Езерски Врв (2.354 м.н.в.) 21.10.2012 год

21.10.2012

Некако спонтано ни се наметна идејата да ја изведеме акцијата на искачување на Езерски Врв. Причината е најверојатно што членовите на ПК “Македон” пред десетина дена го искачија  врвот Бистрица, кој е соседен на Езерски Врв. Од овде има неверојатна глетка на речиси целиот срт на Шар Планина, кој започнува од врвот Љуботен. Сакајќи уште еднаш да уживаме во преубавите предели, во неделата, Дуле (водич), Атанас, Петар, Дејан – Крле, Даре, Кате, Диме, Веле и неговиот другар, се упативме кон с. Јелошник (800 м.н.в.).

Во селото стигнавме околу 7 час. и по 15  минутно подготвување на  ранците и полнењето на вода, тргнавме по широк пат кој не носеше до шума. И во моментот кога веќе навлеговме во шумата, Дуле кој се движеше прв забележа мечка, и тоа, поминувајќи блиску до него. За среќа, мечката иако го забележала, незаинтересирано се упатила во спротивна насока, а ние соземајќи се од шокот, продолживме кон нашата цел за тој ден. Откако излеговме од шумата, наидовме на напуштено бачило. Веднаш по ова, пред нас се појави огромен рид, со изразита косина. Движењето моравме да го забавиме, правејќи мали паузи. По еден час качување, стигнавме на едно седло, каде решивме да направиме поголема пауза. Времето беше сончево, а глетката неверојатна. Од левата страна, гледајќи кон сртот нагоре, се забележуваа врвовите: Песочен и Бистрички, а од десно, Пирибег и сосема на крајот, врвот Љуботен.

Следеше фотографирање, појадок и веќе дојде време да се тргне. Следуваше уште еден час напорно искачување, каде последниот дел беше по поголеми камења. Во 12 час. стигнавме на каменитиот Езерски Врв. Глетката беше прекрасна. Назад од каде дојдовме се гледаа двете мали езерца, а од косовската страна убаво варовничко езеро. Овде се задржавме половина час, уживајќи на убавото сонце и преубавиот срт. Решивме денешната акција да ја продолжиме кон Пирибег, а како крајна цел да ни бидат убавите каменити врвови, оддалечени од Пирибег на околу еден час. Следуваше внимателно симнување по камењата, едно седло и повторно искачување. За околу 45 мин. стигнавме кон последниот предвиден врв. И повторно фотографирање кон сите страни и веќе мораме да се враќаме назад. Некаде пред Езерски Врв, се спуштивме по блага изохипса кон двете езера. Малку подоле на една прекрасна ливада направивме мала пауза, а потоа, продолживме благо нагоре, заобиколувајќи го ридот по кој што се искачувавме.

По час и половина, движејќи се повторно по изохипса се приклучивме на патот по кој  доаѓавме. Веднаш под бачилото, сретнавме ловочувари кои вежбаа пукање во една пластична канта. Притоа, добивме покана да им бидеме гости во нивната викендичка, која  како добри планинари веднаш ја прифативме. Во добро друштво и по некоја чаша сок и пиво, дојде време да се тргне назад. Не чекаше повторно шумата, овојпат без мечка, а кај колите се вративме околу 17 час.

Според нашиот ГПС уред, искачивме висинска разлика од 1.600 м. што секако не е за потценување, но најважно од се е  дека се вративме позитивно расположени и побогати со уште планинарско искуство.

Петар

Диме и Дарко

{gallery}akcii/2012/ezerskivrv21102012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go