23-от Традиционален Марш на Пелистер во чест на Димитар Илиевски – Мурато

11.05.2012

По многубројните откажувања, премислувања и презакажувања, на ден 11.05.2012 околу 17:30 часот, со две коли и осум учесници, меѓу кои: Кате, Даре, Алек, Петар, Дуле, Влатко, Мартин, и јас (Александра), се упативме кон Битола.

По мала пауза во Битола, тргнавме кон Нижеполе од каде по кратки подготовки, околу 21:30 часот се упативме кон Големо Езеро. Пешачејќи, се сретнавме со отприлика десетчлена група на планинари од Битола, со кои пристигнавме на Големо Езеро околу 15 минути по полноќ. Со оглед на тоа дека искачувањето на Пелистер од страната на Големо Езеро е пократкотрајно, утрото си дозволивме од Големо Езеро да тргнеме нешто подоцна од планираното, односно околу 10:00 часот.

Со цел да бидеме почестени од убавите пејзажи кон Преспанското Езеро и Галичица, решивме да се движиме по зимската обиколна патека, по сртовите, и покрај тоа што условите беа такви што дозволуваа движењето, без било какви отежнати услови, да се одвива и по летната патека. При искачувањето, секако беа неизбежни фотографирањата на природата околу нас и на преубавото Преспанско Езеро. На врвот стигнавме околу 13 часот, каде имаше голем број на планинари, кои со нетрпение чекаа ред да се фотографираат пред спомен – плочата на големиот Димитар – Мурато. По кратка пауза од околу половина час, се упативме кон домот Копанки.

Притоа се поделивме во две групи од кои едната, составена од Дуле, Виктор од Кочани (го сретнавме на врв), Даре, Кате, Влатко и јас се движевме по обиколната патека, а другата група составена од: Алек, Мартин и Петар се движеа по Камењарот. По обиколната патека фативме доста брзо темпо и во домот Копанки стигнавме за нецели два и пол часа. Бидејќи се поделивме за враќањето до Копанки, Мартин симнувањето низ Камењарот го опиша вака: 

– Кога би имало прашање на Џандар Збира, “Што е тоа Камењар?”, одговорите би гласеле отприлика вака: 

Камењар е: 
а) член на популарна македонска група од 90-тите 
б) место со многу камења 
в) најкраткиот пат помеѓу врвот Пелистер и планинарскиот дом Копанки 

Да ми го поставеа ова прашање мене пред последното искачување на Пелистер, и јас најверојатно би се одлучил за Камењар од Нокаут, но сега знам само едно: Камењаро е место каде што попуштаат колената. Од Пелистер од Копанки има бесконечно многу камења, но и прекрасна глетка кон Битола и Преспа. 

Додека се качувавме од Големо Езеро накај Пелистер, заедно со членови од планинарското дрштво Пелистер, кои го организираа маршот, ни беше навестено дека патеката по Камењарот е забранета тој викенд. 

А бидејки забранетото овошје е секогаш највкусно, со Алек и Петар решивме дека мора да го пробаме. Од врвот се продолжува по гребенот на север и се качуваат уште два помали врвови. Патеката воглавно оди преку големи камени блокови и мора да се внимава на секој чекор. Морам да признаам дека беше напорно за моите улежани колена, но одевме со доста разлабавено темпо и направивме неколку подолги паузи, па не претставуваше поголем проблем. По двочасовно одење по гребенот, патеката влегува во шума и се надзира скилифтот над Копанки, нашата цел за денот, а нас ни работат стомаците и единствено нешто на кое што мислиме е како ќе го гарнираме гравчето кое не чека во домот. 

Во домот веќе имаше весела атмосфера, која продолжи до доцна во ноќта. Претходно, Петар и Алек со такси појдоа до Нижеполе, со цел да ги земат автомобилите, како би можеле следниот ден да се искачиме на Трескавец. Следниот ден, 13.05.2012, според планот веќе во 7 часот сите бевме на нога, подготвувајќи се за преубавиот манастир Трескавец. Од Копанки кон хотелот Молика, каде беа паркирани автомобилите, тргнавме околу 9:00, а веќе во 10 часот бевме во Прилеп. По кратки подготовки, околу 10:30 се упативме кон Трескавец. Облачното и благо ветровито време придонесе искачувањето да се одвива во одлични услови и сите бевме благодарни што не грееше Cонце на карпестите предели.

По патот среќававме многу луѓе, при што, по пристигнувањето на Трескавец, околу 12:30, сфативме дека во манастирот има некаков собир на МСИ (Меѓународниот Славјански Институт). На наше задоволство, меѓу присутните беа и планинари кои ги сретнавме при искачувањето на Пелистер, така што дружењето продолжи и тука. Дел од екипата, Дуле, Петар, Алек и Даре решија да го качат и Златоврв, каде по нивното враќање и малиот одмор на Трескавец, во 14:30 се упативме назад. Во Варош пристигнавме во 16:30 часот, од каде целата акција ја заокруживме со вечера во една прилепска кафеана. 

Александра и Мартин

Петар, Душко и Даре

{gallery}akcii/2012/muratomaj2012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go