Едукативен Младински Планинарски камп “ЉУБОТЕН 2021”

07.10.2021

На ден сабота, 25.09.2021 година од Скопје во 7 часот кон старо Село заминаа 14 младинци на возраст од 15 до 26 години, предводени и менторирани од членовите на клубот Филип, Петар, Хелeна и Драгана. Поделени во 5 возила, според протоколите со носење на заштитни маски при транспорт. По предходна распределба во возила, собирното место беше бензинската пумпа на “Окта” на излез од Скопје после првата патарина каде имавме кратка пауза за доручек.

Во 9 часот пристигнавме во Старо Село, каде беше поделена ужината за учесниците на кампот, комплет пакетче од сокови, овошје и кроасан. По пристигнување во старо село целата група предводена од менторите се упати кон Вила Љуботен, каде и ќе бидеме сместени и беше планирано да се одвиваат активностите на кампот. По 2 часа пешачење пристигнавме во Вила Љуботен каде сопственикот Васе и куварот топло не пречкаа. По распределбата и сместувањето на учесниците во соби следуваше мала пауза. Активностите на кампот започнаа во 13 часот каде Филип ни предаваше и ни ја демонстрираше основната планинарска опрема што секој планинар треба да ја поседува во својот ранец за време на една планинарска опрема, добро, не беше баш основна планинарска опрема, туку беа опфатени и делови на малце понапредна опрема за преживување во природа, бидејќи на Филип како му недостасувало нешто со текот на времето така и додавал во ранецот, за сега ранецот биде спремен во секој момент за одење на планина и да достигне почетна тежина од пет килограми. По демонстрацијата на опремата, следуваше предавање за планирање на планинарска акција, движење во планина, одење во група, правење паузи и сите потребни активности за одививање на една планинарска акција. Предавањата не беа воопшто здодевни , бидејќи беа во интеракција со учесниците на кампот со прашања и одговори од нивна страна, нели кога секој од учесниците ќе сподели некое сопствено искуство за планинарска акција, сумарното искуство е поголемо. Пред ручекот видовме и научивме која опрема и со кои спецификации за соодветното годишно време ни е потребна за кампување и како се поставува шатор, изомат и вреќата за спиење. Следуваше ручек, односно преубавата шарска плескавица. Дел од учесниците беа вегетаријанци и Васе и кувафот веднаш се снајдоа со правење на преубави салати специјално за нив.

По ручекот следуваше кратка пауза и прошета во околината, предавање за логорување, односно планирано и непланирано логорување, акцентот го ставивме на непланирано бивакување, бидејќи претходно се подготвивме за планираното бивакување во шатор. Дискутиравме за тоа кои материјали од природата можеме да ги искористиме за да направиме засолниште, со помош на лисја, гранки од дрвја, астро фолија како многу важен дел од опремата, во случај да поседуваме и носиме. Со текот на предавањето сонцето постепено заоѓаше и ние секако за да ја преживееме ноќта во текот на непланирано бивакување треба да запалиме оган. Беше демонстрирано палење на оган со помош на кремен . Учесниците беа поделни во групи за играње на игра, натпреварот беше која група прва ќе запали оган, секако во безбеден простор и со огниште заштитено со камења од страните. На секоја група им беше поделен кибрит како помошно средство за потпалување на оган. Некои групи успеаа да запалат оган за 5 минути, додека други за 15 минути, но се разбира дека сите групи на крајот успешно запалија оган. Беше презентирана челната ламба како основен предмет за ноќно движење и престојување во планина. Следуваше предавање за чворови, кои беа најинтересни за учесниците, изработка на импровизиран појас, користење на појасот, чворовите, карбинерите и јажето како елементи за движење во наврска во текот на зимата и за качување на виа ферати, односно начин на движење по виа ферати со помош на импровизиран виа ферата сет. Покрај огнот следуваа слободни активности, вечера, музика и дружење на учесниците се до ноќевањето.

Ден недела, 26.09.2021 во текот на ноќта дел од менторите и неколку учесници заминаа на ноќно искачување на Љуботен. По успешно искачување на врвот Љуботен во утринските часови сите повторно се собравме во Вила Љуботен каде имавме заеднички доручек. Следуваа предавања за картографија, типови на карти, елементи на една карта, како што се легнда, размер и слично. По теоретското предавање за картографија, преминавме на ориентација во просторот, каде во интеракција со учесниците научивме дека можеме да се ориентираме со помош на ѕвездата северница, позицијата на сонцето во текот на денот, мовот на дрвјата, верски објекти и слично. Секако покрај ориентација со ориентири и елементи на природата ставивме најголем акцент на ориентација со помош на компас и топогравска карта. Научивме како се осеверува една карта со помош на компас, наше лоцирање, односно барање на пресек со помош на три познати врвови или коти во околината и повлекување на прави линии, како да измериме должина од точка “а” до точка “б” со помош на размерот, висинска разлика со помош на еквидистанцата на изохипсите од картата, да исцртаме патека, да најдеме азимут и контра азимут на движење и секако да ги избегнуваме густите изохипси, бидејќи нивната густина на картите означува пострмен терен во природа. Филип имаше изведно топогравски карти за околината на Вилата Љуботен и врвот Љубоетн, каде следуваше игра која група од учесниците ќе ја измери дистанцата на најкратката патека и точниот азумут на движење до врвот Љуботен. На крајот сите се сложивме на едно нешто бидејќи не треба да се ослонуваме само на картите, односно да користиме едно златно правило, “Карту читај, сељака питај”, односно да се движиме по картите, но и да ги прашуваме локалните селани. По аналогната ориентација и движење на планина преминавме на дигиталната, односно користење на gps, односно Гармин уред. Беа демонстрирани повеќето функции на планинарските gps уреди, како приказ на атрибути за активноста, поставување и следење на претходно движена или исцртана патека или навигација по патека од основната мапа на уредот. Беше направена споредба на саат, апликација од телефон и планинарски gps. Каде дојдовме до заклучок дека планинарскиот gps е најдобар. Кога веќе научивме да ракуваме со уред за навигација, следуваше негова практична примена, односно игра, која сите ја чекаа. По предходно сокриени предмети од менторите, кока кола, чоколадо и смоки, учесниците беа поделени во две групи и им беше доделен уред со исцртани патеки и точки со координати на сокриените предмети, каде учесниците тргна во потрата по предметите, правилата беа јасни, која група прва ќе најде и достави два предмета беше победник. Покрај навикациските уреди, им беа поделетни сателитски  и топогравски карти за полесна ориентација и лоцирање на предметите во радиус од 200м во околината на вилата. Донесовме заклучок дека сателитските карти се добри за разгледување на теренот, топогравските карти за информации и анализа на теренот, додека движењето е најлесно со помош на навигацискиот уред.

Ги собравме шаторите и отидовме на ручек. По ручекот беше презентирано правилно пакување на планинарски ранец, презентација за работата на младинската комисија, односно организација на регионални и републички кампови, како се стекнува со титула “младински планинарски лидер” како што беше Филип и секако за крај на секој учесник беше доделена диплома за учество на кампот. Се спакувавме, му се заблагодаривме на Васе за гостопримството во Вила Љуботен и се упативме кон Старо Село од каде со искуство и поздрав до следно видување се упативме кон Скопје.

Пишува: Филип Симоновски

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank