Бориславец во сива амбалажа

27.10.2021

Драгана, Петар, Митко, Александар и Дарко.

Бориславец е член на угледното семејство врвови кои живеат долж целиот Шарски ѕид. Самиот врв е масивен и стои условно отсечен од околните врвови. Страните на врвот се спуштаат кон долови и платоа, на едно од кои лежи Црно езеро. Поради тоа, врвот е маркантен и оддалеку препознатлив, а од него самиот видик е панорама на цела Шара.

Еден од начините да се пристапи до Бориславец е преку селото Ѓурѓевиште. Токму овој пат го избравме за викендов. Од селото тргнавме околу 7 часот.

Патот е поделен на три сегменти. Првиот дел е благо искачување низ шума на чиј излез се надоврзува вториот дел, голо плато, кое пак води до последниот дел, стрмно искачување до врвот. Патеката е скржаво маркирана, но генерално патот е едноставен па тоа не е некој голем проблем.

Интeрнетот претскажа облачно време со малку попладневно сонце, а времето дента реши да се држи блиску до најавата. Освен тоа, не почести со густа магла. Додека да излеземе од шумата не следеше ситен дожд. На излезот на шумата дождот отстапи место на чиста влага и магла, и не лиши од било каков поглед кон врвот, не во контекст на убавина, туку во позначајна смисла, од било каков референт за нашата локација. Очекувано, залутавме од патот.

Со кратко навраќање го најдовме патот, за кратко потоа повторно да залутаме. Сето талкање ќе беше можеби избегнато, но GPS уредот кој го носеше Петар не работеше.

На средина од платото патот се двои. Едната гранка води кон Црно езеро, околу врвот, а другата води директно нагоре кон врвот. Делницата е обележана со патоказ, a од патоказот, ни трага ни глас. По кратко талкање ги најдовме моштите на патоказот, или барем доволно да констатираме дека некогаш стоел баш таму, каде сега имаше куп пепел, деланки и ѓубре. Со помош на алтиметар и снимена патека до езерото од Wikiloc, најдовме каде сме и каде треба да одиме.

Полека стигнавме и до врвот, каде, како што кажа интернетот, не пречека сонце, малку ветер и микро дози од остатокот од Шара кога некој облак така ќе решеше.

Tурата помина потполно во есенски услови, со малку декоративен снег околу врвот.

Важно за врвот да се напомене е што релјефно е разбрануван и лесно може да се изгуби групата. На некои места доволно се дваесеттина метри оддалеченост за некое вдлабнување да сокрие цел човек од видик. Не само во магла, туку и во потполно чисто време се има случено некој да заостане и заталка во погрешна насока, па убаво е да се припази малку.

Овој пат, маглата ни го зачини шетањето со талкање и думање, но ете, доблестите на дигиталното доба не извлекоа од пресолена каша.

Да се вратиме до колите ни беа потребни малку повќе од 11 часаови. За дружењето е сувишно да се зборува, сите сме си интересни и имаме што да кажеме, па 11 часови минаа (скоро) неприметно. Единствен сведок за нивното минување ќе бидат по некој плускавец, по некоја слика, и падот на ноќта.

Пишува: Александар Стојановски

Назад кон извештаите
Scroll Up
  • Scout Nomad Mobility Garmin Intersport Step Marketi Stop&Go