Јануарско синило над Љуботен

11.01.2014

Заради промена овојпат решивме да одиме преку месноста Корита. Неколку часа не следеше топлото утринско сонце низ дремливата листопадна шума. Одвреме навреме ќе видевме по некоја птица во лет како ужива во синилото над густо распоредените дрвја.

Горе врвовите беа заробени од темни облаци. Како и обично не се откажуваме. Одиме. Во стрмнините меѓу карпите навлегуваме во царството на непробојните облаци. Газиме полека по малку замрзнатиот снег населен со камења во разни форми. Облаци, карпи, снег идеална комбинација за навлегување во мистичното.

Ни останува уште малку пат до Љуботен. Одеднаш излегуваме од ропството на облаците. Како шилец кон небесното синило се издига врвот. Облаците околу него заедно со златното сонце, снегот и ветрот го играат танцот на светлината.

Врвовите на Шара ѕиркаат од легнатата дебела покривка врз котлините. Сите петнаесетмина колку што бевме во различни временски интервали стигнуваме на врвот. Се радуваме и уживаме во убавината на подарениот ден.

Додека сонцето се наведнуваше спрема острите рабови на огромниот масив слегуваме неволно. Паѓа мракот, но е преубав. Тивка е ноќта. Ѕвездите се палат една по една. Благословени од сјајната месечина излегуваме од сонот на планината. Пристигнавме во придушената светлина на градот.

{gallery}akcii/2014/ljuboten2014{/gallery}

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Step Marketi Stop&Go