30.09.2017
На почетокот на мојот извештај збор-два за “Козјак Треил“ 65 km, 3000 D+
Оваа патека претставува една од култните на Крали Марко Треилс, а оваа година се одржуваше по третпат (претходно 2014 и 2015). Трасата минува од Прилеп преку Трескавец, Прилепско езеро, Плетвар и врв Козјак, с.Крстец, ман.Присад, назад до езеро, Трескавец и Прилеп. Околу 15-16 км се широк макадам пат, 2-3 км асфалт, а останатото треил патеки од кои некои по навистина технички каменест терен. Во минатите изданија главниот збор го имаше Жикица Ивановски со второ место во 2014 и победа и рекорд на патеката (7ч 35м) во 2015 година, а одлични резултати постигнуваа и Константин Атанасов (7ч 53м), Махмут Јавуз (7ч 59м), Јовица Јованчев (7ч 57м), Александар Симјаноски (8ч 05м)…
Лично на овие две изданија на КМТ немав мотив и храброст да се пробам на 65-ката и покрај добрите резултати и неколку подиуми што ги имав на пократките планински трки во 2014 и 2015 година. За разлика од мене партнерот со кого најчесто трчаме Дејан Тодевски се обиде, па првата година едвај заврши со време 12 часа, а втората финишираше со просечно постигнување 9ч 36м. Веројатно нешто слично ќе ме снајдеше и мене, со разлика во нијанси. Сепак од тогаш помина доста време, километражите растеа, границите се поместуваа и дојде време за настап со респектибилно време на оваа дистанца.
Подготовки и тренинзи до КМТ 2017
За сезонава можам да кажам дека се одвиваше најдобро што може. До пред КМТ имав истрчано близу 2000 км и околу 85000 висински метри. Голема километража и многу висинска разлика во зимскиот период, неколку трки во рана пролет (лични рекорди на полу 1:23, 10 km крос 38:26 и др). Во мај дојде Елбрус 5642м со две искачувања во недела дена и македонски брзински рекорд 5ч 35м, веднаш после тоа победа на ’Момата Треил’ со рекорд на патеката, па одлични 36 минути на „Прв до Врв“, брзински рекорд на Титов Врв… Летото долг период на Алпи со малерозни моменти во поглед на време и повреди, ама сепак одработени многу јаки МКД брзински рекорди на Мон Блан 4810м и Ортлер 3905м. Потоа следеше балканската трилогија (Мусала, Вихрен, Митикас) за 17ч 55м, второ место на „Соколов Пут“ со многу мало задоцнување зад победникот. Се беше подредено за одличен резултат на КМТ, единствено ме плашеше повредата на глуждот која често ја обновував ама знаев добро да ја менаџирам. До неколку недели пред трката се размислував дали да одам на 31к или 65к, ама повлекување на 31к без разлика на остварениот резултат ќе значеше избегнување на дуелот со Бонев и Тоде па одлуката беше една. Две-три недели пред КМТ во разговор со Игор Карас (директорот на трката и финишер на 65-ка во 2014 и 2015) ми рече “Сигурен сум дека имаш резултат околу 8 часа, а ако ептен се погодат условите може и под тоа“. Си помислив, Карас малку греши во пресметките и не е баш убеден во постигнувањето на нов рекорд, но само му ги побарав премините по КТ од рекородот на патеката и истите ги добив благодарение на уредната архива на Трајче Панковски. Ги разгледав и направив разработена шема за време од 7ч 30м што сметав дека е сигурно остварлива, а за подобро од тоа ако има услови.
Конкуренцијата на КМТ 2017 “Козјак Треил 65к“
Марјан Бонев – Човекот што е асоцијација за планинско трчање на кратки и средни патеки (се мисли на дистанци до 30-тина км) во Македонија последниве 5 години, голем број на домашни и меѓународни победи и подиуми, државен шампион во 2015. Се познаваме многу добро, заедно бевме и на Елбрус, има големо влијание во инспирацијата што ја добивам во планинското трчање низ годините. Првпат трча ваква дистанца, ама кај Бонев нема импровизации – знае во што се впушта и добро има пресметано дека ќе оди под рекордот на патеката. На кое место атакува се знае – на победа. Ги имав добиено последните два дуели со него (Елбрус Скајрејс и Момата) што влијаеја на рушење на психолошката бариера за непобедливост во мојата глава, но уште повеќе го респектирав. На две недели пред КМТ ја потврди исклучително високата класа на ’Охридски маратон’ со 1ч 55м. По мене негов најголем хендикеп за планинските трки сезонава е немањето можност за соодветен тренинг во Франкфурт, па мора да користи импровизации. Сепак пред трката на хартија за мене е фаворит број 1.
Дејан Тодевски – Со Деки се познаваме одлично, можам да кажам дека го знам до најситни детали. Голем фанатик, огромен напредок за кратко време, а последните две сезони во планинското ги трча на највисоко ниво. Поставувањето и следењето на тактика сеуште му е слаба страна, па често гори во желбата и еуфоријата, но спремноста ја има и кога ќе му се погоди денот тешко е да се запре. Силни страни му се спустот и т.н. „Power hike“, а послаба страна брзината на рамни и брановидни терени. По моите скромни познавања и искуствата од некои заеднички трки има за нијанса понизок лактатен праг и воопшто толеранција на лактати, па после 30-40 км во повисок ритам може да има проблеми со грчеви во мускулите. Без разлика, не смее човек да го потцени и влегува како фаворит за победа, бев сигурен дека ќе има резултат под 8 часа – колку под тоа не знаев.
Филип Симоновски – На Фичо мора да му се симне капа во старт за храброста да трча на 65-ка. Лани финиширавме на делба на второто место на 31к со време 3ч 05м, па годинава можеше комотно да оди на истата трка и веројатно да победи со време околу 3ч 00м бркајќи го рекордот на стазата. На своите 20 години веќе е и сениорски репрезентативец на МК во планинско трчање, голем потенцијал и неговото време допрва доаѓа. Сепак оваа година 65-ката за него требаше да биде еден вид проба и ново искуство, брз е на рамно, одличен на успон, меѓутоа послаба страна му е спустот. Пред трката од него очекував време околу 8ч 00м што потоа и го оствари (имаше малку поголема минутажа поради губење од 4-5 км).
Мики Стефанов – Мики е ‘All rounder’ го има на секаков тип на планински трки, вози и точак, мислам дека и во некои верзии на триатлон. КМТ е негов терен што го потврди со одличните резултати и двете 5-ти места (на 65к во 2014 и на 90к во 2016). Сепак оваа сезона мислам дека заостанува зад нашата спремност и тоа не по негова вина туку ние претеравме. Затоа не го вброив во фаворити за победа, ама очекував висок пласман и време под 9ч 00м (го оствари 8ч 56м).
Има уште тројца момци кои беа во комбинација за “Козјак Треил“, сите врвни спортисти, кои доколку учествуваа ќе ја направеа трката уште поинтересна: Александар Стојкоски (се одлучи да трча на 110 км и не згреши победувајќи со многу силно време), Душан Базиќ (во разговор ни кажа дека е на свадба баш за време на КМТ викендот) и Ивајло Атанасов (колку што разбрав поради повреда, иако и доколку дојдеше на КМТ можеби ќе беше дел од 110-ката).
КМТ 2017 – Викенд
За Прилеп отпатувавме во петок попладне заедно со Бонев, Деки и Фичо и се сместивме кај одличниот домаќин Пајмак. Огромна благодарност до него. Го познавав од разноразни трки, многу брз на рамно на средни патеки, одличен и на подолги стази до полумаратон. Беше пријавен на 110 км, а јас на 10-тина дена пред трката се обидов да го разубедам да оди на пократка дистанца. Бонев рече “Издржлив е Пајмакот, може многу да трпи“ и беше потполно во право. Херојски ја заврши 110-ката и заслужува максимален респект и од планинските тркачи и од атлетичарите.
Анализа на трката “Козјак Треил 65к“
Исхраната пред трка беше едноставна и вообичаена, за вечера тестенини во рамки на паста-партито на организаторот, а за доручек леб со путер од кикирики, џем и нутела.
Стартот на 65-ката беше во 8:00 часот, а ние пристигнавме таму 30-40 мин порано. Имаше време за кусо загревање, малку хидрирање и еден енергетски гел 10-тина мин пред стартот на трката. Прогнозата за Прилеп беше сончево време со макс. 20 степени што ветуваше добри услови за трчање. Стартувавме точно навреме и веќе во првиот километар се издвоивме во група со Бонев, Деки и Фичо. На почетокот малку ми брзаа, но потоа го стабилизиравме темпото и без форсирање со попатни шеги и муабети стигнавме на КТ Трескавец за 56 мин што е одлично време на минување (планот ми беше 1ч 00м). Следеа 10 км главно спуст кон патот за Дабница и Прилепско Езеро кои ги поминавме во ист чекор со Бонев и Деки, а Фичо тука заостана 7-8 мин. Од езерото до с.Плетвар следи досаден сегмент од 6 км по макадам пат со благ успон каде одевме со просечно темпо околу 5:30/км. Во овие 24 км (од моја перспектива) во два наврати Бонев се обиде да тргне малку појако за ако може да се одлепи, но виде дека тогаш појачуваме и ние па се одлучи да остане во група. Деки во овие 24 км несвојствено за него се движеше смирено и тактички, единствено пред Трескавец осетив дека пулсот му е висок и потешко дише, ама не му кажав ништо за да не му влијаам психолошки. На шала и смеа ја поминавме КТ Плетвар (24 км) каде добивме поддршка од Марин и се упативме кон највисоката точка на трасата – врвот Козјак 1747м. Веројатно најубавиот дел од оваа патека што за жал годинава беше опожарен непосредно пред трката, па голем дел од вегетацијата беше изгорена. На стрмниот успон пред врвот Козјак малку го појачав темпото па се направи разлика од 100-тина метри меѓу мене и Бонев и веројатно исто толку меѓу него и Деки.
Тактиката ми беше да стиснам појако на техничкиот спуст кон Крстец бидејќи тоа ми е веројатно најјака страна и успеав да го поминам за одлични 26 мин со што на КТ Крстец бев за вкупно време 3ч 51м (наместо планираните 4ч 10м). По краткото освежување се изненадив кога го видов Деки кој пристигна само 2 мин после мене, делуваше свежо па му посакав среќа и продолжив кон Присад. Маркациите во овој дел беа добри, можеби и не сум вистинско мерило бидејќи ја знаев патеката, а пред да искочам на макадам патот за Присад налетав на стадо овци и имав мали проблеми со овчарските кучиња. На макадамот добив чувство дека сум бавен, а гарминот покажуваше пејс 4:20/км што е сосема добар со оглед колку имав поминато и колку имаше напред. Па си реков ова темпо е сосема во ред, ако момците имаат сили за побрзо нека ме стасаат. На КТ Присад стигнав за 4ч 34м, ова беше и точката за свој багаж (Drop-bag point) но бидејќи ништо немав оставено се задржав кратко за мало освежување. На излегување од манастирот го начекав Деки како стигнува, беше точно три минути позади мене, му посакав да издржи вака до крајот. Очекував да го видам и Бонев знаејќи дека е побрз на рамно и благ спуст, но не се сретнавме па помислив дека можеби има некаков проблем (на оваа КТ се чекирал 10 мин по мене, 7 мин после Деки). Следеа 5-6 км досаден спуст по макадам до КТ Прилепско Езеро, не можам да кажам дека имав било каква криза за време на трката, ама овој иако лесен сегмент ми беше ужасно досаден. На КТ Прилепско Езеро бев за 5ч 02м (планот беше 5ч 25м) и брзо продолжив понатаму без да видам некој од момците позади мене, а во делот кон Дабница монотонијата беше заменета со разминување со дел од тркачите на 31к од кои посебен респект за момците од 091runcrw чија поддршка значеше многу. На патот за Дабница добив информација од Туман и Еленин дека на КТ Езеро Деки се чекирал 3 мин после мене, а Бонев 10 мин. Следеше успонот кон Трескавец, саатот покажува 13:30 часот, веќе беше топло и сонцето печеше. Имав доста сила и добар дел од успонот го трчав со што од патот за Дабница до КТ Трескавец стасав за 44 мин, вкупно време 6ч 21м (наспроти предвидените 6ч 45м). Се чувствував супер и знаев дека има шанса за резултат под 7 часа, но од друга страна бркањето на таков резултат ќе значеше опасност од повреда и губење на сигурното прво место и рекорд на патеката, па се одлучив за доволно брз но контролиран спуст (КТ Трескавец – Финиш 42м 12с). На КТ Трескавец Деки и Бонев се чекирале заедно 11 мин после мене, односно Бонев успеал за 10 км (меѓу 47. и 57. км) да ги анулира 7-те мин предност на Деки. Како што кажа Деки после трката имал проблем со грчеви и морал да го намали темпото. Спустот кон финишот ми беше вистинско задоволство како резултат на сработеното до тој момент и се очекуваше финиш во рамки на 7ч 01м – 7ч 05м. На околу 1 км пред целта ме пречекаа некои од другарите што трчаа на 31к, посебна благодарност до Мики кој истрча со мене до финишот снимајќи ги овие моменти со го-про. И конечно ФИНИШ – резултатот: 7ч 03м 20с за прво место и убедлив рекорд на патеката (цели 32 мин подобар од претходниот). Бев пресреќен од постигнатото, а воедно имав свежина да терам со слично темпо барем уште 15-20 км. Влогот низ годините и целата оваа сезона се исплатеше.
Втор финишира Бонев со време 7ч 16м 58с, трет Деки 7ч 20м 32с. Не можеше да биде подобро, бев дополнително среќен што тројцата си комплетиравме подиум, па уште и сите тројца со извонредно јаки времиња за потврда на најбрзата 65-ка на КМТ. Бидејќи ривалството меѓу нас постои само додека трае трката, онаа позитивна конкуренција што ги движи работите напред, а сето останато време е другарство и взаемна поддршка. И покрај промашувањето на патеката четврти стаса Фичо со 8ч 33м (реално ќе беше околу 8:00), па следна Мери – победничката во женска конкуренција со време 8ч 40м. Не ги опфатив девојките во овој извештај, но огромни честитки за Мери и се што постигна во изминативе 2-3 години.
Анализа со движењето на Жикица при рекордот во 2015
Старт – Плетвар (-15 мин) / Плетвар – Крстец (-11 мин) / Крстец – П.Езеро (-4 мин) / П.Езеро – Финиш (-2 мин)
Храна и хидрирање за време на трката: Вкупно за овие 7 часа внесов околу 750мл вода, 1,5л изотоник, малку пепси, неколку коцки чоколадо, две урми, еден енергетски гел, сосема малку чипс, едно залче алва и една кесичка магнезиум.
Позитивни работи на КМТ 2017:
Овде ќе ги издвојам рекордната посетеност која мислам дека допрва треба да расте, добрата промоција и најави пред настанот, пехарите за победниците – уникатно ремек дело, финишер пиво за секого, тоалети за учесниците близу стартот, солидно снабдени КТ, добар стартен пакет, функционалност на системот за мерење и покриеност во реално време на интернет, одличен оброк после трката за 65к и 110к натпреварувачите.
Негативни работи на КМТ 2017:
Број 1 беше погрешното насочување од страна на официјално лице на КТ на водечките натпреварувачи на 31к со што дирекно влијаеше на нивниот пласман, кинење маркации и менување патокази од локално население, немањето флексибилност да ни се додели подиумот за 65к (мажи) во сабота попладне бидејќи моравме да заминеме за Скопје. Едвај преодна оцена на награди за најдобрите – тешка е борбата да се освестат организаторите на трки и спортските брендови дека победниците треба соодветно да се испочитуваат!
Оценка на КМТ 2017: 4 (четворка) На скала 1-5.
Ова е најмасовната треил трка кај нас, па без разлика што и да се случи секогаш ќе ја има мојата поддршка. Критики имам давано повеќе пати, насочени онаму каде што треба наместо јавно, се со цел КМТ да расте и да се подобрува од година во година. И верувам дека така и ќе биде! За крај благодарност до организаторите и сите учесници, сите заедно направивме и правиме КМТ да биде тоа што е.
Александар Кирковски
Назад кон извештаите