Пред Божикна планинарска прошетка Мариово-Трескавец

05.01.2014

Маглата ни беше придружник тоа утро до Прилеп. Пред да влеземе во градот од месноста Плетвар само за миг ни се отвори едно прозорче за да уживаме кон Трескавец и Златоврв што се капеа во штотуку излезените зраци. Влегувањето во Прилеп наликуваше како слегување во подземјето.

Попат ја собравме нашата домакинка и водич Роза и тргнавме за прилепско Мариово. Магла. Густа одвај проодна. Навлегуваме во во пределите на Мариово. На едно возвишение застануваме да се нагледаме на преубавите предели кои се потопени од тешката магла низ која како вигвами ѕиркаат само повисокте ридови. Повторно навлегуваме во здодевната магла. Пристигнуваме во село Манастир чијшто камени куки не пречекуваат во дремката на пладневната измаглица.

На самиот крај од селото е сместен манастирот Св.Никола. Една од најубавите градби на византиската уметност во земјава. Храм со илјадагодишна историја кој за миг не врати во тајните и богати случки на минатото. Измина пладнето, а маглата инатаму не држи во окови.Не попушта. Но, сепак продолжуваме кон месноста Еленик.

По два часа одење небото се отвора. Непрегледна убавина на дланка. Карпи во најразлични форми, кањони, шум на реки, заснежени врвови и златолисни дрвја. Конечно. Еленик! Од високите стрми камени ридови се спушта Бела Река.Брза и бела (поради запенетоста)со силен пев ни доаѓа во пресрет. Маѓепсани и занемени останавме долго време заробени во звукот и светлината на белиот кањон.Неволно го напуштаме волшебното место. Полека се качуваме кон карпестите ридови облеани со веќе силното сонце.

Бавно сонцето легнува на хоризонтот. Снежните рабови на Ниџе и Кајмакчалан легнати во заруменетото небо ни испраќаа далечни поздрави. Голините ги оствивме зад нас. Врвиме низ жолтата дабова шума и сувите треви. Незабележливо паѓа мракот и магла пак не обвива. Домаќините од манастирот не пречекуваат со убав разговор, топли домашни гевреци и планински чај. Се разделуваме за повторна средба можеби напролет. Тргаме за назад кон Прилеп. Маглата не не пушта. Некако се дотркалуваме до манастирот Св.Горѓи во околината на Прилеп. Не пречекуваат домаќинката Васка, седум кучиња и 4-5 мачки. А,внатре !Уф! Новиот шпорет се разгорел. Трпезата што да се каже.Салати од свежа зелка,запечени пиперки со лукче, туршија, па разно-разни дотатоци. Главно јадење пред Божик се знае превкусно тавче гравче во глинена тава,биено прилепско сирење, кашкавал, печен компир, топол леб … и масата не се гледаше од убаво нареденото јадење. За наздравување лута бела и жолта ракија и секако црно вино од гостинката Панде од лозов насад стар два века. А, Лазо како познат и признат скараџија не одолеја, а да не зготви колбас и свинско на жар. За тие што не постеа, де. Млада месечина и безброј звезди ни беа покривка таа предбаникова вечер во манастирот Свети Горѓи.

Утрото на пат кон Трескавец беше сиво минувавме како низ зачадена просторија. Маркови кули и сивозелените величествени карпи наликуваа на дамнешни древни загубени мали кралства. Од рано многу луѓе змиулесто се движеа кон манастирот. За жал овој пат не пречекува тажна слика од пеплосаните конаци. Но, сепак култното светилиште и натаму и натаму магнетно привлекува. Во уште поголема количина луѓето ја чувствуваат неговата моќ. Во придружба на остриот северен ветер и пригушенета сива светлина слегуваме. Патот не води подлабоко во Пелагонија кај нашата Александра. Не нагости со кафе,какао и домашни кифлички. Како и секогаш пречеклива и гостољубива.

Приказната предбожиќна завршува во Велес кај чичко Тодор (на Кире татко му). Од стари велешки корени, човек кој иако навлезен во деветата деценија е вистинска градска легенда на романтичниот ридест Велес. Нормално и таму не може да минеме без трпеза. Велешка работа.

Не воодушеви со неговите кажувања за стариот град о д почетоците на 20 век, посебно за традиционалните јадења. Пити, пастрмалија, сарми, пинџур, грав, старински леб што ги правеле мајка му и баба му. А, беше посебно горд на својата мајсторија на правење вино кое фрлало искри. Така внесен во раскажувањто љубопитно го слушаше и следеше секое движење милото и умно кученце бретонецот Алекс најпопуларен лик во градот.

На пат за Скопје мрак со мала измаглица. Крај патот во ноќта стотици огнови како паднати ѕвезди на земјата го најавуваа доаѓањето на Спасителот Господ Бог.

Христос се Роди!

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go