Спиење во домот на Водно? Одлична идеја…

09.02.2013

Безброј пати сме биле на нашето Водно, а ниеднаш не сме ноќевале во домот. Ова беше заеднички заклучок на редовниот состанок на клубот. Бидејќи временската прогноза за викендот кој следеше не беше нималку поволна, не ни требаше многу за да се одлучиме. Немаше ни потреба од подетално договарање, веднаш се направи списокот со заинтересираните.Агендата гласеше: Спиење во домот и за утредента, пешачење до Матка.

Се чекавме во саботата, во 16:00 часот пред полициската, 6-мина планинари (Александра, Боби, Алек, Деско, Мартин и јас –Влатко) спремни за дводневната авантура… До Средно Водно се движевме по добро познатата патека, која беше доста каллива и наместа &ldquo непроодна&rdquo . Нагоре продолживме по патеката, популарно наречена &ldquo по бандерите&rdquo . Конечно снег. Права зима, која долу во градот не може да се почувствува, барем не на овој начин. Фотографирање…смеење…добро расположение… се до врвот. Пристигнавме околу 18 часот.

Следуваше седенка во салата на домот, со храна од ранец и топло винце. Околу 22:00 часот пристигнаа Петар и Дуле – Шулц, кои тргнаа подоцна, и веднаш ни се придружија во пријатното планинарско дружење, заедно со домаќините на домот.

Би сакал и да изразам голема благодарност до нив и дежурниот планинар Веле од ПД &ldquo Бистра&rdquo за укажаното гостопримство. Направивте да се чувствуваме пријатно и добредојдено, уште еднаш, благодариме.

Утрото беше магично. Нов снег, сонце и прекрасна глетка на Скопје. Слика од зимска разгледница. Се разбудивме околу 08:00 часот. По појадокот, околу 9:30 часот, се упативме во правец кон Матка. Се движевме по стандардната планинарска патека. Околу 10 часот требаше да сме кај “ бункерите”, место за средба со останатите членови, кои се решија за еднодневна прошетка до Матка. Чекајќи ги, уживавме во снегот и прекрасното неделно претпладне. Времето беше мирно и сончево, сосема спротивно на тоа што беше најавено во временската прогноза.

По пристигнувањето на групата: Мила, Цаци, Дуле Христов, Марија, Бојан, Кире и други наши драги пријатели и по краткиот одмор, сите заедно, сега веќе 16 на број, го продолживме патот кон Матка. Следуваше фотографирање на &ldquo Кота&rdquo и потоа, по стрмната патека се упативме директно кон манастирот Св.Никола- Шишевски. Застанавме кај карпата, која се наоѓа точно над езерото. Глетка од која застанува здивот. По малиот одмор се упативме кон Манастирот, а од таму по патеката која води до мостот на реката Треска, кај кајакарскиот дел. На Матка пристигнавме околу 15:00 часот и авантурата ја завршивме со чај во познатата Мечкина Дупка.

Дводневна на Водно??? Одлична идеја. Поздрав до некоја следна дружба.

Влатко

Дуле и Боби

{gallery}akcii/2013/vodno022013{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go