Кожле – Карабуниште 06 – 07.04.2013

06.04.2013

Традицијата продолжува, но сега, навистина, традиционално. Идејата првата акција на ПК “Македон”, од с. Кожле (катлановско) до с. Карабуниште(велешко) да биде традоционална акција, се реализираше веќе 4 години, но со ова петто свое издание, и официјално стана традиционално.

Не знам зошто, но лично мене оваа акција ми е многу драга. Дали поради тоа што турата е толку лежерна, пределот низ кој се движиме питом и со убав поглед, дали поради тоа што гледаме и поминуваме две реки: Пчиња и Вардар, нивниот влив, посета на три манастири – Св. Илија, Св. Богородица и Св. Јован, заеднички ручек со скара, салати или било што веќе пред манастирот Св. Богородица, или поради тоа што на оваа акција традиционално доаѓа поголем број на учесници, кои едноставно не виделе на некои од сајтовите или слушнале за оваа тура и дошле прв пат – не знам, но навистина, секогаш сум полн со емоции. Затоа и ја сакам многу, стварно.

И оваа година беше исто, тргнување од пред паркингот на Железничката станица во Скопје и собирање на средсело во с. Кожле. Кој со кола, кој со пик – ап, кој со комбе, не е битно, вкупно 31 учесник. Бројот сигурно ќе беше поголем, но фактот што собирањето беше во ден сабота, а традиционално одевме во недела, можеби ги збуни некои од постојаните учесници, како и други кои не беа доволно упатени во измената на терминот, така што имаше жалење за пропуштеното.

Самата патека, како што веќе реков, е лесна, околу 7 км. во правец, со мала денивелација, по питом предел со прекрасен поглед и панорама. Првата пауза задолжително кај &bdquo медитеранските&ldquo елки, од каде навистина се пружа бескраен поглед на сите страни. Фото – сесија како обврска и продолжување кон висечкиот мост на реката Вардар. Секогаш адреналинот малку се покачува при преминување на овој мост направен од 5 сајли и даски, но солидно направен и без проблем за поминување.

Од мостот, покрај пругата која води од Скопје кон Велес до железничката станица Пчиња, па нагаоре по блага угорнина до манастирот св, Илија. Оваа година малиот водопад имаше вода, таман колку да не потсети дека ова е сепак, планина. Во овој манастир, човек навистина има чувство дека е на свето место, мир и спокој се чувствува во воздухот. Доволно место има за одмор и окрепување со ладна вода од чешмите, од кои секогаш блика вода.

Следна и целна станица на овој правец е с. Кожле. Село кое не е секогаш населено, но нови куќи се дигаат лека полека. Сред село, чешма со студена вода. Наследничка на магарето Касандра го носи истото име, а и кучката Буба не дочека со мавтање на опашката. Кај чешмата, доручек и берба на коприви и блитва само за домаќините. Некој и со плетење венче, го утепа времето.

Назад релаксирано, никој не не брка, зошто знаеме дека пред манастриот св. Богородица, со пештерската црвка, остана Николчо со династијата и ја пали скарата. За да биде поинтересно, секогаш од вливот на Пчиња во Вардар одиме по десниот брег на Пчиња, кој оваа година беше доста поплавен од високата вода. Но, убавината на дивинита покрај реката, не не остава рамнодушни со мало чувство на авантура.

Кај манастирот св. Богородица веќе се е спремно за скара, мезе, кој пости, кој не, кој јаде, кој пие, кој игра фудбал, кој одмора – битно на сите ни беше убаво на клупите во дворот. Времето во убаво расположение и дружење, поминува доста побрзо. Не знам дали е поради теоријата на релативноста на Ајнштајн, но полека, почнавме да заминуваме кон с. Кожле. Една група од 5 члена замина кон Катлановска Бања на релексирано бањање, а една друга група, исто така, од 5 члена остана да преноќи во конаците, со продолжување на пеењето и свирењето на виртуозот Боби на неговата гитара и песнарката, до касно во ноќта. Колку и да е убаво, ништо не може да се мери со жива и убава свирка и микс од гласови и таленти за пеење. Мајсторот, знае сето тоа да го измикса. Жал поради обврските кои скоро сите ги имаме и мораме да се вратиме дома, со челни лампи последната еднодневна група тргна кон колите.

Што да кажам на крај – по петти пат организирана акција, масовно, време прекрасно, задоволни учесници – дава мотивација за исчекување на следната година и следното шесто издание на Кожле – Карабуниште. Благодарност до сите учесници што не придружуваа и со своето учество не куражат да продолжиме да ја организираме оваа тура. Но и обврска да стане што помасовна со луѓе кои сакаат да видат нешто поинакво, на пример од Водно, да сменат организирано дестинација, со што би пробале да ги придобиеме да станат поактивни во движењето во природа, со цел, овој прекрасен спорт наречен планинарење, да стане што повеќе омилен и помасовен.

До гледање догодина…

Макси

Макси и Дуле

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go