Љуботен 2499м (29.01.2012)

29.01.2012

Временската прогноза за последниот викенд од јануари не беше поволна, а исто така и состојбата со обилната снежна покривка. Токму поради тоа интересот за искачување на Љуботен беше многу мал, односно имаше само тројца пријавени.

Во недела (29.01.2012) во тричлен состав (Алек, Петар и Дејан Бт) во 6:15 наутро од Скопје се упативме кон Старо Село, каде пристигнавме околу 7:30. Поради обилниот снег во селото ни беше потребен уште половина час да најдеме соодветно место за паркирање на автомобилот. По кратки подготовки од селото кон планинарскиот дом тргнавме во 8:15 часот, времето беше облачно, а снегот длабок. Се менувавме во водството, бидејќи претходно никој немаше одено и моравме да ја пробиваме патеката. До домот стигнавме за 4 часа, што е навистина многу со оглед на тоа што во услови кога нема снег овој дел се минува за помалку од 2 часа. По кратката пауза и освежување пред планинарскиот дом речиси бевме решени да тргнеме назад од причина што веќе беше доцна и времето беше облачно и студено.

Сепак, желбата за одење кон врвот и во такви услови беше голема, па планот се промени и појдовме нагоре. Се движевме побрзо, а со секој наш чекор се наѕираше се повеќе светлина над облаците. Тоа беше знак дека на врвот има Сонце што ни даде дополнителна енергија. На сртот, на околу 2200 мнв веќе бевме комплетно над облаците. На врвот стигнавме во 15:00 часот, после 7 часа пешачење од Старо Село. Иако беше доцна, останавме горе половина час, сончајќи се над морето од облаци. Штом појдовме надолу брзо влеговме повторно во облаците, но овој пат почна и да провејува снег. Пред домот Љуботен бевме во 17 часот и веќе беше темно, ги монтиравме челните батерии и продолживме кон селото каде стигнавме околу 19:30 часот. Изморени и пресреќни од една тура која сигурно долго ќе ја паметиме. 

Александар Кирковски

Александар Кирковски

{gallery}akcii/2012/ljuboten290112{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go