Викенд на Илинска планина, Лиска 1908 мнв и Плаќенски врв 1860 мнв

07.07.2013

Илинска планина имав прилика неколкупати да ја видам патувајќи од Кичево накај Битола. Бев воодушевена што сега ќе имам можност да уживам подолго време во убавините на оваа прекрасна планина.Се собравме во саботата напладне во 12ч, на паркингот пред Железничката станица од каде тргнавме вкупно 11 планинари: Цаци, Атанас, Јасна, Александра, Александар, Боби, Горде, Саше, Снеже, Ристе и Бојана и оттука се упативме кон селото Големо Илино.

По патот натаму направивме кратка пауза во Кичево за да си купиме гибаници и за околу 2 часа пристигнавме во селото Големо Илино. Тука ги натоваривме ранците во едно од возилата, а ние останатите продолживме да се качуваме нагоре до конаците на манастирот Св. Илија (1544 мнв). Времето беше одлично, не беше воопшто жешко, одвреме навреме се наоблачуваше, па дури и имаше шанса да заврне. Како и да е имавме одлични услови за да испешачиме 9 километри до манастирот.

Кога пристигнавме во манастирот, откако се сместивме, по кратка пауза најголем дел од нас продолжија да се искачуваат кон врвот на Плаќенска планина, а мал дел од групата останаа во конаците за да ја подготват вечерата. Откако завршивме со вечерата продолживме да уживаме во убавините на планината придружени од звуците на гитарата на Боби.

Утредента во 10 часот, групата се подели, при што едната група се упати кон врвот на Плаќенска планина (Цаци, Саше, Бојана, Ристе, Снеже и Јован, кого го сретнавме во конакот), а другата кон врвот Лиска (1908 мнв). На Лиска се упатија оние кои претходната вечер веќе го искачија врвот на Плаќенска планина (Боби, Атанас, Јасна, Александар, Александра и Горде).

Групата која се упати кон врвот на Плаќенска планина, пешачеше околу 2 часа додека да се искачи на врвот, и оттаму бидејќи имавме ведро и сончево време успеавме да ги видиме Преспанското и Охридското Езеро. Глетката беше преубава, вистински уживавме во погледот и мирисот на убавата планина. Откако добро се одморивме, продолживме надолу, но по друга патека, со цел да видиме еден од природните извори и да се напиеме убава планинска вода.

По патот надолу поминавме низ рид на кој имаше многу боровинки, но за жал не беа зрели. Откако го поминавме ридот се спуштивме во шумата и оттука по околу 2 часа пешачење се вративме во манастирот. Тука, не чекаше групата која отиде на врвот Лиска, воодушевена од искачувањето, глетката и целата вегетација на која наишле качувајќи се нагоре кон врвот. Откако ручавме, се упативме надолу кон селото каде ни беа оставени колите и за околу 2 часа, со претходна пауза на истото место во Кичево пристигнавме дома презадоволни од убавините на Илинска планина.

Бојана и Ристе

Бојана и Ристе

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go