Роденденско искачување на Сандакташ

23.11.2013

По многу размислување каде да го прославам мојот 30-ти роденден, на предлог на мојата пријателка и планинарка во ПК “Македон” – Цаци, решив истиот да го одбележам во Тајмиште, кој се наоѓа на околу 900 мнв при што истовремено би го искачиле и Сандакташ, на планината Стогово, висок 1.981 мнв.

На мое големо задоволство – 29 Планинари, меѓу кои: Цаци, Александар, Дебарлиев, Лина, Николчо и Верче со децата, Анета, Влатче, Сузе, Бети, Луција, Боби, Филип, Диме, Драгана, Денко, Тануровски, Дуле Христов, Тони, Ќос, Макси, Ирена, Емилија, Петар, Алек, Ханс и јас, Александра, се собравме на договореното место и време и тргнавме кон планинарскиот дом Тајмиште.

Планинарскиот дом Тајмиште се наоѓа на час и половина возење од Скопје, вртејќи десно, веднаш откако ќе го поминете планинскиот превој Стража. Особено не радуваше фактот што до самиот дом може да се стигне со возила, што го прави особено погоден при организирање на прослави, како што беше и оваа.

По кратките подготовки и сместување во домот, 16 планинари некаде околу 10:30 часот, тргнавме кон врвот Сандакташ. Времето не ни беше воопшто наклонето, но не обрнувавме многу внимание на тоа, барем не на почетокот, кога на сите ни беше суво и топло.

Врнежите од дожд не следеа 2.5 часа откако тргнавме, потоа беа заменети со лапавица, за на крај на околу половина час пред врвот, најголемиот дел од нас, до гола кожа намокрени, да го осетиме, за многу од нас, првиот снег оваа година, и морам да споменам, проследен со ладен ветер.

Тоа беше причината што на врвот, каде стигнавме околу 13 часот да се задржиме сосема кратко и веднаш потоа, да поминеме низ истите препреки за назад – снег со силен ветер, лапавица и дожд. Беше навистина штета што не го видовме неверојатниот поглед од Сандакташ, но ете тоа е причина да се вратиме таму и некој друг пат.

По враќањето во домот, следеше мал одмор ииииииии ЗАБАВА, која траеше до раните утрински часови.

Планот за следниот ден беше да ја разоткриваме околината на Тајмиште, но за жал бевме спречени истиот да го реализираме од причина што не престана да врне цел ден, за пред тргнување за назад, планината Стогово да не испрати со лапавица.

И како што знае да каже Дуле Христов, планинар што особено го ценам: – &bdquo Нема лошо време за планинарење!&ldquo така беше и со оваа акција.

И покрај лошите временски услови, цело време имаше насмеани луѓе наоколу.

Александра

Александар, Никола и Диме

Назад кон извештаите
  • Vrsnik Step Marketi Velo Helo FPSM Bonita Alga San Alga San Sport Lab ProCredit Bank