на пример, ама сите преживеавме и во 17 часот и 20 минути, после дваесетина минути чекање и потрага по пиво, стигна автобусот и се качивме баш навреме за да му избегаме на дождот кој се спремаше последниот час време фино да ги освежи сите што дошле на неделен ден на прекрасната Матка, а гужвата можеби се должеше на фактот дека годинава Денови на Крале Марко решиле да ги одбележат на Матка!!!!!!!!!!!! Можеби имал и тој некој прошетка до Матка некогаш, па можи тоа се одбележуваше. Само не знам каде ги покажаа кулите на Крале Марко, ама ајде……

Така се разделивме еден по еден од 12-ка и сите по дома и право под туш . Сакам да се заблагодарам на сите што се согласија да одиме до Матка и на водачите што не однесоа, бидејќи јас се вратив со ИЗВОНРЕДНИ пејзажи кои остануваат доолго долго во спомените. Не знам дали ова спаѓа во вистинско планинарење, ама јас сум баш среќна што ја изодив.

P.S. Бојан, андолчето си ја заврши работата како што треба.

Пишува: Мариче

Фотографии: Бојан, Искра, Мила

Назад кон извештаите
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go