Меморијален марш „Борис Трајковски“ 2011

23.02.2011

Oд Скопје тргнавме во 6 часот со три возила и вкупно 12 учесници од кои 10 членови на Македон: Анета, Макси, Соња, Мила, Петар, Искра, Марија, Аце, Кате, Кирил и двајца можни идни членови – Даниела и Гоце.

Во Штип стигнавме на собирното место пред зградата на Општината каде нѐ чекаа нов градски автобус и другите учесници на маршот кои заедно со нас беа над шеесетина на број. Со автобусот стигнавме до археолошкиот локалитет Баргала каде што ни беше одржано кратко предавање и од каде што го започнавме маршот Борис Трајковски околу 8.30 часот. Поминавме покрај црквата Св. Ѓорѓи, ја преминавме реката која е притока на Брегалница внимателно газејќи по смрзнатите камења и тргнавме да качуваме нагоре по ридовите на Плачковица во југо-источен правец. Времето сончево и одлично. Одиме по калив пат, на некои места по асфалт, а кратиме и по тесни патеки на кои сеуште има нестопен снег. Пределот е со нискогрмушести растенија и ниви со тутун кои го садат селаните од околните села. На Гоце, на кого ова му е прва посериозна планинарска акција, комплетно му се одлепуваат двата ѓона на релативно новите планинарски обувки, за среќа еден од штипјани кој носи резервни патики му ги дава на користење, но два броја поголеми!

По неколку часовно пешачење се симнуваме во јуручкото село Кучица кое се наоѓа на истиот поток кој го поминавме претходно и по чија клисура продолжуваме нагоре кон планинарскиот дом Вртешка уште неколку часа одење. Патеката е маркирана и оди по живописната клисура, каде што снегот сеуште стои, поминувајќи од едната на другата страна на потокот уште неколку пати во зависност од теренот.

До 17 часот сите стигнуваме во планинарскиот дом Вртешка, со поминати 21 км пешачење, како што вели GPS уредот на Искра. Домот Вртешка е во добра состојба, се наоѓа на околу 1100 метри надморска височина и има систем на парно греење поврзано на камин што е реткост за планинарските домови во Македонија. Следува ручек приготвен од членовите на планинарското друштво Лисец, сместување по соби и подготвување за музичката вечер на која настапија Ангел Ш. на акустична гитара во придружба на Милорад А. и бендот Валкан Експрес чиј настап траеше до нешто повеќе од 2 часот по полноќ.

Во неделата, после пилешката чорба за доручек и групното фотографирање, тргнуваме во 10 часот, сега преку друг пат, 15 км благо спуштање до село Црвулево назад во северозападен правец, со поглед на снежните Шара, Јакупица и Кожув. Одлична комуникација и дозапознавање на учесниците од различните градови, во заедничка потрага на патот, заради пропуст на организаторот и недостиг на човек одговорен за опашката од учесниците. По пат ни јавија за незгодата и смртта на нашиот пријател и планинар Димитар Боцевски кој загина на Матка, што сите не погоди.

Тргнуваме со автобус од село Црвулево кон Штип во 15 часот, овој пат не со новиот, може затоа што сме премногу калливи.

Кирил Шентевски

Кирил Шентевски

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go