Aлпинистичка акција Триглав 2010

19.09.2010

Акцијата „Триглав 2010“ претставува завршна акција на едногодишната активност на алпинистичката секција при КПС „Македон“. Воедно, акцијата е награда – испит на алпинистичка вештина и зрелост на најпосветените членови.

Целта беше да се искачи Северната Триглавска Стена по смер кој целосно одговара на нивото и подготвеноста на учесниците, затоа одбрана е „Кратка Немшка смер“ со излезот „Цимерјан“. Овој, воведен-почетнички смер треба да делува поттикнувачки за искачување на другите повеќе комплицирани смерови во Стената во идни акции односно Македонски алпинистички табори.&nbsp

Водач на акцијата беше Дејан Крле, кој беше задолжен за транспортот и сместувањето. Водач во смерот беше Јован Попоски и беше задолжен за опремата. Ивана Младеновска се грижеше за финансиите и намирниците. А Тања Пенева за храната и логистиката. Македонската алпинистичка историја ќе ја забележи оваа акција по два моменти: прва Македонска женска наврска (Тања и Ивана) и најмлад и најстар Македонец во Северната Триглавска Стена (Јове на 15 и 63 год.).&nbsp

Опис
Во смерот влегоа две наврски. Во првата беа Јове и Дејан а во втората наврска Тања и Ивана. Клучот на смерот како прва од двете наврски го помина Тања. Смерот „Кратка Немшка“ со Цимерјанов излез е со општа тежинска оценка IV по UIAA во должина од 800 метри. Искачувањето го карактеризираат скокови, полици, забци и плочи со тежина II / III / IV-. Карпата е компактна во поголемиот дел, но на неколку цугови е ситно ронлива. На повеќето сидришта има солидни алпинистички клинови, а другото обезбедување се состоеше од чокови, френдови, еден вкован клин, и гуртни. Искачувањето беше изведено во класичен алпинистички стил. Тек

19/09/2010 – Со приватно возило патувавме 12 часа од Скопје (МКД) до Мојстрана (СЛО) со попатни паузи и чекање на гранични премини. Во долината Врата се сместивме во Алјажев дом. Вечерта се одморивме од патот и се запознавме со алпинистичката историја на Северната Триглавска Стена.

20/09/2010 – Напладне појдовме низ магливата долина за да ја научиме пристапната патека до Стената. Во текот на овој трекинг постојано ги воочувавме главните карактеристики на Стената од различни агли и далечини и детално го проучувавме смерот со помош на книга-водич и скица. Вечерта лесно вечеравме и ја подготвивме опремата.

21/09/2010 – Утрото се разбудивме во 4:30, а веќе во 7:30 часот почнавме да го искачуваме смерот. Во првата половина од смерот сретнавме две наврски, а качувањето нам ни одеше брзо и лесно, со повеќе паузи за фотографирање и ужинка. Втората половина бевме сами во смерот, со побавно темпо но со ведри лица излеговме од смерот во 23 часот. Во Триглавскиот дом при Кредарица пристигнавме во 2:30.&nbsp

22/09/2010 – Овој ден го посветивме на искачувањето на врвот Триглав во релаксираната и расположена атмосфера. Денот и панорамата беа прекрасни. По кусата закуска во домот, појдовме надолу кон Алјажев домот во 17 часот по планинарска патека. Долу во домот го славевме нашиот успех до доцна во ноќта.&nbsp

23/09/2010 – Љубезните домаќини ни дозволија да се наспиеме до пладне, па продолживме во посета на Планинарско-Алпинистичкиот музеј на Словенија во Мојстрана. Оттаму во Планица каде што кампувавме.

24/09/2010 – Од платото пред домот Тамар ги разгледувавме околните алпинистички локалитети Мојстровките, Травник, Јаловец. Направивме опуштени туристички прошетки низ Крањска Гора, Блед и Бохињ.

25/09/2010 – Ја разгледавме Љубљана и нејзиниот стар град.

26/09/2010 – Патувавме назад кон Македонија.&nbsp

Дејан Крле

{gallery}akcii/2010/triglavseptemvri2010{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go