Пелистер (2601 м.н.в.), македонско – словенечка екипа (20-22.09.2012)

20.09.2012

По долги најави, нашите пријатели планинари од Словенија конечно ни дојдоа во посета. Беше ред на нас да ги прошетаме по некоја од нашите планини, а меѓу понудените предлози од наша страна тие го одбраа Пелистер.

Во пет член состав (Андреј, Ања, Урша, Петар и Алек) се решивме за кружна тура почнувајќи од Молика, каде пристигнавме во четврток навечер и по кусо пешачење бевме во домот Копанки и се сместивме. Остатокот од вечерта беше резервиран за долги дискусии за големите алпинистички експедиции од времето на Југославија, па се до поновите успеси на словенечките алпинисти.

Следниот ден будењето беше околу 8 часот, а после доручекот и кратките подготовки околу 9 часот се упативме кон врвот Пелистер преку патеката по камењарот. Времето беше одлично со исклучок на студениот ветар од северо-западен правец. На врвот бевме во 13 часот и долго се печевме на последните зраци од ‘летното’ сонце без никој да проговори ни збор. Потоа следеа низа фотографии и беше време да продолжиме кон нашата следна цел, а тоа е планинарскиот дом до Големото Езеро. До таму ни требаа два часа по терен многу полесен за пешачење споредено со ‘камењарот’.

Штом пристигнавме на Големо Езеро, се сместивме во домот и си поделивме обврски. Андреј и Петар запалија оган, девојките спремаа супа и чај, а јас подготвив голема шопска салата. Секако следеше и едно ‘наздравје’ со македонска лозова ракија. Во одличен амбиент во домот покрај езерото се дружевме до пред полноќ, пред сите да заминеме на спиење.

Следното саботно утро станавме пред 9 часот, а домот го напуштивме час подоцна. Прекрасен сончев ден, како измислен за саботно кафе на Широк сокак. Така и направивме, најпрвин ручек во една од битолските кафани, па подоцна кафе и сладолед во едно од кафулињата. Среќни и задоволни ја напуштивме Битола околу 16 часот и се упативме кон дома.

Алек

Алек

{gallery}akcii/2012/pelister092012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go