16.02.2015
Планот кој го кроевме на Вихрен за искачување на Мусала во некој од следните викенди беше на пат за реализирање. Викендот што измина (14 – 15 февруари) беше најавен како идеален за искачување на највисокиот врв на Балканот, сончев со слабо ветерче, никогаш подобро.
Доста луѓе беа информирани за оваа тура, мислејќи поголем број ќе се собере, но останавме ние 4-рица, истата екипа од Пирин. Саботата рано наутро во 05 часот Петар секој попатно не собра со колата, наточивме бензин и се упативме кон Бугарија. Денот веќе се будеше, веќе кога стигнавме на граница продираа првите сончеви зраци, што ветуваа дека ќе биде одличен ден.
Најпрво отидовме до Софија во огромната продавница за спортска опрема Decathlon, огромен простор нешто како Jumbo, но овде преполно од најосновна опрема за трчање па се до екстремен алпинизам, а цените за сечиј џеб, да се заборавиш што попрво да купиш. Во интерес на времето кој што имаше во план да си купи некое парче полар, маица, штеки и сл. тоа го стори најбрзо што можеше, без да се задржуваме да гледаме се и сешто, бидејќи нема крај, а допрва не чекаше пат до Боровец, и оттаму 3 и пол часа пешачење до домот Мусала на 2389 метри, а Decathlon за сериозен шопинг го оставивме за друг пат кога стриктно ќе дојдеме само за тоа.
Некаде околу 14 (13 по мак. време) часот пристигнавме во Боровец, местото преполно со скијачи и бордери, ептен живо, раздвижено, баш го има тој шмек како да си на Аспен, за разлика од првиот пат кога бев на искачување на Мусала пред 2 години, октомври месец, живо пиле не е пееше таму. Колата ја паркиравме точно на стартната точка пред патеката за нагоре, ги облековме зимските кондури, ги ставивме тешките ранци на грб и се упативме нагоре кон домот.
Патеката е широк земјен пат за џипови кој проаѓа низ борова шума, но овој пат снежна и израмнета од ратрак по која се спуштаат скијачи и бордери. Гледајќи ги нив како проаѓаат покрај тебе, ти се вртат мисли „ах скиите да ги имав, бар на ранец окачени, за назад ќе се пуштев, или пак зошто немам турно скии, ем нагоре те носат ем надоле те спуштаат“. Како продираше сонцето низ боровите, а и загреани од движењето, веќе се расоблекувавме по маици.
После 2 и пол часа газење по широкиот пат стигнавме до жичарата кај горниот ски центар, направивме неколку минутна пауза за ужинка гледајќи ги скијачите и бордерите како уживаат по стазите, и оттаму се пуштаа по патеката надоле за Боровец, бидејќи денот за скијање беше при крај, жичарите затвораа. Нас оттука не чекаше уште малку пат до домот, околу 40-45 минути, а пред нас на видик беа високи врвови, а од таму некаде наѕира и Мусала.
Во домот стигнавме некаде кај 17:15 (16:15 по мак. време) часот, малку уморни од тешките ранци, го најдовме домарот и си ја побаравме резервираната соба. Не однесе во стариот дел, долу во едно темно мало сопче од надвор натрупано со снег и ни вика еве тука сте сместени вие, а ние во шок, каде бе тука? Се осетивме бетер од затвореници, или угнетувани фаци. Но добро, како и да е му рековме ако може подобра соба да ни најде, во новиот дел веќе имаше доста гости сместени, па не префрли во горната соба, која е доста широка и има прозори и светлина и ќумбе, е тука веќе беше подруго.
Домарот го распали ќумбето со големи трупци, а во меѓувреме отидовме во трпезаријата да каснеме нешто, мислејќи и дека малку ќе се стоплиме повеќе, но трпезаријата поладна од собата. Се вративме во собата која беше веќе загреана, а тука исто беше сместен и гостин од Русија, кој сам дошол да ја искачи Мусала многу порано да фати изгејсонце горе. Зборувавме нешто за температурата колку ќе се спушти ноќта, нешто околу -20 степени, а тој само ни рече па тоа не е ништо, кај нас кај што живеам во Сибир е многууу поладно, така да тој тука по кратки шеташе.
Пред легнување го наполнивме ќумбето со уште многу трупци и дрвца да држи до сабајле и фативме позиции за спиење, легнавме порано околу 22 часот за добро да се одмориме за утрешниот ден. Мобилниот на Дејан веќе почна да ѕвони во 06 часот, но на никој око не му се отвора, а уште помалку му се станува во студената соба, а ќумбето многу одамна згаснало. Барем Русинот кога станал да ставел некое дрвце, но мислел дека ако нему му е топло и нас ни е. Но како и да е мора да се стане, после 50 минути откако ѕвонеше мобилниот, набрзина се облековме со топла зимска облека, појадувавме на брзина, наместивме ранците и во 07:45 часот бевме спремни за искачување на Мусала.
Сонцето беше веќе огреано, но само горе на врвчињата, а по патеката цело време беше сенка и студено, но телата од движењето брзо ни се загреаа, што ладното ни пријаше. На почетокот од патеката кон врв двете леднички езера беа под длабок снег, а под него дебел слој лед, што дури се движиш и над нив. Со добро темпо за 1 час стигнавме до заслонот Ледено езеро на 2720 метри, направивме кратка пауза за ужинка и чај, а врвот веќе беше на 40-45 минути пред нас. Е тука веќе и сонце не огреа, не расположи и ни даде дополнителна енергија за до врв. На местото пред сајлите поставивме дерези, бидејќи снегот беше подзамрзнат, а сајлите дополнително ни помагаа во совладувањето на угорниците.
Во 09:30 часот стасавме на врвот, на највисоката точка на Балканот, Мусала (2925 мнв.). Горе имаше доста планинари кои се искачиле тоа утро, или пак спиеле во објектите на врв. Горе ужинавме, кој со некоја банана, јаболко, протеински бар, шејк, чај, направивме некоја фотка, уживавме во погледите кои се нудат од таму, посебно на југ распослан цел Пирин со врвот Вихрен, и се присетуваш дека пред 4 недели си бил таму, и си ја гледал Мусала отспротива, а сега обратно.
Моментот кога некој ќе ти каже ајде да симнуваме надолу е моментот кој не го сакаш многу, и ти се темни, бидејќи горе ти е преубаво, се осеќаш освежен, расположен и опиен од погледот, сонцето, воздухот, едноставно не ти се симнува, што следен пат може камп да се направи горе и да се изнауживаш.
Некаде кај 10:15 часот почнавме полека да се симнуваме, Диме и Дејан со забрзано темпо надолу, а јас и Петар доста споро и со застанувања бидејќи едноставно не ни се симнуваше, сакавме повеќе да седиме горе, но лека полека уживајќи во погледите додека не стигнавме до точката кога веќе останатите врвови и падини ти пречат во погледот па ќе забрзаш темпо да стигнеш до домот.
Бугарите доста се наклонети кон турно скијањето, што секој што го поминуваш проаѓа покрај тебе со турно скии нагоре, а после му е песна за надоле, што мене ми дава голема желба да си купам турно скии во блиска иднина, тогаш ќе немаш граници до каде да појдеш со скии и од каде да се пуштиш.
Во домот стигнавме околу 12 часот, одморивме, јадевме, задоволни од искачувањето и се како помина, а пред нас не очекуваше и долг пат до колата во Боровец. Е тука се навраќам на моментот „ах да си ги имав скиите“ во Боровец стигаш за 1 саат, а не за 3, но тоа е, друг пат. Кај 15:30 часот бевме кај колата, оставена покрај патот, се раскомотивме, се преоблековме во полесна облека и фативме патот надолу. Најпрво застанавме во Самоков, на по едно кафенце во попатна бензинска, и трошење на последните левови што останале за некои ситници, и се упативме кон дома за Македонија. На граница за разлика од минатиот пат, овој пат многу малку гужва, што прилично брзо поминавме. Во Скопје стигнавме во 19:30 часот, пречекани од загадениот и смрдлив воздух, но секако спремни за следен подвиг во наредните викенди.
Деско
Деско, Димац
Назад кон извештаите