Врв Меденица (2.163 м.н.в.) – врв Карбула (2.148 м.н.в.) – Галичка свадба 14/15.07.2012

14.07.2012

Според договорот за овој викенд, четворицата планинари од ПК “Македон”: Мила, Петар, Никола и Влатко во саботата, во раните утрински часови,  се упативме во посета на западниот дел на Македонија, поточно во крајот познат како Рекански крај по течението на реката Радика.

По доручекот во Тетово, се упативме кон Маврово за да го испиеме првото утринско кафе од новата тераса на хотелот “Бистра” на падините на скијачкиот центар “Заре Лазаревски”, кое нуди прекрасна глетка кон Мавровското Езеро.

По кратката посета на минералните бањи во село Косоврасти, преубавиот манастир Св. Јован Бигорски, како и новиот дом на ПК “Македон” во с.Беличица, се упативме кон Галичник. Откако го поставивме кампот на игралиштето во близина на селото, се упативме во разгледување на манифестацијата Галичка свадбa која што беше веќе започната.

Во селото не пречекаа зурлите и тапаните на галичани кои како и секогаш го покажаа нивното големо гостопримство. Како примерни и културни сватови си го заземавме своето место во дел од амфитеатарот наменет за следење на оваа манифестација, уживајки во звуците на прекрасниот македонски етно бенд “Калавела”. По краткото уживање во звуците на народниот мелос заедно со нашите колеги од ПК “Два Камна” од Кичево, се упативме на спиење. Утрото веќе во 5 часот се упативме во искачување на врвот Меденица (2.163 м.н.в).

При качувањето попатно искачивме и неколку околни врвчиња, кои малку дополнително ја истрошија нашата добра планинарска кондиција за која што по малку беше виновно и многу топлото Сонце. На врвот следеше фотографирање со преубавиот поглед на Мавровско езеро како и пауза за надополнување на потрошената енергија, а потоа се упативме кон врвот Карбула (2.148 м.н.в.). Врвот нуди одлична глетка кон врвот Крчин, околните села и Дебарското Езеро.  Откако вдишавме длабоко од бистриот планински воздух на планината Бистра и откако го задоволивме нашиот хедонистички апетит со прекрасната глетка на планината Кораб и Дешат, разгледувајки ги прекрасните пасишта на планината Бистра, почнавме да се спуштаме надолу кон Галичник. За враќање, по кратко договарање решивме да се вратиме по стандардната патека од Галичник до месноста Говедарник.

По патот наидовме на еден срдечен овчар кој без нималку себичност ни се понуди да ги наполниме резервите со вода од блиското бачило, која веќе на сите ни беше при крај. Но, бачилото сепак, беше доста далеку од нас, па решивме да продолжиме. Пристигнувајќи до првата куќа во селото, веднаш се упативме во барање чешма со вода. Во селото  се сретнавме со група планинари,  кои откако го искачиле врвот Кобилица на Шара Планина, решиле да го посетат и Галичник.

За крајот на турата следеше прекрасна гозба приредена од домаќинот Иван Гиновски, другар на Влатко, кој заедно со неговите  прекрасни деца Матеј и Стефан ни приредија незаборавно доживување во старата семејна куќа на неговите предци.

Времето веќе изминуваше, а нас не чекаше пат до Скопје. Задоволни од прекрасниот викенд на Галичник и планината Бистра, решивме набрзо повторно да се вратиме тука.

Тануровски Никола

Петар

{gallery}akcii/2012/medenica072012{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go