Шар Планина: Три Води – Бистрица – Чаушица 11.10.2012

11.10.2012

Помина првата недела од месец октомври, а со тоа започнаа и проблемите со  променливото време или подобро кажано, започнаа есенските дождови. Тоа беше и една од главните причини за неможност од закажување, договарање на планинарска акција неколку ден пред таа да се одржи.

Сепак, на последниот состанок на ПК “Македон”, ден пред празникот 11 Октомври и претходно следење на интернет порталите наменети за временската прогноза заклучивме дека наредниот празничен ден ќе биде  пристоен повремено сончев и  без врнежи, па затоа на самиот состанок решивме да го искористиме и да организираме една планинарска акција. А предлогот и одлуката одлична – Шар Планина, и тоа во можеби во еден од најдивите и најмалку познати и посетувани предели, односно, врвовите над селото Брезно, и малото скриено излетничко место – Три Води или како што тетовци би го рекле Три Воде.

Врвови, чии имиња, исто така, ни претставуваа предизвик да ги дознаеме од причина што за нив постојат различни толкувања и различни имиња . Според картите кои ги гледавме тоа се врвовите: Бистрица, каде што извира преубавата планинска река Бистрица, потоа Чаушица и Пескови (Пешкови), според жителите од тие краеви тоа се врвовите: Бистрички врв и  Чаушица, а според она што го видовме на самиот врв или подобро на двата врва кои ги искачивме, тоа се Бистра и Бистра 1. Дискутабилно во секој случај, но како што и напоменав, овој див и малку посетуван предел од планианрските клубови донел до оваа ситуација. Сепак, во едно сме сложни, а тоа е дека пленат со својата висина која изнесува 2.570 м.н.в и 2.650 м.н.в со што ги става помеѓу највисоките врвови на Шара.

Акцијата започна на 11 октомври, рано наутро во 5:30 мин. од Скопје. Учество во неа земаа осуммина членови: Диме, Атанас, Боби, Лина, Оле, Веле, Диме  и јас (Дуле-Шулц). Како што и беше договорот, со две возила тргнавме од Скопје нешто пред 6 час. за во с. Брезно да бидеме околу 7 час. Решивме да продолжиме уште малку со возило и стигнавме до Три Води, на висина од околу 1.400 м.н.в по пат кој единствено може да се помине со џип. По последните подготовки, тргнавме кон шумата која со првите сончеви зраци  и чистото сино небо најавуваа одличен ден. По речиси еден час одење полека излеговме од шумата, а пред нас во сиот свој сјај  се возвоши прекрасната Шар Планина и бистрите води на студената Бистрица. Глетка која плени и која внесува мир во душата на секој кој се нашол на тоа место. Тука е и првото бачило, и неговите чувари шарпланинците, кои  веќе одамна не насетија и неуморно лаеа, но брзо станавме пријатели, па по кусиот разговор со овчарот и насоките кој ни ги кажа како да сигнеме до нашата цел, си го продолживме патот по самото течение на реката. Веќе бевме на 1.600 м.н в кога излеговме од шумата, па по помалку стрмен пат по самата река продолживме напред. Одевме низ самата клисура, по реката, лево и десно од нас имаше  огромни возвишенија на нејзиното величество – Шара. Околу 10 часот веќе сме на друго бачило, во кое немаше никој. За околу 20 минути дојдовме до прекрасните бистри извори на река Бистрица, каде што направивме пауза и уживавме во панорамите околу нас.

Направивме план како би се движеле понатаму, со оглед на тоа дека теренот не ни беше многу познат, па по куси консултации решивме да тргнеме десно од реката, помеѓу карпите во една угорнина, која сум сигурен дека ќе биде предизвик и за најискусните планинари. Одевме полека и сигурно, каде за нешто помалку од еден час веќе  дојдовме до рамен дел. ГПС навигацијата покажуваше дека сме искачиле висинска разлика од речиси 400 м.н.в. Па поради тоа, веќе бевме на 2.000 м.н.в висина . Тука беше место за нов кус одмор и “полнење на батериите”, затоа што Чаушица и Бистрички Врв беа гордо исправени над нас и во мали облаци, кои страмежливо од минута во минута ги обвиткуваа, па ги покажуваа на октомвриското сонце. Околу 12.00 час. веќе бевме на самиот срт и на  Бистрички врв или Бистрица на 2.740 м.н.в, но тука не застанвме. По неколкуте фотографии, тргнавме по самиот  Чаушки срт, каде за кратко стигнавме на прекрасната Чаушица, со своите 2.650 м.н.в кој го застануваше здивот. Овие два врва горе некој ги обележал како Бистра, меѓутоа топографските карти од овој дел како и разговорот со жителите од селата Брезно, Глоѓи и Јелошник ни укажаа на тоа дека таков врв овде не постои. Како и да е, веќе бевме дојдени и опуштени во глетката. По самиот срт од неговата северна страна кон Косово, на оние места каде сончевите зраци не успеле да достигнат имаше навеано снег, најверојатно во последниве неколку дена. Спроти нас, од другата страна на клисурата, преку реката се издигнуваше Црн Врв со 2.580 м.н.в, а по самиот срт кон Љуботен, над селото – Јелошник и Доброште и Езерски Врв со 2.570 м.н.в.

По речиси пола час пауза и потпишување во една тетратка, која некој досетливо се сетил и ја оставил на самиот врв во убаво изработена лимена кутија, трганвме надолу. По неколку не многу пријатни стрмнини по кои моравме да поминеме. се спуштивме до реката. па по нејзиниот тек и веќе сме и во шумата.  Нешто пред  17 час. пристигнавме и до нашата појдовна точка, местото Три Води. Решивме поголема пауза и одмор од овој пат да направиме во селото Лешок па се спуштивме и до него затоа што некои од нас го немаа посетено , а имаше што да с евиди , туак е Лешочкиот манастир и св. Богородица и св.Атанасиј , како и гробот на еден од познатите Македонски  преродбеници  Кирил Пејчиновиќ .Го разгледавме колку можеме зошто денот веќе не помина па во возила и кон Скопје околу 20 часот.

За крај, можеме да резимираме дека направивме прекрасна планинарска акција на овој дел од Шара, кој за жал, многу малку е посетуван, а за својот див карактер и пејсажите кои ги нуди заслужува повеќе внимание. Целата акција траеше околу 10 часа, искачивме два прекрасни врвови, кои ги искачија сите 8 члена.  Чаушкиот гребен е познат уште како царство на дивите кози, кој за жал, само Атанас имаше среќа да види само една. Секако, и поради Езерскиот и Црн Врв и прекрасните пејсажи, сега  имаме доволно причини во скоро време, повторно да се вратиме на овој дел од преубавата Шар Планина.

Дуле – Шулц

Дуле – Шулц и Диме

{gallery}akcii/2012/bistricki11102012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go