Олимп (Митикас и Стефани) 28-30.09.2012

30.08.2012

Олимп – планината на 12-те олимписки богови од старогрчката митологија, место кое е посебен предизвик и уживање на секое следно искачување. Така е и овој пат, на крајот на септември, со временски услови кои наликуваат на средина на летото.

Од Скопје тргнавме во петок рано наутро, пред изгрејсонце, четири членови на ПК “Македон” (Петар, Цаци, Мартин и јас – Алек). Прва пречка требаше да ни биде најавениот штрајк на грчките цариници, меѓутоа границата ја минавме извонредно брзо и околу 10 часот веќе се сместивме во кампот ‘Heraklia’ во местото Nea Panteleimona. Прекрасно место за одмор и камп кои нуди одлични услови, па наше беше само да уживаме на прекрасната плажа и топлата морска вода. Вечерта јас и Мартин легнавме порано со намера следното утро да тргнеме во освојување на планината Олимп, додека Петар и Цаци заминаа во Лептокарија во истражување на ноќниот живот на самиот крај од туристичката сезона.

Иако часовникот требаше да не разбуди во 5 наутро, кога отворивме очи веќе беше ден. Тоа беше знак дека сме се успале, а часовникот покажуваше 6:30 час. Ни преостана само набрзина да се подготвиме и што поскоро да појдеме кон Олимп. Стигнавме на паркингот Горциа, кој се наоѓа на околу 4 км. пред паркингот Приони и во 7:40 часот започна нашата авантура на планината. Патеката по која се движевме и води кон платото на музите (2.600 м.н.в) во еден сегмент се дели на два правци. Овој пат се решивме за левата патека, која до сега не сме ја оделе. Беше како што ни ја опишаа планинарите кои ги запрашавме пред да појдеме по неа, пократка, но исклучително стрмна и напорна. На платото на музите стигнавме околу 11:30 и направивме подолг одмор пред домот “Иосос Апостолидис” на 2.700 м.н.в. Овој одмор добро ни дојде, пред да се впуштиме во искачување на двата врва: Стефани и Митикас, до кои водат доста стрмни кулоари. Прв беше врвот Стефани или ‘тронот на Зевс’ како што уште го нарекуваат, висок 2.909 м.н.в. До него води тесен кулоар, каде секогаш постои опасност од одрони, а во самиот финиш на стената пред врвот потребни се неколку алпинистички движења и овде неретко посетителите користат јаже. По кратката пауза и фотографирање, се спуштивме назад и набргу следеше ново искачување по соседниот сличен кулоар до врвот Митикас на 2.918 м.н.в. На Митикас стигнавме околу 15 час. па бидејќи временските услови го дозволуваа тоа направивме подолг одмор за ручек, печејќи се на топлото есенско сонце. За време на нашиот престој врвот беше само наш, не сретнавме други планинари, веројатно затоа што веќе беше доцна. Моравме да се разделиме со Митикас и околу 16 часот тргнавме надолу, не чекаше долг пат назад. Овој пат се одлучивме да се спуштаме од другата страна на планината, преку домот “Spilios Agapitos” кон Приони на 1.100 м.н.в, каде стигнавме околу 19:30 часот.

По малку изморени, но пресреќни и исполнети од прекрасниот ден поминат на планината Олимп се вративме во кампот каде не чекаа Петар и Цаци. За добрата тура требаше да се наздрави со по едно студено пиво, а тоа го направивме во еден од локалите во Платамона. А секако, она што го пропуштивме додека бевме на Олимп, прекрасната песочна плажа и топлата морска вода, го надокнадивме наредниот ден.

Алек

Алек

{gallery}akcii/2012/olimp092012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go