Миленков Камен на Караџица, 21.03.2010

21.03.2010

Недела! Прв ден на пролетта! 

Прогноза: сончево, со повремена облачност. 

Место: Караџица од Патишка Река до Миленков Камен. 

Организатор: Петар.

Водач: Дуле.

Учесници 14: Верче, Елена, Цаци, Јасна, Дуле, Петар, Дејан 1, Дејан 2 (договорете се кој е кој :о) ), Мане, Зоки, Никола и уште тројца дојденци со Дуле. 

Во 8 часот тргнуваме од Патишка Река (~960m). Патот свртува десно во планината веднаш по последната, недоградена куќа. До ливадите се оди по прекрасно планинско патче, на почеток низ букова, потоа низ борова шума со огромни, стари борови. На места по патот снегот уште не ископнел. Сонцето гали. Меѓу стеблата на боровите блескаат снежните врвови од другата страна на долината. На околу 1700m излегуваме од проретчената борова шума низ ливади. Качунките тука сеуште не излегле. Предел со трева и камења, наполу покриени со снег. Необични дупки во карстот наоколу, како земјата да тоне. Завеано бачило спие. По сува трева и снег нагоре кон Миленков Камен, на западниот срт на Караџица кој гледа кон Поречието, езерото Козјак. Прекрасен срт над 2100m, сеуште покриен со снег. Делува алпски. Во снегот, врволешница траги од диви кози. Две мирно си пасат на стрмнините под нас. Кон запад провалии на чија ивица бричи ветер право угоре. Чекор назад-мир и тишина. Сите се пресреќни. Кафе! Групна фотографија со Солунска Глава во позадината! Не ни се оди од тука. На враќање, право надолу низ стрмнината со чекори од 7 милји. Се осеќам како млазен авион. Длабокиот, полумек снег ги амортизира чекорите и симнувањето е чиста забава. Уште едно завеано бачило. Траги од шепи низ снегот. Мечка? Волк? Заталкано (крупно) куче? Групно сончање и јадење овошје пред да се спуштиме низ шумата… Поубаво не можевме да ја дочекаме оваа пролет.&nbsp

Николчо Петров

Николчо и Петар

{gallery}akcii/2010/milenkovkamenmart2010{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go