ПАТИШКА РЕКА – САЛАКОВИ ЕЗЕРА (незаборавно есенско уживање)

23.10.2012

На  23.10.2012 година се одржа акцијата: Патишка Река – Остри Врв – Салакови Езера. На истата присуствуваа 23 члена, меѓу кои: Аце, Алек, Диме, Драгана, Дејан – Битола, јас (Александра), Боби алпинистот, Боби  фудбалерот, Тануровски, Петар, Ирина, двајцата Мартиновци, Марија Трпкоска, Марија Велевска, Цаци, Горан, Клементина, Мартин од Црвен Крст, Јури, Оле, Бојан и Мартин Ќортошев.

Со оглед на бројноста, тргнувањето од пред главната Пошта на новата железничка станица се пролонгираше за половина час, така што трите комбиња кои не превезуваа од поштата до селото Патишка Река тргнаа во 06:30 час. Во Патишка Река бевме во 07:30 и не губејќи време, веднаш тргнавме кон Салакови Езера.

За убавината на Патишка Река имам слушано многу, меѓутоа целата природа не само во околината на Патишка Река, но и врвовите наоколу, ги надмина сите мои очекувања. Имено од с. Патишка Река до бачилото има брезова и борова шума, што прават таков спој на бои, што никого не оставаат рамнодушен.

Откако ќе ја поминете шумата следува терен со смреки, каде всушност се наоѓаат и бачилата. Бевме многу среќни што лево од првото бачило наидовме на непресушен извор со вода, и покрај сушата годинава. Од бачилата, прекрасна глетка кон Солунска Глава и Бегово Поле.

Со оглед на големината на групата и намалениот ден, решивме Остри Врв да го искачиме на враќање, па од бачилата го заобиколивме и се упативме директно до Салакови Езера. И таму, незаборавна глетка, над двете Сакалови Езера и планинарскиот дом Караџица.
На Салакови Езера стигнавме за 4 часа и 20 минути со умерено до брзо темпо, но и минимум четири големи паузи. Убавото време мораше да се искористи со еден поголем одмор, кој траеше час и половина. Од Салакови Езера кон Остри Врв тргнавме во 13:30, а на Остри Врв бевме веќе во 14:30 час. На врвот направивме пауза од околу 15 -тина минути, како и неопходното фотографирање со врвот, што толку многу потсетува на Нежилови Стени кај Солунска Глава.

До Патишка Река се симнавме за 2 часа и 40 минути, односно околу 17:15 часот. Од Патишка Река кон Скопје тргнавме во 18:00  за веќе околу 19 час., сите опиени од убавината на поминатите предели, да стигнеме во Скопје.

Александра Моцановска

{gallery}akcii/2012/salakovi23102012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go