Попова Шапка – Боговињско Езеро – врв Бориславец и обратно

06.11.2011

ДАТУМ : 06.11.2011 ГОДИНА ДЕН : НЕДЕЛА
ЛОКАЦИЈА : ШАР ПЛАНИНА
ПРЕВОЗ : СОПСТВЕН (НА ПЕТАР ИВАНОВСКИ)
БРОЈ НА УЧЕСНИЦИ : 5
УЧЕСНИЦИ : ДУШКО ХРИСТОВ, ПЕТАР ИВАНОВСКИ, ДИМИТАР ПАВЛОВСКИ, ДАРКО ЈАНЕВСКИ И МАРЈАН ЖИВАНОВИЌ
ДОЛЖИНА НА ТРАСАТА : 32.6 КМ
ВРЕМЕ НА ДВИЖЕЊЕ : 12 ЧАСА И 45 МИНУТИ (ОД 06.50 – 16.35)
НАДМОРСКА ВИСОЧИНА: НА СТАРТ 1802 мнв, БОГОВИЊСКО ЕЗЕРО 1954 мнв, НА ВРВ БОРИСЛАВЕЦ 2683 мнв
ВРЕМЕ: НА СТАРТ УМЕРЕНО ОБЛАЧНО, А ПОДОЦНА СОНЧЕВО И ТОПЛО, НА ВРАЌАЊЕ ВЕДРО СО МЕСЕЧИНА

Интерес за оваа акција пројавија само пет члена од ПК „Македон“ како предлог за еднодневна тура која беше планирана за овој викенд. Договорот беше да се тргне од Скопје во 05:15 кога по пат и беше собран и последниот член.

На Попова Шапка, стигнавме во 06:40 часот. По мали проверки и подготовки, во 06:50 тргнавме по патеката над домот Смрека, се до патот кој води кон стандардната Вакуфска патека. Времето ни се погоди, како да ни навестуваше дека ќе имаме една прекрасна планинрска тура. Одејќи по патот, можевме да фрлиме поглед кон Кобилица, која беше покриена со првите утрински сончеви зраци. Поглед кој буквално ве восхитува. Но, тоа беше само една од прекрасните глетки кои можат да се доживеат на оваа планина.

За да ја избегнеме монотонијата од движењето по широкиот пат, тргнавме попреку по бескрајните ливади, кон Боговињско езеро. Ослободени од било какви пречки, раширени во стрелци, си го биравме својот пат по тревнатите ливади. По тој пат, од десна страна ни се прикажа троецот: Бакардан – Титoв Врв – Мал Турчин. Кога стигнавме на врвот, од сртот на околу 2000 мнв, во подножјето од другата страна ја видовме реката Смрека како и групата од околу 10-тина планинари од ПК „Трансверзалец“ со кои седнавме на краток одмор покрај реката. Бидејќи и тие идеа кон Боговињско Езеро, продолживме заедно.

По околу 1 час пешачење, пред нас се отвори езерото. Сместено на 1.954 мнв, езерото обилува со доста вода, а иако беше убав и топол ден за овој период од годината, делови од водата беа покриени со тенок мраз. Втората група планинари останаа да уживаат во времето и во несекојдневните предели кои се прикажувааа на сите страни, додека ние петмината продолживме кон врвот, бидејки не чекаше уште пат. Ја заобиколивме грамадата на Рудока од десна страна. Директно се искачивме на висина од околу 2.200 мнв и држејќи ја висината по изохипса, дојдовме пред масивот на врвот Бориславец, кој влeва стравопочитување како што се приближувавме кон него.

На долниот дел од падината направивме последен одмор, подготвувајќи се за последните 360 мнв стрмнина, од околу 70 степени, воедно и најтешкиот дел. Тргнавме нагоре кон левиот страна од Бориславец. Тоа искачување траеше околу 1 час, а на дел од нас, ни претставуваше сериозен предизвик. Но, бидејки времето беше како во лето, се ни беше полесно. Пред самиот врв, на некои места имаше стврднат снег и многу тврда земја, а нагибот уште поголем, така што моравме многу внимателно да се движиме.

На самиот врв (2.602 мнв.) имавме сончево време, создадено за мала фото сесија и пресоблекување, бидејќи, знаевме дека не чека долг пат за враќање. Но, времето кое го поминавме на овој прекрасен врв беше прекратко, за да можеме да уживаме во прекрасниот поглед кој беше пред нас. Под врвот на јужната страна, со целата своја убавина се гледаа Црно Езеро, врвовите Враца …

Надоле се движевме уште попретпазливо по замрзнатата земја и стегнатот снег, како и по по самата трева. Движејќи се по долот, на кој има некаква маркација, за кратко време стигнавме до езерото и без некое особено задржување продолживме за назад. За еден час, бевме кај реката Смрека и заобиколувајќи го врвот од каде што се спуштивме на одење, тргнавме кон Попова Шапка.

Иако се стемни, воопшто не се загриживме, бидејќи Месечината ни го осветлуваше патот, па не моравме да ги употребиме нашите челни лампи. Кратејќи го патот на некои места, стигнавме кај колата и домот „Смрека“ во 18:35 часот, како и што планиравме. Набрзина се спакувавме и тргнавме назад кон Скопје.

Се на се, една прекрасна, но и напорна тура. По пат имавме можност да фаќаме разни игри на облаците кои вредеше да се сликаат. Преку разговори и многу смеење, не ја почувствувавме должината и тежината на турата. Времето топло, ретко за овој период од годината, особено на планина. Заморот дојде откатко си дојдовме дома, но тој замор трае кратко. Единствено што жалевме е што не бевме во поголем број. Можеби, со повеке луѓе ќе се забавеше групата, но кога сме во планина, нема причина и многу да се брза, затоа што е најубаво да и се препуштаме на убавината на природата.

За оние кои можеби не би имале доволна сила да стигне до Бориславец, лежењето покрај Боговињско езеро е сигурно нешто што треба да се направи. Ние одевме преку Попова Шапка, но до езерото може да се дојде и преку Ново Село, над Боговиње, што е многу пократко. Во летниот период е примамливо логорување со шатори, бидејки има доста врвови за искачување, како и езера за бањање, Боговињско, Бело и Црно езеро. Ова сигурно ќе ни биде во агендата за следната година.

Благодарност до сите учесници и до нашиот водач Дуле, кој ни овозможи движејќи се по овие убавини, уште повеќе да ја засакам мојата татковина, а секако и Шар Планина, која е најмногу заслужна за тоа.

Макси

Макси, Дуле, Димитар, Дарко

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank