Пат за исток – РУЕН 12.09.2009

12.09.2009

Редно е малку да ги дружиме и планините на исток. Благодарејки на поканата на ПК „Руен“ од Крива Паланка тоа и го сторивме во сабота 12.09.2009 година. Да ги почестиме домакините со наше присаство, мала група од четири члена, Анета, Марија, Дарко и Макси, со одзвавме на поканата и во 08 часот се нацртавме кај рудникот Тораница од каде што беше планирано тргнувањето.

До местото од каде стартувавме мора да се помине преку капијата на рудникот Тораниаца, од каде се оди уште едно километар по асфалтен пат. Точно на време се формира колона од некојси 100 – тина учесници и по блага угорнина по макадам тргнавме нагоре. И тука не начека еден ситен но досаден дожд кој колоната од планинари ја прошара со боите на пелерините и шушкавците. По малку монотоно пошачење по стаза која веројатно беше одбрана за да можат сите учесници без проблем да се движат, по едно два часа скршавме надвор од патот по убава трева.

Дождот веке скоро престана да врне кога пред старата караула не начека едно ветриште. Што би се рекло – пирка оркан. Леле мајко ке не одуваше. Налетавме на двајца велосипедисти кои оптимистички и безуспешно идеа контра на ветрот и плус тоа нагоре. Добро им текна да си ги избуткаат нагоре. По пат не поминаа едно купче џипови и мотори, така да имавме чувство дека сме на некое мото рели. За нив супер, а за нас уште остана ветерот кој корнеше. Требаше камења да ставиме да не не однесе надоле. Како курбан отиде кабаницата на Анета која се скина како лист од хартија.

Објектот на старата караула гледано од далеку ме потсети на пејсажи од Шкотска или тамо негде. Бескрајни тревни површини и караула во далечина што потсеќа на дворец. А ветерот си дува ли дува.

А тој си дуваше и на врвот. Тамо бајаги народ, едно чудо мотори и џипови како од Македонија така и од Бугарија, бидејки оваа акција е меѓународна. Домакините поделија гравче а гостите од Кочани дадоа ориз. Бугарите се пофалија со кобасички.

Некако не се погодивме со метеоролозите па ветерот не не слушаше и си дуваше по свое. Тој беше причина доста од учесниците порано да си тргнат надоле. Среќа што дождот, тој досадниот, престана така да симнувањето ни го олесни. По пат носот на Марија намириса боровинки. Ке се изненадев ако ова девојче не не почестеше со вакво нешто и на оваа тура. Право освежување.

За да не биде само ова од нашата посета во овој крај, решивме да го посетиме манастирот Свети Јоаким Осоговски. Прекрасен манастир во кој има што да се види и да се осети еден блажен мир и спокој. Тамо се сретнавме и со уште двајца наши членови, Сали и Тања кои со дипломатскиот корус во Македонија во цел на презентирање на овие убавини беа на искачување на Царев Врв. Се пофалија дека и тие имале ветер, но нашиот беше појак.

И така времето си помина. Се окрепивме во бифето на манастирот и полека кон Скопје. Бидејки го осмотривме теренот, видовме дека кон врвот Руен може да се искомбинира доста поостра, подинамична и понапорна стаза по која планираме во скоро време да го качиме повторно и се надевам во поголем број.

Искрени поздрави и честитки до организаторот, учесниците и нашите членови.

Пишува: Макси

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank