Прво зимско качување – Церипашина

23.11.2008

Скопското утро на 22 ноември 2008 година не ни најавуваше идеално време онаму каде што според договорот на состанокот пред четири дена требаше да се упатиме – на Шара. Врнеше дожд, беше ладно, во воздухот се чувствување мирисот на снегот. Бевме осум членови на КПС Македон и се чекавме пред влезот на една станбена зграда отспротива Универзалната сала. Тргнавме со два автомобила во седум и десет кон Тетово. Веднаш после првата наплатна станица, дождот се претвори во снег и видливоста се намали на стотина метри. Нашите водачи, Боби и Дуле ни препорачаа наместо кон планинарскиот дом Љуботен да се упатиме кон ски-центарот Попова Шапка и да се обидеме кон врвот Церипашина. Така и бидна. Веќе од излезот на Тетово, патот беше покриен со снег – но сепак прооден. Природата беше прекрасна, се беше бело – дрвјата, брдата – зимата конечно пристигна.

Попова Шапка изгледаше како сцена од Шајнинг на Кјубрик – сите хотелски објекти, ски-лифтови и жичницата беа затворени, запуштени и покриени со снег, а покрај касарната на АРМ сретнавме само неколку војници и гранични полицајци кои беа стационирани таму. Направивме куса, десетминутна загревачка прошетка до планинарскиот дом, каде се подготвивме за качување – зимската опрема по долго време повторно ја користиме – гамашните стегнати на нозе, висината на стапчињата за трекинг наместена, по неколку капи и марами на главите, јакните закопчани оддолу – догоре, две групни фотки пред тргнување и зачекоривме кон големото бело пред нас. Аце – славеникот – остана да го почека домаќинот на домот, сакаше да ни приреди гезме по повод неговиот утрешен роденден.

На почеток ги следевме столбовите на жичницата, Боби не водеше, Тања во чекор го следеше, па по пет-шест метри Дуле, по него Искра и Мила и на крај јас, Дејан. Џамбо иако со голема желба да отиде до врвот се откажа поради наводенетите ногавици. Качувањето беше лесно, иако снегот поттурнат од силниот ветер се лепеше на нашите јакни и видливоста беше неколку десетици метри. Од столб до столб, со неколку кратки паузи стигнавме до куќарката каде што завршува жичницата каде се одморивме десетина минути, каснавме чоколадо и сушено овошје и се загреавме со вкусниот чај на Боби, на негово изненадување сеушре беше топол. Како што излеговме од куќарката, ветрот уште повеќе се засили, снегот на одредени места беше замрзнат, а таму каде што беше навеан пропаѓавме до половина. Одењето стануваше се потешко и потешко, но кохерентноста на групата не се разби – сите одевме во колона еден зад друг. Меѓутоа на педесетина метри висинска разлика до врвот условите станаа најекстремни дотогаш – секој следен чекор беше потежок и бараше повеќе сила и енергија од претходниот. Решивме да ја прекинеме авантурата и да се вратиме – Дуле беше видно разочаран бидејќи никогаш не се откажува (барем не кога бевме на триесетина минути од самиот врв).

Враќањето беше лесно , едноставно скијавме по натрупаниот снег. Кога пристигнавме во домот, изненадувањето на Аце беше обилно – неколку чинии се прекрасни салати, сувомеснати производи, благо и секако греена ракија. Набрзинка се пресоблековме во собите и влетавме да јадеме на масата – со секој залак, смеење и позитивно расположение. По ручекот водевме опуштени разговори на тема планинарство и алпинизам и секако, најважното, беа споделени непроценливи совети од поискусните членови за искачувачкиот успех штотуку го остваривме. Прекрасното искуство го завршивме околу 15 часот кога тргнавме накај Скопје по снежниот и наместа замрзнат пат.

Дејан Крле
Според договореното од состанокот кој се одржа претходната среда, планот беше да се направи еднодневна тура до Љуботен, со можност кој не е доволно подготвен да се искачи до врвот, да се качува до истоимениот планинарски дом. До него се пешачи околу 2 часа. Значи, утрото, сабота, 22.11.2008 година, почна интересно. Прекрасното сончево време, некарактеристично за зимскиот период го немаше тоа утро. Метеоролозите добро предвидоа. Обилен дожд кој ги навлажни улиците на Скопје и ги исполни со барички. На зборното место, Broz café во7 часот, составот на групата преполовен. Седум души и плус Аце кој малку доцнеше, но имавме разбирање бидејќи тој беше организатор а и следниот ден му беше роденден.

Се собравме во 2 коли и тргнавме. По пат дојде до промена на планот околу нашата конечна дестинација. Се договоривме да одиме на Попова Шапка. По пат во Полошката котлина почна да вее снег, а и целиот пат понатака. Убава беше таа глетка. Пристигнавме нешто пред 9 часот. Се беше бело, ведро и празно. Толку немаше никој. Човек, автомобил, дим од некој оџак, дури ми изгледаше нереално, вештачко.

Ги извршивме потребните подготовки пред домот Смрека, кој се уште не беше отворен. Тамо остана Аце, кој не беше подготвен да планинари а исто така немаше соодветна опрема.

Другите тргнавме кон Церипашина,а цел ни беа &ldquo антените&ldquo .

Водач ни беше Боби, кој прв го пробиваше снегот и го темпираше темпото на движење според можностите на сите. Како полека ја качувавме патеката, така снегот посилно врнеше, ветерот засилуваше, а се почести беа и подлабоките наноси со снег. Маглата исто така се појави и видливоста беше намалена. Бидејќи се движевме по ски лифтот, едвај се гледаше од еден до друг негов столб. Некаде на околу половина од ски стазата, поради проблеми со опремата Џамбо се врати назад. Пантолоните му пропуштија и целиот беше мокар. Ние другите продолживме. Колоната се движеше полека, правевме почести паузи, најчесто покрај столбовите. Кој можеше, успеваше да го извади фотоапаратот од ранец и да документира по нешто. На тие услови навистина е проблем. Треба да извадиш ракавици, со голема веројатност да ти смрзнат в`натре, па апаратот од ранец, и плус не знаеш дали ти откажала електриката од него, и дури на крај да успешно да сликнеш. Тука можам само да го надоврзам коментарот на Боби, &ldquo …гледате зашто толку многу ми значат сите тие фотографии.&ldquo Сега и јас многу повеќе ќе ги почитувам.

Дојдовме до куќичката на крајот од ски лифтот. Тамо бидејќи имаше услови, направивме пауза со освежување и реанимирање. Суво овошје и малку течност. Се беше замрзнато. Единствено нешто што можевме да пиеме беше чајот на Боби од термос. Во меѓувреме, се распрашав уште колку има? Бев доста исцрпена и силата ја распоредував веќе на ситно. Добив информација дека има уште 100 метри. Тоа и не звучеше така лошо, Јамајканецот Bolt на олимпијадата ги истрча за 9, 69 секунди. Ќе издржам.

Почнавме да се барикадираме бидејќи куќарката беше како граничник, од каде нагоре почнуваше посилен ветер. Кога ги ставав ракавиците, внатре ми беа смрзнати. Марамата над уста, капата не ја ни вадев и сите тргнавме. Тоа беше мал шок за мене. Ветрот дуваше во нас. Беше толку силен што требаше да ја поместам тежишната точка. Ветерот беше промешан со ситни снегулки или пак честички од маглата кои замрзнале и допирајќи во незаштитениот дел од лицето предизвикуваа силно пецкање. Затоа сите беа наведнати со главите надоле. Разговор пак, не доаѓаше во предвид. Единствено комунициравме и се координиравме со мавтање со раце или пак еден до друг со викање толку гласно…нешто што наликуваше на разговор кој се одвива веднаш до озвучувањето од некоја дискотека. Се чувствував како да искачувам некој планински гребен, најголем, далеку од Македонија, иако немам ни најмала претстава како изгледа тоа. Сите ги следевме стапките, тие во места со наноси беа длабоки до надколеницата… Како ли му било само на водичот? Да ве запознам со тимот: Боби, прв. Втора, веднаш зад него одеше Тања, како верна сенка, потоа Дејан. Јас по него се ориентирав. Дуле, е Дуле беше насекаде. Горе, прв, втор, лево, последен…го немаше :). Потоа одеше Мила. Таа ми го чуваше грбот. Најпоставувано прашање и беше: Искра, можеш ли ? …-Да!

…И после многу да, следеше и судбоносното не. Моите сили беа исцрпени. Не можев повеќе ни нога да кренам. Беше околу 12 часот, а бевме на 50-тина метри од &ldquo антените&ldquo . Уште ми се во глава тие метрите, дали се надморска височина, дали метри пешачење, метри квадратни, можеби воздушна линија!!??

Тамо, на највисоко достигнатата точка, се собравме во круг и прославивме за постигнатиот успех со поскокнување во место. Мене тоа ми беше најубавиот момент. Не зборувам само за тој ден, туку досега воопшто,од моето кратко планинарско искуство.

Сега сите надоле. Беше малку полесно и темпото беше побрзо. Јас во еден момент и се уплашив. Дејан, кој беше пред мене, ми се губеше од видот. Растојанието беше константно околу 5-6 метра, но промената на интензитетот на ветерот заедно со маглата правеа моменти во кои го немаше во моето видно поле. Од друга страна не можев ни да се завртам наназад од ветерот за да видам дали е Мила зад мене. Ми се заврте и филм: Колку е лесно да се изгубам и да не ме најдат. Среќа што не ме држеше тоа многу и помина таа мала криза.

Веќе дојдовме и до почетокот на ски лифтот. Тука се пораскомотивме во одот и некои почнаа да трчаат надоле. Како одевме, така и временските услови беа се подобри. Интересни ми беа сите замрзнати работи кои беа на нас, почнувајќи од палестинската марама која ја носеше Мила, дел од косата на Дуле, снегот на веѓите на Боби и моите смрзнати трепки кои едвај чекам да ги видам на фотографија. Дејан и Боби направија фотографии, и така полека, некаде пред 14 часот стигнавме до домот Смрека, кој сега беше отворен. Тамо се раскомотивме и пресоблековме. Во него веќе не чекаа Џамбо повратникот и Аце, кој не изненади со спремна трпеза во чест на неговиот роденден. СРЕЌЕН РОДЕНДЕН АЦЕ!!!

Сите испоседнавме. Полека почнавме да ги полниме батериите, стомаците и да ги сумиравме впечатоците. Боби ни кажа дека сево тоа што го поминавме го потсетило кога тој бил на Хималаите. Исто така, со Дуле ни кажаа некои вистинити случки на планини, во слични услови, и како завршиле тие. Колку малку треба за згрешиш за да залуташ. Во секој случај, 2 благодарам во врска со тоа. Едно затоа што ги споделија со нас, за ние сами да извлечеме заклучок од тие нивни искуства и второ, затоа што истите случки не ни ги кажаа пред тргнувањето.

Така дојде време за да си одиме. Секако дур не беше стемнето поради возачите. Се поздравивме со дежурниот домар и тргнавме.Патот помина без проблеми, пристигнавме во Скопје и по планот се разделивме.

На крај сакам да кажам дека поискусните во групата ни влеваа сигурност на нас, членовите со помало искуство и никој ни во еден момент не се почувствува загрозен, на било кој начин, земајќи ги во предвид условите по кои качувавме. Се на се, ова искачување, со оглед на бројноста на групата, составот, опремата и физичката подготвеност на членовите, со еден заклучен збор беше ПОДВИГ.

Искра Геразова

Дејан, Боби

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank