14.10.2012
Како и изминатите години, за празникот 11 Октомври, ПК “Мaкедон” изведе планинарска акција на планината Пирин во Р.Бугарија. Акцијата ја изведовме тројца членови од клубот: Јас (Дејан), Петар и Дуле во периодот од 11 – 14 октомври 2012 год.
Четвртокот, околу 05:30 часот, со автомобил од Скопје се упативме кон Банско, Р.Бугарија. По релативно долгото задржување на граничниот премин (околу 1 час) и неколку часовното возење, пристигнавме во центарот на Банско каде што беше и нашата стартна точка. Во 12:30 часот (по бугарско време), од центарот на Банско се упативме кон планинарскиот дом “Вихрен”. По 3 часа планинарење низ убавата борова шума на Пирин, пристигнавме во домот. Оставивме дел од опремата и веднаш се упативме кон врвот. За 2 часа бевме на врвот Вихрен, првиот од трите планирани за нашата акција. При симнувањето од врвот, изведовме и една “спасувачка” акција. Сретнавме еден несериозен бугарски планинар, кој незнаејќи го патот, без никаква опрема, храна, вода и слабо светло,… се качил на врвот. Беше изгубен, исцрпен и не можеше да се спушти до планинарскиот дом. Му помогнавме и заедно стигнавме до домот. Со тоа заврши првиот ден на Пирин.
Следниот ден, од планинарскиот дом “Вихрен” за 3,5 часа се искачивме на врвот Мала Тодорка, а веднаш потоа и на Голема Тодорка. По патеката до врвот, поминувавме низ предели со многу езера: Окото, Рибино, Жабешко, Тодоркини очи… кои го збогатуваат убавиот пејзаж на овој дел од планината. Од врвот се упативме кон нашата втора база, планинарскиот дом “Демјаница”. На околу еден час пред домот, поминавме крај Василашките езера, за кои препорачувам секој што е на Пирин да ги посети.
Третиот ден, нашата рута беше дом “Демјаница” – Тевно езеро – врв Каменица. Временските услови не ни беа многу наклонети. Времето беше облачно и цело време се движевме низ магла, поточно низ облаци. По пристигнувањето во заслонот на Тевно езеро, бевме во дилема дали да продолжиме кон врвот или не. Во заслонот останавме околу 2 часа и чекавме да се подобри времето. Одлучивме – одиме кон врвот. И така во магла, го качивме и врвот Каменица. Вечерта се вративме во “Демјаница”. каде што ја поминавме последната ноќ на Пирин.
Во неделата, од домот “Демјаница” за 3 часа се спуштивме во Банско и ја завршивме нашата акција. На враќање кон Скопје, по пат го посетивме и убавиот Рилски манастир.
Дејан
Дуле
Назад кон извештаите