Чеплес – Солунска Глава – Караџица (16 часа, 16.02.2013)

16.02.2013

Трансверзалата “Чеплес – Солунска Глава – Караџица” во типични зимски услови на средината на февруари е вистински предизвик за секој страстен љубител на планинарските спортови.Така беше и овој пат, а се собравме сосема спонтано надвор од клубските рамки и акции…

Во петокот попладне со автомобил пристигнавме во с.Нежилово, во петчлен состав од кои повеќето не се ни познававме помеѓу себе од претходно: јас – Алек, Даниел, Јоцо, Ане и Дено. Првата задача беше да се транспортираме до планинарскиот дом Чеплес, а со навистина тешките ранци за тоа ни беа потребни околу 2 часа пешачење. Вечерта ја минавме во подготовка на храна, дискусии на различни теми и по некоја чашка ракија во комбинација со марула салата. На спиење заминавме во 22:30 часот.

Според договорот требаше да станеме во 4 часот наутро и овој пат, сите беа извонредно прецизни. По стандардните утрински подготовки кон врвот Солунска Глава тргнавме во 4:50 часот. Се уште беше ноќ и ги користевме челните ламби, се до излезот од шумата по зимската патека. По некое време останавме четворица, бидејќи Дено ни соопшти дека се враќа назад, поради повреда на зглобот што му го отежнува движењето. Напредувавме релативно добро по гребенот, додека на Солунска Глава веќе се појавија првите сончеви зраци и се отвори величенствена глетка, но она што не загрижуваше беа големите облаци насекаде околу масивот. На &ldquo Горна бабина дупка&rdquo пристигнавме нешто по 9 часот и на половина пат кон врвот веќе навлеговме во облак. Во 11:30 конечно го освоивме врвот Солунска Глава, после 6:40 часа од Чеплес, пресреќни што успеавме. Еден од војниците горе ни донесе вода, не евидентираше и ни соопшти дека во последниот месец немало ниту едно друго искачување на врвот. Таму останавме околу половина час, правејќи повеќе фотографии за спомен.

Нешто по 12 часот се подготвивме и тргнавме надолу, но овој пат, во две групи. Јоцо и Ане се враќаа назад на Чеплес, додека јас и Даниел имавме во план да преминеме на другата страна во домот Караџица. Се поздравивме и си посакавме среќа по пат, а во тие моменти не ни помислував дека не чека дури 9 часовно газење низ длабок снег по патеката, која во летни услови се минува за двојно побрзо. До Бегово Поле минавме добро, се симнавме за час и половина, веднаш продолжувајќи кон Здуње до каде ни требаа уште два часа поради тешкотиите за движење низ шумата од кривулест бор. Таму направивме одмор во големата гаража која се користи како заслон и можеби требаше да ја разгледаме посериозно опцијата да преноќиме таму. Вака го напуштивме Здуње во 16 часот и појдовме кон Караџица во најлоши можни услови: длабок снег, густа магла, пред стемнување. Згора на се, почна да провејува и нов снег. Невозможно беше да се пронајде патот во такви услови и по неколку грешки, некако се најдовме кај рускиот споменик. Часовникот покажуваше 18 часот, видливоста уште повеќе се намали, снегот се засили, најреална опција со која веќе се соочивме беше тоа да ја минеме ноќта во вреќи за спиење на отворено. Последна надеж ни беше ГПС уредот, каде иако патот не беше исцртан, имавме можност врз основа на изохипсите да си направиме слика за теренот. На тој начин, стигнавме на една ширина каде минува патот и која ни беше позната од претходно, а потоа, околу 20 часот и до викендичките покрај патот каде не чекаше нашиот пријател Филип, за што сме му навистина благодарни. Од таму заедно со него, по веќе разгазена патека ни требаше помалку од еден час до домот. После 16 часа во планина, во 21 часот пристигнавме во Караџица. Следеше кус оброк и заслужен одмор.

Неделното утро повторно се разбудивме рано, во 6:30 часот. Подготовка, појадок, кафе и повторно во движење. Во 8:15 ја напуштивме Караџица и се упативме кон Преслап, а потоа и кон домот на Китка, каде се сретнавме со големата група планинари и пријатели од ПК &ldquo Македон&rdquo . Таму направивме мала закуска, пред сите заедно да се упатиме назад кон Горно Количани и потоа со комбе кон Скопје.

На вакви тури, планината ја покажува својата суровост во вистинско светло. Ние можеме да бидеме среќни и задоволни што овој пат успеавме во намерата, но уште повеќе што безбедно се вративме дома. Овие 16 часа на 16 февруари, од Чеплес до Караџица, сигурно долго ќе ги помниме и раскажуваме.

Алек

Ане, Деско и Алек

{gallery}akcii/2013/solunska16022013{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go